Почетна ЕДНО ПРАШАЊЕ ЕДЕН ОДГОВОР Верувам дека македонските демократски капацитети, кои сега наликуваат на шепот, ќе стануваат...

Верувам дека македонските демократски капацитети, кои сега наликуваат на шепот, ќе стануваат сѐ погласни и погласни

Едно прашање, еден одговор: Ѕвездан Георгиевски, новинар и колумнист

 

Дали македонското општество има капацитет за квалитетен демократски развој? Значи, не само партиите и политиката, туку целото општество, односно граѓанскиот сектор, образованието, независните интелектуалци, медиумите, јавноста генерално…? Ова го прашавме нашиот познат новинар и колумнист Ѕвездан Георгиевски.

Luxury Catering Service

Кога ќе успееме да одговориме на прашањето што е тоа демократски капацитет на едно општество, тогаш веројатно ќе можеме и да одговориме, во која мерка Македонија го поседува тој капацитет. Дали во држава која се перцепира како држава со висок степен на корупција може воопшто да се говори за демократски капацитети? Или дали во држава со нефункционални институции можеме да заборуваме за демократски капацитети?

Сепак, верувам дека во Македонија постојат сериозни демократски капацитети. Тие можеби сега наликуваат на некаков шепот во несносливата врева на политичкиот кич, создаден од епохалната политичка неспособност на политичките носители на власта, но тоа не значи дека шепотот нема да стане сѐ погласен и погласен.

Лично мислам дека Македонија, најмногу поради предолгата и јалова транзиција, подолго време е збунета земја, која се движи по една кружна патека, секогаш враќајќи се на својата почетна позиција, без изгледи дека ќе го пронајде вистинскиот пат. Но, тоа не значи дека тој пат не постои и дека не постојат поединци и групи што можат да го идентификуваат и да ги создадат претпоставките за неговото реализирање.

Тука првенствено мислам на цивилниот сектор, кој во голема мерка ги надоместува демократските дефицити на земјата. А, мислам и на бројните промислувачи на општествениот момент и општествените процеси, кои, и покрај недостигот на соодветни платформи за искажување на своите ставови, успеваат да ги пробијат своите анализи и размислувања, првенствено преку социјалните мрежи и слични интернет-алатки.

Постојат во Македонија низа образовани, умни и креативни поединци, кои системот, онака како што е поставен, едноставно не може да ги апсорбира на оптимален начин, односно не може да им понуди оптимални услови за реализација на нивните идеи.

Врз што тогаш го базирам својот оптимизам во однос на квалитетите на македонскиот демократски капацитет? И покрај македонската традиција на заостанатост, неписменост и неразбирање на работите, таа, мораме тоа да го признаеме, во едно кусо време од не цел век успеа да создаде некаква културна и образована база, која е на нивото, ако не на светот, тогаш сигурно на регионот. И второ, демократијата е во криза во целиот свет. Дури и во САД, така што македонскиот демократски дефицит не е никаков исклучок од светските текови.

Она во што верувам е дека свеста за демократијата нема да се сузбие и дека мачно, но сигурно, ќе ги освојува општествените простори.

М.М.