Почетна РазНоткривање РазНоткривање со Александра Пешевска

РазНоткривање со Александра Пешевска

Ја викаа ќерката на Живко. На Живко Пешевски. Имаше обиди да срка манџа зготвена на плин, од медиокритети. Вино престана да пие зашто во него не ја најде вистината. Александра Пешевска – својата раскошна актерска игра ја комбинира со професионалност и посветеност. Ретка птица, ноќна. Дали пере на празници и каква крема за лице користи? Ви се разоткрива ексклузивно во рубриката разНоткривање. Немојте да сте пропуштиле!

1. Ретка птица сте. Но, дали сте ноќна?

– Ох, благодарам на комплиментот. Да, преферирам ноќно доба, тогаш сум најпродуктивна. Уживам во времето поминато со себе и своите „музи“ и „демони“. Освен тоа, јас сум генерација ЕКВ. Ми мењамо дан за ноќ.

Luxury Catering Service

2. Кој е подобар актер? Тони Михајловски или Сергеј Трифуновиќ?

– Не би сакала да бирам помеѓу нив. И двајцата се исклучително талентирани колеги со различен имиџ, харизма и актерски габарит. Но, со Михајловски сме поврзани на лична основа и фамилијарно заради татко ми. Затоа, предност има Тони.

3. Кога би изгубиле клучеви или телефон, дали би побарале помош на социјални мрежи?

– Хахаха, можеби. Често размислувам како живеевме без социјалниве платформи. Нивото на комуникација е толку површно, исфорсирано и бесмислено. Примат држат оние инфо support женски групи, каде што секој од секого нешто бара, советува, до најбанални работи, така што мојот евентуален апел за помош само би бил капка во океанот. Што вели една собарка: ја не знам пред да се отвори фејсбук куде купуесте леб, куде се шишасте, куде се лечесте, куде се облачасте…

4. Која Комедија дел арте Ви е најромантична?

– Немам. Но, да речеме Голдони, Фејдо, современа, француска. Мојата прва главна улога во професионална претстава беше во втората година на студии, во Прилеп, Карло Голдони – Слуга на двајца господари.

5. Кажете три збора што ги содржат буквите АКТ, а да не се тоа актер или актерка.

– АКТуелно, време за пАКТ, фАКТ.

6. Почнавте ли да користите серум против брчки?

– Сеуште не. Ја сум фан на Бекутан. Ќе видиме уште колку време.

7. Бело или црно вино?

– Вино пиев пред 20-тина години, само црно, во секакви варијанти. И варено. И Сангриа тогаш беше шема на факултет, да се собираме после часови на вино. Но, за брзо видов дека ништо од ВИСТИНАТА и престанав да го пијам.

8. Како се викаше Вашиот прв класен раководител?

– „Трајко, по македонски“.

9. Да мора, апсолутно да е неопходно, кому би сте го дале својот лев бубрег?

– НА ВНУЦИТЕ, и двата!

10. Дали синхронизирате за хонорар турски серии?

– Не. Никогаш не сум, ни досега, ни отсега. Се сеќавам кога се појавија за прв пат сериите, некои колеги држеа монопол, беше невозможно да се упадне во екипата. Дури и преземаа по неколку лика за синхронизација во иста серија. Затоа, некои од ликовите звучат како тинејџер кој неуспешно се претворил гласовно во баба, или дете со боја на глас на Гаргамел. Искрено, имав фази, како и многуте колеги, кога поради екстра приход ќе се излажев да прифатам неколку серии, меѓутоа, од оваа дистанца ми е драго што не го сторив тоа. Исто како што ми е драго за одредени ниско буџетни тв формати кои што не ги прифатив и покрај многуте понуди. Немам ништо против колегите кои го прават тоа, но јас си замислувам поинаку да го трасирам патот на мојата кариера.

11. Перете ли на празници?

– Не, јас не перам на празници, меѓутоа не е исклучено дека на мојата машина за перење може да ѝ се случи да згреши.

12. Кој победил на Евровизија годината кога сте се родиле?

– Врска немам кој победил на Евровизија 1980 година, но гугл сигурно знае.

13. Како ќе го прославите пуштањето в употреба на реконструираниот Театар Куманово?

– Доколку не сум во пензија кога ќе се отвори новиот театар, се надевам дека ќе го прославам со некоја исклучително добра пиеса, современа, и со ангажман на некој врвен светски режисер. Ете, токму така би прославила.

14. Имате ли омилена манџа?

– Омилена манџа (се смешка), па тоа е онаа што упорно ни ја готват некои медиокритети, убедени дека јас доживотно ќе им ја сркам. И тоа, некои фаци, кои не дека имаат амбиција тие да напреднат во животот, туку нивната болна амбиција е јас да не мрднам од место. Е, таа манџа ми е омилена, зашто на времето ја сркав, па кога „провалив“ од што е направена, престанав да ја сркам. Нормално, ништо не е вечно, како што не е вечна мојата неизмерна толеранција, така ќе загори и нивната манџа.

15. Што чувствувате кога ќе Ви кажат дека сте слика и прилика на татко Ви, Живко Пешевски?

– Првин, сакам да се заблагодарам за ова прашање, surprise прашање е, односно прашање-комплимент, кое воопшто не го очекував. Што чувствувам кога ќе ми кажат дека сум слика и прилика на татко ми? Искрено, во приватниот живот не ми е туѓо тоа, но на сцена, оние кои го познавале добро него и кога почнав да играм интензивно, неколку луѓе ми имаат искоментирано дека неизмерно потсетувам на него, и како енергија, и како појава, како став итн. Нормално е дека тоа е гордост за мене, дека ми е многу драго кога ќе ми го кажат тоа, интересен е тој феномен и долга приказна е за товарот од кариерата и од успешноста на татко ми, што го носам и ден денеска, само сé помалку и помалку, затоа што одбрав да се бавам со актерство. Мислам дека децата или луѓето кои се запишуваат random, имаат поинакви борби во животот, во кариерата, за разлика од децата чии родители се актери. Тоа е навистина феномен, со кој мора да се справиш, на пример, јас кога се запишав бев особено горда на тоа што сум ќерка на Живко Пешевски. „Ќерката на Живко“, ме викаа на факултет. Ќерката на Живко талентирана, одлична. И некако, цела прва година бев ќерката на Живко. До оној момент кога сфатиш дека носиш неизмерна одговорност. Прво треба да го осветлиш образот на татко ти, бидејќи сите го фалат каков актер бил, значи индиректно те тестираат дали си достоен да ја носиш сенката од неговото име на свои плеќи, па да го оправдаш тоа, па ти да се покажеш дека си вредна што си ќерка на Живко Пешевски и примена на факултет, е потоа доаѓа најтешката работа: да си изградиш свој сопствен идентитет, независно од тој на татко ти. Тој, секако, ќе те следи цел живот. Но, за мене беше многу важно да ги одвикнам полека да не ме викаат повеќе ќерката на Живко, туку да си направам сопствено име и презиме, независно од татко ми. Се надевам дека успеав во тоа. За жал, тој замина во најубавите години, 48, во најплодниот и најзрел актерски потенцијал, се надевам дека го стасав до некаде, па дури и дека ќе го надминам. Верувам дека тој и во староста, само да ја доживееше, ќе нижеше успеси. Тешко ми е што во мојот животен пат и кариера тој не е покрај мене, ама од друга страна тоа и ме направи многу посилна за некои работи во кариерата.

Р.П.