Д-р Горан Николовски, PhD, македонски доктор по ветеринарна медицина во Дубаи, ОАЕ
На скопскиот Факултет за ветеринарна медицина работеше како професор, кога доби понуда од клиника за домашни миленици во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, да се приклучи на период од две години. Евидентно, задоволството од соработката е обострано, па професионалниот престој на Горан Николовски во богатата арапска земја се продолжи на повеќе од осум години.
Во Дубаи отидовте на две години, а таму сте веќе подолго од осум години. Што Ве привлече, и сѐ уште Ве држи во таа земја? Прва помисла, секако, се повисоките примања отколку во Македонија, но веројатно има уште нешто.
Ви благодарам за прашањето, кое ме потсети на поранешен период, кој се карактеризираше со носење на одлуки кои го променија текот на мојата професионална кариера. Во периодот пред да дојдам да работам во Дубаи, бев професор на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ, со 20-годишно искуство. Имав наставно звање вонреден професор на катедрата за “Внатрешни болести на домашни миленици и копитари “. Тој период, покрај едукацијата на студентите се карактеризираше и со работа со пациенти, што ми овоможи искуството што го стекнав да го применам сега во работата на клиниката каде што сум вработен. Благодарение на сопственикот на таа клиника, со кого се познавам од студентските денови во Загреб, добив покана и договор за работа за период од две години. Во тоа време, новата средина, начинот на работа, односот кон пациентите и сопствениците претставуваше вистински предизвик, кој ме стави пред нов поглед и приод на професионалниот развој. Од мене зависеше дали ќе успеам да се прилагодам и надоградувам, пред сѐ во професионален аспект, а понатаму и во други полиња. Секако дека и моето семејство се судираше со различни предизвици во овој период. По првите две години од престојот и работата во клиниката, можностите се променија во поволна насока, па продолжувањето на договорот за работа беше следниот чекор. Секако дека останав во контакт со колеги од Факултетот каде што работев, разменувајќи различни информации и искуства за професијата на која припаѓаме. Што се однесува од економски аспект, точно е дека финасиските бенефити се далеку поголеми од оние во Македонија, но тоа е само дел од предностите кои се присутни во секојдневието. Тука, пред сѐ, мислам на професионалниот развој, организацијата на работа, одговорноста кон обврските на сите во клиниката…, што ми овозможи одлуката за продолжување на работењето во Дубаи да ја донесам полесно. Секако дека оваа одлука немаше да биде возможна доколку целото мое семејство не се согласеше со неа.
Постојат ли драстични менталитетски разлики меѓу луѓето во Катар, и она на што бевте навикнати кај нас? На кои работи Ви беше најтешко да се прилагодите, а кои ги прифативте без проблем?
Разлики во менталитетот секогаш постојат. Основно е дали сопственикот е одговорен кон својот миленик, и ги прифаќа ли сугестиите од докторот или не. Можам да кажам дека сопствениците на миленици се претежно одговорни лица, посветени кон своите миленици, кои се дел од нивното семејство. Постојат исклучоци, но тие не ја менуваат општата слика на одговорно сопствеништво. Најтешко е да се прифатат очекувањата дека докторите се „богови“, односно да продолжиме живот, на случај кој има прогностички негативен исход, а тоа сопствениците поради разбирливо силни емоции кон миленикот, тешко го преживуваат. Од друга страна постојат сопственици кои на нивниот миленик со хронична состојба, им пружаат соодветна нега, препишана терапија и редовна контрола на состојбата, па тој има квалитетен живот, и сите среќно поминуваат живеејќи заедно.
Вие, во најголемиот дел од работата се занимавате со грижа за здравјето на домашни миленици. Постои ли разлика во односот кон тој вид животни, меѓу нашиов дел од светот (Балканот, Југоситочна Европа), и арапскиот свет?
Повеќето од домашните миленици кои ги третираме се кучиња и мачки.Во поредок случај, како пациенти имаме одредени видови птици, кои секако имаат комплетно поинаква патологија од кучињата и мачките. Исто така во нашата пракса, но во помал број се присутни и егзотични животни, кои се чуваат во домашни зоолошки градини. Постои традиција кај локалните жители на чување кучиња за трки од расата Салуки, и често како пациенти сме ги имале и нив на клиниката. Друга локална традиција на чувањето миленици е соколарството. Чувањето и негата на соколи е особено карактеристично кај одредени кралски семејства, и грижата за нив претежно ја водат доктори со тесна специјализација за птици.
Не премногу често, но некои сопственици Ви носат на лекување и егзотични животни. Како изгледаат тие прегледи и терапии, и дали таквите случаи претставуваат одреден вид едукација, дури и за искусен ветеринар?
Да, во одредени случаи егзотичните животни претставуваат дел од нашите пациенти. Постојат неколку приватни зоолошки градини, а со некои од нив имаме соработка. Вообичаено е да возрасните животни се прегледуваат во зоо градината, каде што најчесто мојот колега оди во посета. Се случува млади животни да доаѓаат на клиниката со различна патологија, карактеристична за млади единки, и најчесто се хоспитализираат во одредени временски периоди. Ваквите приватни зоолошки градини имаат свои негуватели, искусни во полето на таа област, и многу често по одреден период овие негуватели ја даваат препишаната терапија од нас. Секако дека периодот на опоравување може да биде со различен временски тек, па затоа зоо градината, која на овие животни претставува нормална животна средина, им овозможува многу побрзо опоравување.
Кои се најважните совети кои како превентива им ги давате на сопствениците при чувањето домашни миленици? Кои се најчестите болести и како да се спречи, или барем намали, нивната појава?
Советите зависат од неколку фактори. Ние имаме голема датотека со историјат на превентива, заболувања и слично, па врз основа на тоа ги даваме советите. Многу е карактеристично дека се судираме со две големи групи патолошки состојби кај милениците. Првата група ја претставуваат алергиските состојби. Во одредени период алергиите можат да предизвикаат исклучително тешки состојби на пациентот, а последователно и на сопственикот. Во овие случаи имаме исклучително интезивна комуникација со сопствениците, особено давање мислења и препишување на различни медикаменти, со цел да да се подобри квалитетот на животот кај миленикот. Втората група на состојби претставува обезноста, или дебелината, на милениците. Како резултат на ваквата состојба може да се јави диабетес, кардио-васкуларни заболувања, или заболувања поврзани со локомоторниот систем (ортопедски заболувања). Решавањето на овие две групи заболувања е предизвик, и основниот правец претставува комуникацијата со сопственикот, редовна контрола на тераписките протоколи и формирање соодветен историјат за состојбата на пациентот.
Колку е важна исхраната за здравјето на милениците? Кои животни на кој начин треба да се хранат и негуваат?
Ова е прашање тесно се надоврзува со претходното. Имено, исхраната претставува базичен фактор со кој може да го контролираме здравјето кај животните. Во изминативе декади индустријата за производство на храна за миленици, врз основа на научно-клинички истражувања, има пуштено на пазарот различни видови на храна, додатоци на храна и други продукти со цел одржување на нормална здравствена состојба или подобрување на одредени хронични заболувања со консумација на пропишаната храна. На пример, пациенти со хронични бубрежни заболувања потребно е да земаат храна со низок процент на протеини и соодветен процент на натриум во храната. Друг тип храна се користи кај обезни животни, со соодветна калориска вредност. Сите овие типови медицински храни претставуваат дополнителни „алатки“, кои докторите, но и сопствениците, треба да ги употребуваат во секојдневието со цел подобрување на квалитетот на живот на миленикот.
Што им предлагате на луѓето кои сакаат да земат куче, мачка или некое друго животно, а живеат во стан, односно немаат двор? Колку е живеењето во стан ограничувачки фактор за чувањето домашни миленици?
Секој човек кој сака да земе миленик треба да биде свесен дека тоа е нов член на домот, семејството. За секој миленик, без оглед од кој вид е тој, потребни се нега и љубов. Доколку човекот или семејството одлучат да земат миленик, промените во рутината на домот се неизбежни. Добро е да се проценат условите за живот, пред сѐ мислам дали семејството или човекот живее во стан или куќа со дворно место. Секако дека во становите, животниот простор е лимитиран. Видот, односно расата на миленикот, треба да биде оптимален за заедничкиот живот. Многу сакам да имам куче златен ретривер, но моменталните услови ме ограничуваат, бидејќи живеам во мал стан, повеќето од времето во текот на денот сум на работа, па затоа моето мислење е дека во моментов куче златен ретривер не е соодветен избор. Или воопшто, дали куче како миленик, или мачка, или некој друг вид.
Што е со односот на животните и малите деца? Која е долната возрасна граница на дете, кога во домот може да се внесе домашен миленик? И, кои се најголемите бенефити од дружењето на децата со животни?
Ова прашање претставува за мене вистински предизвик за одговор, од два аспекти. Првиот аспект е социјализацијата на миленикот со малите деца. Овде пред сѐ мислам на кучињата. А вториот аспект е здравствениот. За мене лично, куче како миленик во присуство на мали деца е одлична можност за заедничко дружење и социјализација. И тоа, пред сѐ, на одредени раси кучиња, како што се ретриверите, сетерите и некои други. Вториот, или здравствениот аспект претставува поле за кое не би можел многу да говорам, но можноста на појава на одредени заболувања кај малите деца, како резултат на присуство на миленик секогаш треба да се земе во предвид.
Еден од големите проблеми во македонските градови се уличните кучиња, кои, се разбира без своја вина, предизвикуваат реакции кај луѓето, особено страв и револт. Како би можело да се реши тоа на хуман начин, и дали го има тој проблем во Дубаи?
Не, во Дубаи нема улични кучиња, односно ги нема во број што би се сметал за проблем. Постојат служби кои, ако евентуално се најде куче на улица, го прифаќаат во соодветни засолништа. Исто така, и граѓаните доколку видат загубено куче на улица, вообичаено е да дојдат до најблиската клиника, да го пријават, па во клиниката се проверува дали кучето има свој микрочип со единствен број. Многу е важно да се врши навремена кастрација на машките, односно стерилизација на женските единки. Вообичаено е тоа да се прави пред достигнување на полова зрелост. Ваквата мерка не влијае врз здравјето или растот на единката. На тој начин се контролира популацијата на кучиња. Исто така, треба да се знае дека уличните кучиња можат да бидат потенцијален извор на заболување за други кучиња, но и потенцијален извор на зоонози кои може да се пренесат и на луѓето. Секако дека можноста за вдомување на кучиња од засолништа треба да се охрабрува што повеќе.
Дали сметате дека е добро решение воведувањето некој вид регистрација на домашните миленици, за да се знае кој сопственик за кое животно одговара, па да не може без правни писледици да го пушти на улица или во природа, кога веќе чувањето нема да му претставува задоволство? Дали е можно воведувањето некој вид „лични карти“ или нешто слично и за животните?
Во секојдневната пракса вршам редовни превентивни мерки на домашните миленици. Пред вакцинацијата на животните редовно го прегледувам бројот на микрочип, дали е тој број соодветен на бројот на вакциналниот картон, и дали е тој број соодветен во регистерот. Во регистерот постојат податоците за сопственикот, и секоја година тие податоци се контролираат. Во случај да кучето се загуби, многу е лесно да се најде сосптвеникот. Но, доколку сопственикот го напуштил кучето, соодветните инспекциски служби го контактираат врз основа на податоците од системот и секако превземаат одредени мерки. Најчесто тие мерки се високи парични казни во износ од илјадници евра.
Миодраг Мишолиќ