Марјан Алчевски, сценарист на суперуспешните хрватски ТВ-серии „Успех“ и „Молк“ („Uspjeh” и „Šutnja”)
Речиси 25 години родениот скопјанец Марјан Алчевски живее во Загреб, каде изгради кариера на еден од најуспешните телевизиски сценаристи од просторот на поранешна Југославија. Автор е на сценариото за „Успех“ (2019.), првата ТВ-серија од регионот, што ја продуцираше познатата американска телевизиска мрежа ХБО, а потоа ја напиша и „Молк“, која во двете сезони (првата во 2022., а втората во 2023. година) постигна извонредно висока гледаност и беше емитувана во повеќе европски земји. Покрај тоа работи и како професор на Академијата за драмски уметности во Загреб.
Во некои од новинските написи што се објавени за Вас во Хрватска, се вели дека Вашата сценаристичка кариера е „како филмска приказна“. Може ли на почетокот да ни кажете како течеше тој процес, односно како се случи Македонец од Скопје да стане „најспомнуваното сценаристичко име во Хрватска“ (уште еден цитат од хрватските весници)?
Не знаев дека сум најспомнуваното сценаристичко име во Хрватска. Се надевам дека по арно ме спомнуваат. Заминав да живеам во Загреб во 2000-та година од приватни, да не речам интимни, причини. Немаше никаква врска ни со кариера ни со било што такво. Неколку години подоцна студирав драматургија на Академијата за драмска уметност во Загреб, и за разлика од многу мои колеги се обидував да станам телевизиски сценарист уште во тие години кога телевизијата беше саде мексикански теленовели и чат-пат некој квиз. Конкуренцијата тогаш беше мала, и успеав да најдам доволно ангажмани за да го дочекам конкурсот на ХБО во 2017-та како активен сценарист. Имав многу среќа на тој конкурс, и останатото е само производ на фамата околу тоа дека пишувам за ХБО, и фактот дека по 12-13 напорни години „успеав преку ноќ“. Моето име често се спомнуваше во весниците, бидејќи од ХБО ја промовираа серијата „Успех“ на сите страни и се залагаа моето име да се објавува насекаде. Значи, има и малку ПР во целава работа.
Сте работеле проекти кои биле продуцирани од таа голема американска куќа ХБО, од Хрватската телевизија, од германската ЗДФ… Има ли значајна разлика во работата, кога си ангажиран од некој таков продуцент, отколку од помал? Тука мислам не само на можностите што ги даваат, туку и на обврските кон нив. Дали барем понекогаш, и барем за нешто, работа за голем продуцент е потешка?
Кога пишувам сценарио шансите да биде снимено се минимални. Не оти не чини или е скапо (иако е сосема можно да не чини и да е скапо), туку затоа што девет од десет проекти кои се во развој никогаш нема да бидат снимени. Најголемата разлика – во моето искуство – помеѓу големите продуценти или ТВ куќи, и малите е во тоа колкава шанса има тоа што го пишувам да биде снимено. Веројатно има двојно поголема шанса, значи од десет проценти скокаме на високите дваесет проценти, и тоа е, во голема мерка, тоа. За ХБО имав два обиди, и вториот успеа – снимивме серија. За ХРТ досега сум имал три-четири обиди, и само еден успеа. Во тој контекст кога знам дека има поголеми шанси нешто да биде снимено, поинаку му пристапувам на материјалот, или да чувствувам поголем притисок или пак поголем мерак. А бидејќи сум таков човек, притисокот дека работам за голем продуцент или ТВ-куќа кај мене создава специфичен вид трема, следена со длабок синдром на натрапник (imposter syndrome), па во таа смисла ми е полесно (на душата) кога работам на помали проекти, за помали продуценти.
Едно од Вашите први успешно реализирани сценарија беше тоа за документарецот „Плати и ожени“, кој се занимава со прашањето на фиктивни бракови за да се добие право на престој во западните земји. Сериите „Успех“ („Uspjeh”) и „Молк“ („Šutnja”) исто така имаат за главна тема многу сериозни проблеми на општеството, поточно – криминалот, корупцијата, трговијата со луѓе… Како човек кој пишувал за тоа, како ја оценувате состојбата со безбедноста на луѓето во современите општества, особено на таа релација Источна Европа – Западна Европа, што прилично детално ја обработувате во „Молк“?
Уф. Моето мислење за тој проблем ќе биде погрешно, какво и да е. Одамна не ги живеам проблемите кои ги имаат луѓето од Источна Европа и за мене тој однос – Истокот наспроти Западот – е прашање на култура и културен колонијализам, а не прашање на егзистенција и сигурност. Во таа смисла мојот став е производ на удобен живот на маргините на ЕУ, со сите права на граѓанин на Унијата, и со малку од проблемите на „обичен Источноевропеец“. Војната во Украина сигурно доведе до зголемено тргување со бело робје во последниве години. Но, дали глобално постојат големи разлики во безбедноста на луѓето зависно од тоа дали се на Запад или на Исток – навистина не знам. Себеси не се доживувам како печалбар, па некако го немам и тоа искуство, но претпоставувам дека денешните печалбари од Истокот живеат полесно и помирно на Запад, за разлика од нашите предци – изворните печалбари.
Дали се плашите за иднината на Европа, светот, на идните генерации…? Имате ли објаснување како (и кога) се случи површноста да стане толку доминантна, до ниво да е опасна?
Се плашам. Имам чувство дека живееме во некој нарушен универзум. Замислувам други, алтернативни светови, паралелни димензии каде што сегашноста би имала повеќе смисла. Кај нас – ако ми дозволите да седам во Загреб и да солам памет за Скопје – имаме предрасуда дека „на Запад“ е подруго, поарно, уредено, има смисла и слично. И во некоја мерка сигурно е така, но вистината е дека просечниот македонски граѓанин има многу слични искуства од денешниве времиња со просечниот граѓанин на Холандија. Десниот популизам наспроти етикетната левица, чувството дека нешто околу нас цело време брмчи таман толку тивко да не го препознаваме звукот, но го чувствуваме, сите наши обиди да го игнорираме капитализмот како изворот на повеќето наши проблеми, па да го бараме тој извор во медиумите, во корупцијата… Како сите да се разбудивме пред десетина години свесни дека светот во кој живееме не е нормален и оти нема смисла да постои, и сепак, секојдневно ни се докажува дека е токму таков свет и токму така сето тоа бива.
Кој дел од модерните општества го сметате за најкомпромитиран, а кој за најздрав (универзитети, култура, наука, невладин сектор, граѓанско општество…)? Од каде верувате дека би можело да тргне заздравувањето на она што е моментно болно во општествата?
Ова се многу интересни и многу тешки прашања. Се разбира дека не сум стручен да давам мислење на оваа тема и дека како уметник попрво би пцовисал отколку да одмолчам. Свеста за маалото ја сметам за најздрав аспект на животот во Македонија. Дека освен мене како единка и моето семејство како три-четири луѓе кои живеат заедно, имаме и поширока заедница со разни табиети и убави или проблематични однесувања, но наши сме си. Се разбира дека општество во кое со децении нема сигурност ќе развие стратегии на „заедничка помош“ за да преживееме. Има нешто прекрасно во тој заеднички начин на живеење, па макар и само како начин на преживување. Како некогашен активист длабоко сум разочаран од невладиниот сектор, и одбивам било кога повторно оваа или онаа партија да ме влече за нос пред избори на тој мој невладин сентимент. За наука не сакам да зборувам, бидејќи не сум свесен за наука на нашиве простори. Културата и образованието ни се во многу лоша состојба, и така е со децении, а сега лошата состојба веќе не е период кој треба да го преживееме, веќе не е низа од тешки години, туку лошата состојба стана сосема нормална и секојдневна. Цели генерации не ни искусиле состојба подобра од оваа. Не гледам начин нешто да заздрави додека не ни се случи тоа да имаме една, две генерации кои ќе живеат од својот труд и ќе имаат можност да носат одлуки (и приватни и за маалото и за државата) без чувство дека цел век си го поминале со метафоричен пиштол стиснат на тилот. Триесет и кусур години сме под притисок на тоа да се врзе крај со крај, и јас веќе не знам какви луѓе сме. Каков живот имаме – или би имале – да не сме толку економски уништени.
Да се вратиме на она што го работите. Во Македонија, кога се зборува за неможноста да се сними добра домашна серија, најчесто како причина се наведува немањето квалитетено сценарио. Ве побарал ли некој од овде Вас да Ви понуди соработка, да побара да напишете нешто? Дали Вие лично сте отворени за таква можност?
Интересен е тој аргумент со немањето добро сценарио. Претпоставувам дека Македонија, според тој пример, нема добра вселенска програма поради тоа што нема добри астронаути, или нема моќна воена армада поради немањето доволно големи каци со вода. Да, немаме добро сценарио кога тој сегмент е занемарен од 80-тите години. Нема ништо чудно во тоа. Сценаријата не паѓаат од облаци, ниту растат во диви пештери. Ако речиси 40 години секој перспективен, можен сценарист бегал од таа професија затоа што не може да се живее од пишување сценарио, тогаш нема ништо чудно во тоа да немаме добри сценарија. Исто како што немаме астронаути или воени бродови, едноставно не сме инвестирале во тоа никогаш, и сега да се чудиме што малер бевме баш нам да ни се случи немањето добри сценарија. Воопшто не мислам дека некое мое сценарио би било подобро или полошо од некое кое може да го напише некој мој колега од Македонија. Јас работев со Слободан Унковски и со Синоличка Трпкова за 2БА продукција на „Бушав буквар“, што е продолжение на „Бушава азбука“, и тоа според оригинална идеја и замисла на Горан Стефановски. Мојот ангажман на тој проект сѐ уште го сметам како најважното нешто што сум го работел досега, иако – колку што знам – шансите да ја снимиме таа серија се доста мали. Имам напишано сценарио или две на македонски, за продуценти и режисери од Македонија. Се разбира дека сум отворен за соработка. Но, ТВ-производство всушност немаме, а на филм сценаристи не се потребни, бидејќи, не знам дали сте запознаени со тој ефект, режисерите најубаво знаат сами да си ги напишат сценаријата, па не им требаат сценаристи.
Од пред две години сте професор по сценарио на Академијата за драмски уметности во Загреб? Кој е Вашиот метод на работа со студентите, и во колкава мерка сценарист се раѓа, а во колкава се станува?
Асистент станав пред пет години, а од пред две години сум професор по сценарио. Не знам дали имам некој специфичен метод кој може да се опише со две-три реченици. Имам многу сценаристичко искуство, па можам со студентите да се фокусирам на тоа како изгледа нашата професија во реалноста. Се обидувам да ги мотивирам да ги поминат годините на студирање во учење на техники и алатки, кои би им биле корисни подоцна, но имам чувство дека тоа не ми успева премногу. Сценарист не може да се роди. Сценариото не е отворена форма, тоа не е како поезија во прозен формат без рима или ритам. Сценариото е техничко-уметнички документ и мора да се научат некои работи. Само што можат да се научат и надвор од факултетите, со гледање филмови, читање книги и слушање точно како нешто било напишано или како е одглумено и слично. Но бидејќи, се работи за здружен напор, и филм не снима еден човек туку цел тим, студирањето е многу корисно за да се запознаат идните колешки и колеги со кои ќе мора да работите. Затоа се трудам студентите да ги инспирирам да соработуваат, но во тој аспект сум уште понеуспешен отколку во другово. Само малку сум и тврдоглав па, ете, продолжувам иако засега нема некое големо фајде.
Кои се клучните елементи за добро сценарио?
Љубовта кон ликовите. Овие денови тоа е мојот одговор на вакво прашање. Веројатно за месец ипол ќе кажам нешто друго, исто како што пред Нова година веројатно мислев нешто трето. Премногу има цинизам во филмскиот свет и меѓу нашите професионалци. И тој цинизам е будалеста потреба да се биде кул во свет на апла кул луѓе и, добро, така си е тоа. Но, сега забележувам дека таквиот цинизам од стварноста се сели и на филм или на ТВ. Ние, како автори, не само што сме цинични кон колегите или нивните дела, туку сега станавме цинични и кон сопствените ликови. Никој не снима љубовни филмови. Нема веќе обични јунаци, сите се анти. Современа романтична комедија е речиси незамислива. На телевизија е малку подобро, но во основа, човечноста која е аманет на секој добар автор веќе некое време не ни е битна. А без љубов кон луѓето и кон нашите ликови тешко ќе има добро сценарио. Тоа е, колку што можам да видам, најголемото недоразбирање кое го имам со своите колеги и врсници. На многумина им е побитно да бидат „филмаши“, отколку да направат добар филм. И кога велат „добар филм“ всушност мислат „кул филм, нешто ново, свежо, невидено, длабоко“. А публиката… Кој разбрал – добро, кој препознал длабочина – машала, кој цени свежина – браос. Другите ене ги, уште по Нетфликс скролаат да најдат нешто за гледање. Публика повеќе отколку било кога порано, и немаме што да им покажеме.
Дали го делите мислењето дека во поранешните југословенски републики (пред сѐ Србија и Хрватска, бидејќи таму се снима најмногу) многу подобри и поуспешни се криминалистичките серии, отколку хумористичните? А, поранешна Југославија беше една од водечките во регионот за телевизиски хумор, па некои серии беа многу популарни и во соседните земји. Мислите и Вие дека има недостиг на добар домашен хумор во нашиов регион?
Тоа со хуморот е ептен интересна тема. Постои некое мислење дека хумористичните серии од Србија се апла смешни и дека босанскиот хумор е нешто екстра. И можеби тоа сето навистина си е така. Во ред. Но, прашањето за тоа зошто нема многу хумористични серии не можеме да го сведеме само на тоа дека Топ листа надреалиста е најсмешното нешто или дека Југославија била првата земја во светот – од неанглиско говорно подрачје – која го прикажала Монти Пајтон. „Андрија и Анѓелка“ од Србија е вистински регионален хит. Но, некако излезе дека таа серија е исклучок и оти правилото е нешто друго: нема да има хумористични серии, и готово. Не дека нема обиди, туку не се многу смешни. Не знам зошто е така. Можеби публиката се сменила и веќе истите финти со „Јателе и Тителе“ ни се глупи. Или пак авторите веќе го немаат тој фин смисол за хумор потребен за добра серија. Или е нешто сосема друго, навистина не знам. Исто така не знам зошто луѓето често спомнуваат дека им се гледаат комедии или добри хумористични серии, но кога ќе ги прашате што гледаат од тие форми и жанрови од актуелната светска продукција сè некако завршува на прераскажување на делови од „Пријатели“ или обиди да се сетиме која епизода на „Зајнфелд“’ е онаа кај што Џорџ сака супа. Навистина не знам како да го објаснам тој феномен. Можеби желбите и очекувањата на публиката се во преголем расчекор со она што ние авторски можеме да го понудиме.
Втората сезона „Молк“ беше емитувана во есента 2023 година. Пишувате ли во моментов нешто ново?
Втората сезона на „Молк“ е и последна. Инспирирана е од трилогијата на Драго Хедл, но 12 епизоди ни беа доволни да го раскажеме она што ни беше најважно од тие три романи. Во моментов чекам одговор од ХРТ во врска со една сосема поинаква серија, не баш хумористична, но нималку криминалистичка. Веројатно ќе нè одбијат, меѓутоа беше многу интересно да се работи на предлогот за таква серија, која по својот формат е и малку чудна и малку банална, но која има потенцијал да биде интересна и сакана од публика која телевизија гледа за да најде нешто свое, не за да биде дел од некои општествени движења или критики. Освен тоа, со пријателот Озрен Марод пишуваме сценарио за игран филм, акциска комедија со работен наслов „Последниот пионер“, и едвај чекам да го завршиме сценариото за да можеме да гледаме како со месеци и години нема интерес да се сними. Во меѓувреме се мислам дали да прифатам понуда да адаптирам уште еден роман полн со убиства, истраги и меѓународна интрига, знаејќи дека тоа има најголеми шанси да биде снимено. За време на пандемијата соработував на првите неколку епизоди на серијата „Сабја“ од Србија. Работена според вистинските случки по атентатот на премиерот Зоран Ѓинѓиќ серијата требаше да биде голема и интересна и важна и сега, ете, изгледа дека нарачателот нема намера да ја емитира. Така што јас и кога многу пишувам тоа не значи дека нешто ќе гледате, па сега се обидувам низ таа призма да ја гледам својата кариера и уште не сум сигурен што ми е идниот чекор.
Миодраг Мишолиќ