Почетна РЕТРО „Гарави сокак“ од срцето на номадот – Миланка Миловановиќ Зафировска

„Гарави сокак“ од срцето на номадот – Миланка Миловановиќ Зафировска

РЕОБЈАВА

Поетеса, романописец, раскажувач, уметник и хуманист… Автор на пет збирки поезија и проза,  добитник на Ноемвриска награда на градот Куманово за образовна, културна, општествена и  творечка активност; добитник на високи книжевни признанија како член на книжевниот клуб, наградувана на фестивали на поезијата, наградуван актер, сценарист и режисер на Kултурно- уметнички програми. Активен волонтер во невладиниот сектор, хуманист. Жена со душа направена од соништа, емотивен  номад по потрага на совршенство, мечтател, идеалист и  ЧОВЕК. Во нејзините стихови се  пронаоѓаат сите вечни трагачи  по гралот на праведноста и исконската хармонија, трагачи чија смисла и цел е токму – трагањето.

Пред педесет и четири години судбината ја доведе оваа миленичка на музите во Куманово, да остави трага како сјајна ѕвезда на културното небо на градот. Од родниот Крагуевац како дваесетгодишна се омажи за нашиот сограѓанин Мирко Зафировски- Стањевац, долгогодишен просветен работник. „Со сопруrот се запознавме на Охридското Езеро како членови на Извидничката организација на Југославија, на една прослава на Илинден во македонскиот камп. Јас учествував со рецитирање, пеење, а мојот иден сопруг свиреше гитара и така се роди познанство и љубов кои доведоа до брак на 17 септември 1959 година. Во овој брак ни се родија синот Драган, кој работи како книговодител во образованието, и ќерката Бети-професор во економското училиште. Имаме една внука и тројца внуци.“

Во Крагуевац завршила основно музичко училиште – отсек виолина, како и учителско училиште – како ученик на генерацијата. По доаѓањето во Куманово, се вработува во училиштето „Вук Караџиќ“, каде предава во паралелки на српски јазик и таму останува 35 години до пензионирањето. Таа е првиот учител што ја доби наградата „Кирил и Методиј“, а во целиот работен век нејзината работа е високо оценувана и вреднувана.

Luxury Catering Service

„Веднаш по вработувањето, започнав со работа во секциите – ги водев драмската, рецитаторската и фолклорната секција. Се сеќавам дека прославите за нашите патронати на 7-ми фебруари секогаш беа прогласувани за најдобри во градот.“

Истовремено е активен член во угледниот книжевен клуб „Беседа“ каде членувале и Методи Петровски, Чедо Стефановски, Столе Максимовски, Драгослав Марковиќ, Македонка Саревска…Објавува книжевни творби во списанието „Беседа“, во литературен подлисток во „Наш весник“. Објавува свои дела и во меѓународните литературни списанија „Полет“, „Светлост“ „Багдала” од Крушевац. Во тоа време во Куманово редовно се одржуваа легендарните Поткозјачки литературни средби од југословенски карактер, секоја есен во чест на 11 Ноември.

Рамо до рамо со најголемите  поетски имиња

Тука секоја година можеа во живо да  се слушнат големи поети, како Десанка  Максимовиќ, Мира Алечковиќ,  Љубивоје Ршумовиќ, Гане Тодоровски, Тоде Саздовски – Мали,  Томе Арсовски…Во 1959/60 Миланка добива прва награда за  проза и поезија на овие литературни средби. Учесник е во сите  манифестации по повод национални и револуционерни празници. Има издадено прет збирки  поезија и проза : „Свитање сеќања“, „Гарави сокак“, „Проштевање“, „Укус греха“ и „Признајем“.  „Моите афинитети кон секоја  форма на уметност ме наведоа  да се вклучам во аматерскиот  драмски ансамбл „Сценски лабораториум“ при Народниот театар во Куманово, каде работев со професионални актери, но и со  млади луѓе од кои подоцна многумина станаа актери: Горан Илиќ, Драгиша Димитриевски, но  и Бране, Розита, Гордица Величковска… За главната улога во  претставата „Мајка храброст“ од  Бертолд Брехт (извонредна претстава во режија на Мишо Мартинов од „Атеље 212“ од Белград), добив  прва награда на Републичкиот драмски  фестивал во Кочани, „Златна маска“ на  фестивалот во Требиње, како и прва награда на Дванаесеттата републичка  смотра на аматерски драмски ансамбли  во 1976 во Велес. „Сценскиот лабораториум“ опстојуваше некаде до 1984/5, но  со смена во раководство на театарот,  задуваа некои нови ветришта, се напушти и згасна драмскиот аматеризам. Во тоа време на идеали, голем ентузијазам, не ни помислувавме, на пари, на некаква корист, работевме од чиста љубов преполни со творечка енергија, го жртву- вавме своето слободно време, некогаш самите ги плаќавме патните трошоци или носевме од дома свои костими кои стануваа сценски.“

По пензионирањето, нејзината активност не се намалува, напротив , во Здружението на пензионери прави претстава како ценарист, режисер и актер во претставите: „У кафанче карши танче“ и „Весели гости“, како и монодрама „Пиреј“.

Учествува во фолклорната секција, во хорот „Магдалена Антова“ , во академскиот хор со Часлав Трипковски, извесно време пее во црковниот хор „Света Марија Магдалена“, во хорот при здружението на пензионери под водство на Александар Георгиевски.

Основач и долгогодишен претседател на Здружението на жени „КОПАЖ“ во периодот на Југославија. Рецензент на бројни книги, изложби…

Пензионерските денови ги минува со сопругот Мирко, нејзин издавач, поддржувач и прв критичар на нејзините дела. Живеат во стан преполн книги и ракотворби, дело на нејзините способни раце или во викендичката во Драгоманце. „Пешачиме, береме лековити билки, одгледуваме здрава храна за своја душа, се дружиме со пријателите и соседите. Убавото е убаво ако се подели со блиските, животот е убав само ако во грстови се распостила љубов и човечност околу себе.“

Во златната есен на мојот живот, кристално ми е јасно дека литературата е моја вечна љубов и болка, понекогаш и се лутам, се одвојувам од неа, но секогаш и ce враќам зашто морам така. Ќе пишувам додека постојам, секогаш имајќи ги пред себе моите верни водичи низ животот – слободоумие, човекољубие, правдољубие и проштевање. Сите мораме постојано да проштеваме и да си проштеваме самите зашто никој од нас луѓето не е безгрешен!“

Оваа човечка, едноставна филозофија на животот која малкумина ја следат, најдобро ја отсликуваат нејзините стихови :

„Признајем:
Можда сам грешила. Можда много.
Онолико колико други нису смели.
Ал не дам ни мрвицу свога греха,
Чак и кад бисте је хтели.“

Објавено на 20 декември 2013