Во чест и спомен на упокоениот Мирољуб Лалевски Нини, го ре-објавуваме текстот токму со него. Чичко Нини, легендо на градот, Куманово ќе те памети и зборува многу, многу подолго од “три секунде”! Слава Ти.
Шеесет години живот со кошарката, носител на Ноемвриската награда на градот Куманово, добитник на многу локални, републички и државни награди. Кошаркар и кошаркарски судија од А листата на најдобри судии на ниво на бивша СФРЈ, боем со шарм и харизма на кои времето не им може ништо. Газда на првото кафуле во Куманово – „Три секунди“. Човек кој направи многу за промоција на Куманово во бившата Југославија, кого сите спортски коментатори од Гевгелија до Марибор го нарекуваа едноставно „ЛАЛЕВСКИ КУМАНОВО”.
Роден е 1939 година, на улицата „Ленинова“ број 13, во трговско – занаетчиско семејство на прочуените златари „Латини“ со потекло од Хрватска. Завршил средно фискултурно училиште во Скопје, после студирал Педагогија, но пред дипломирањето морал да го напушти факултетот, поради смртта на татка си во 1971, за да го превземе работењето во златарскиот дуќан.
Во перидот 1960/61 работи како наставник по физичко воспитување во ОУ „Вук Караџиќ“, а во 1965 како наставник по физичко воспитување во Средното занаетчиско и Економското училиште „Перо Наков“. Со кошарката со која останува неразделно сврзан целиот живот, се среќава многу млад:
„Се сеќавам , бев седмо одделение, кога прочуениот тогашен професор Дајлевиќ не одведе да гледаме кошаркарски натпревар во Соколана. Толку бев маѓепсан од тоа што го видов на паркетот- првпат во животот, оттогаш како што велат – ми „влезе водата во ушите, и до денешен ден не е излезена”!“
Многу значајна улога во развојот на кошарката во Куманово, одигра прочуената „Соколана“ која во тоа време, била единствената сала во која се играле турнири на кошарка, во цела бивша Југославија. Од 1947 година, Во Соколана, секоја година се одржувале зимски турнири , секогаш во втората половина на месец јануари, за време на зимскиот училишен и студентски распуст. Во оваа спортска арена играле сите југословенски клубови: „Партизан“, „Црвена Ѕвезда“, „Борац“ од Чачак, „Олимпија“ од Словенија. Така секцијата за кошарка која постоеше при ДТВ „Партизан“, (во која играа спортисти во машка и женска конкуренција) прерасна во клуб, а на иницијатива на младите играчи и беше организиран првиот зимски турнир. Секоја зима, Турнирот беше главен настан за градот, и во живо можеше да се видат на паркетот најголемите југословенски кошаркарски ѕвезди како Славниќ, Киќановиќ, а турнирот опстојуваше со децении, во салата секогаш преполна со навивачи. Ниту еден град во Македонија не можеше да се мери со постигањата и квалитетот на кошарката како Куманово.
Шеесет години од првиот настап како кошаркар
„Ацо – Коста од ДТВ „Партизан“, од Куманово на мојата 15-годишна возраст, во 1954 година, воочувајќи го мојот талент и ентузијазам ме постави за играч во екипата, а во јануари 2014 се навршуваат точно 60 години од мојот прв настап како кошаркар!
Играв како јуниор во ДТВ „Партизан“, како сениор, потоа станав капитен на екипа, технички раководител на екипа, тренер, спортски директор, и претседател на клубот.
Учествував на две светски првенства во кошарка, пет европски и безброј балкански. На Балканското првенство во Скопје, бев член на Организациониот одбор, како претставник на Куманово.“
Во 1960 година, откако ја навлече капитенската лента и беше прогласен за најдобар стрелец на турнирот со 168 кошеви во шест натпревари,награден е од стручното жири со пат на Олимпијадата во Рим, во својство на гостин – набљудувач. Како активен кошаркарски судија, награден е и со патување на Олимпијадата во Минхен.
„По завршувањето на мојата кратка но успешна кариера како кошаркар, започнувам да се „дружам“ со судиското свирче: Од 1962 до 1964/65 судам во Втората југословенска кошаркарска лига, и Првата женска југословенска кошаркарска лига“.
„Во 1965 година, како најмлад југословенски кошаркарски судија, влегувам на „А“- листата од 20 најдобри судии на Југославија, и таму останувам до распадот на државата, 1991/1992 година.“
Драго ми е што по неколку години пауза, КК „Куманово“, благодарејќи на Советот на градот кој издвојува доволно средства, успешно се врати на спортската сцена и се натпреварува на домашни и меѓународни првенства на кои постигнува завидни резултати.
Во неговата богата и разновидна кариера, мора да се спомене и работата како избран пратеник (делегат) во Собранието на Република Македонија, во периодот 1982 – 1986 година. Покрај евидентните успеси на полето на спортот, освен по занаетчиствот – работата во златарскиот дуќан, Нини е познат и како човекот кој во 1982 година го отвори првото кафуле во градот, незаборавното „Три секунди“, пред кое се чекаше редица за место на некоја табуретка. Гостите беа внимателно одбирани, не можеше да влезе кој ќе посака, а атмосферата се разбира ја создаваше Нини, кој ги собираше околу себе луѓето кои сакаат и знаат да засвират, да запејат, и да уживаат во ноќното дружење. Кафуле со исто име отвори и во Скопје, во склоп на спортската сала на „Работнички“.
Од минатото, прочуени се боемските ноќи на Нини, ноќи кои траеле по неколку деноноќија, со неговото одбрано друштво – Ланг, Лале, Борче Бирбаш…
„Во моментов не се наоѓам на ниту една функција во КК „Куманово“, но секогаш стојам зад мојот клуб, и навивам за него. Тоа е суштинаrа на мојот живот, тоа е мојата голема љубов. Јас по вокација сум кошаркар!“
Пензионерските денови, освен во следење спорт, ги минува со семејството – сопругата Олгица, ќерката Ели и зетот Дејан и со двете обожавани внуки – Мила и Бојана.
“Можев да живеам и работам каде сакам во Југославија – во Загреб, љубљана, насекаде вратите ми беа отворени, но јас толку многу го сакам ова мое Куманово! Ова е град во кој единствено можам да го „дишам воздухот со полни дробови“, град за кој знам дека е мој, од моето раѓање, во кој секогаш итајќи сум се враќал, како на нешто неразделно од себе. Скоро целиот живот сум го поминал на патиштата, но лесно ми беше – знаев дека ме чека мојот верен дом и луѓето што ме сакаат и што ги сакам!”
Објавено 29 Ноември 2013