РЕОБЈАВА
Добитничка на Ноемвриската награда на градот Куманово во 2001 година, пејачка со ненадминат глас, настапувала и е наградувана на сите натпревари и фестивали во Македонија и тогашна Југославија, скромна и чувствителна личност за која песната не е средство туку цел, личност која служи за гордост на овој град кој никогаш нема да може доволно да и се оддолжи.
Маргица Антевска е родена 1952 година во Битола, а по баба од мајка е велешанка. Со родителите живеела во куќа во центарот на Куманово, до сегашниот трговски центар „Гарнизон“. Растела во среќно опкружување со родители песнопојци, кои членувале во КУД „Илинден“ и „Панче Пешев“ и со песна ја прошетале цела Европа на настапите под раководство на професорот Ѓоко Симоновски“.
„Моите родители се запознале и се засакале како членови на мешовитиот хор, (кој подоцна стана женски хор). Јас растев со песна и музика, со родители кои беа мирни, скромни и чесни луѓе кои ме обожаваа. Куќата ни ечеше од песна и музика, радиото секогаш беше вклучено, и секогаш бевме опкружени со искрени и весели пријатели. Имав прекрасно детство, и нормално – се задоив со музиката од најрана возраст. Веќе во основното училиште пеев во детски мешовит хор, а во Гимназијата во хорот кај професорот Часлав Трипковски пеев и соло. Уште тогаш знаев дека музиката ќе биде ѕвезда водилка на моите соништа. Свирев виолина во нижото музичко училиште, а и мандолина во мандолински оркестар“.
Татко и работел како сценски работник во Народниот театар, па дури и се појавил како статист во легендарната „Ленче кумановче“. И таа како малечка статирала во претставите, кога имало потреба од дете на сцената.
Отсекогаш ги сакала странските јазици, литературата и музиката, но по наговор на повеќе свои блиски луѓе запишала економија, која и била многу далечна и непозната област, неспоива со нејзините чувства за уметноста, но го завршила факултетот и 32 години работела како економист во „Искра“ Куманово.
„Со музиката активно почнав да се занимавам после една аудиција за пејачи во театарот, организирана од Македонската радио телевизија, кога пред жирито во кое беше и композиторот Димитар Масевски ја испејав тогаш полуларната песна „If you go away“. На радио слушнав дека сум избрана на аудицијата, и веднаш потоа снимив спот со песната „Love story“.“
Добива шанса да ја сними денес легендарната песна „Еден ден кога ќе се вљубам“ која прво била наменета за познатата Сашка Летковска.
Во Универзалната сала во Скопје се одржала аудиција организирана од РТ Белград во фебруари 1972, и по ова Маргица добива безброј понуди за настапи во југословенски музички емисии и снимање спотови. „Студио 6 , позната радио – емисија од областа на музиката, организираше натпреварувачки настапи за пејачи од цела Југославија, настапив со „Ветреницата на моите соништа“ од Дасти Спрингфилд која ја пpeпeaв самата на српскохрватски, победив, го освоив првото место. На натпреварувачкиот фестивал во Суботица на езерото Палиќ освоив второ место со песна од Славе Димитров. Потоа настапував во Скопје во емисијата „Хит на месецот“.“
Постарите граѓани и денес со носталгија се сеќаваат на мега – популарната серија „Максиметар“ која траеше со години, имаше натпреварувачки карактер и во неа учествуваа најголемите музички таленти од СФРЈ. Емисијата беше со елиминационен карактер, и жирито и публиката одлучуваа кои се најдобри од најдобрите, а Маргица во оваа исцрпувачка трка заврши во пласман меѓу најдобрите тројца, освојувајќи трето место со песната на Љубомир Бранѓолица „Знам има една жена“. Инаку овој композитор прави безброј песни наменети специјално за неа и за нејзиниот ангелски глас.
Во 1973 постигнува голем успех со песната „Девојка“ од љупчо Константинов (и наградата златен часовник што тогаш ја добила, ја чува на почесно место, на пијаното во својот дом). Постојано добивала покани да оди на настапи во Белград, снима песни за РТБ, и тоа трае до 1984, кога основа семејство и прави пауза во музичката кариера.
„Во 1991 година доживеав голема лична трагедија, го изгубив мојот непрежален татко кој ми беше закрила, советник и другар. Бев скршена од болка. И токму во тоа време, композиторот Миодраг Божиновски — Миче напиша за мене песна „Ој туѓино“ која ја испеав на фестивалот Валандово 1992 година.“ Оваа песна и ден денес е една од омилените песни меѓу публиката и се пее насекаде.
Се нижат фестивали од забавен и народен карактер: На „Скопје 1996“ освои награда, пееше на „Интерфест“ – Битола, фестивалот „Војнички чекорници“ кој траеше три години, а пееше песни од Кире Костов, Бранѓолица…
На популарниот фестивал „Серенада на Широк сокак“ во Битола, со песната „Смилувај се сино небо“ ја делеа наградата за најдобра интерпретација со Гоце Николовски. Има дванаесет пати настапувано на „Гоце фест“ – фестивал на родољубиви македонски песни, и има добиено многу награди. На „Цветници“ учествува неколкупати, со песната „Останавме сами“ во дует со Ристо Караповски освојува награда; пее и во родниот град на „Тумба фест“ во 1998, со „Цел ноќ ти се к’лну Гинче“. Да ги споменеме и фестивалот „Охридска романса“ „Евро фест“, а со композиција со Костадин Костадиновски учествува на „Пирин фолк“ во Банско – Бугарија и освојува второ место.
„Во 2003 година почина и мојата мајка, а јас потоа добив да ја пејам „Родителска љубов“ од Гоце Димитров во дует со Сефедин Бајрамов, нешто најпотресно и најемотивно што сум интерпретирала досега, право од дното на мојата расплакана душа“.
Музичка кариера долга 40 години
Има добиено и Ноемвриска награда на градот Куманово во 2001 година, како и безброј други благодарници, дипломи, награди…
„Многу сум благодарна на моето Куманово, посебно на Градоначалникот и Советот на општината кои ми овозможија достојно да одбележам 40 години од мојата музичка кариера, во 2011 година со концерт во МКЦ пред моите кумановци, во мојот град, на кој ми гостуваа добрите колеги и пријатели – Ефто Пупиновски, Ристо Караповски, Сефедин Бајрамов, луѓе со кои ги испејав своите најубави дуети, настапуваше оркестарот „Бисери“, а салата беше преполна!
МРТ никогаш не издаде моја касета, имам снимено само една – и тоа благодарение на спонзорство од моите обожаватели.
Многу сум среќна и исполнета како родител – што моите две возрасни деца го наследија мојот музички талент и тргнаа по моите стапки: Синот Марко е магистер по пијано на Музичката академија во класата на професорот Борис Романов. Во моментов работи како професор по пијано во музичкото училиште „Панче Пешев“. Ќерката Милена дипломираше музичка теорија и педагогија исто на ФМУ во Скопје и работи во детската градинка „Ангел Шајче“. Имаат свој бенд „Бисери“ и се доста реномирани во градот и пошироко.
А јас, јас ќе пејам додека ме држи грлото и се разбира додека имам покани за настапи, зашто песната е единствен „вентил“ на мојата душа кој ме полни со љубов, убавина, сила и добра енергија и ми помогна низ животот полесно да ги надминам тагите и јадовите“.
Објавено на 06 Декември 2013