Викендов што е зад нас, во организација на Здружението за ликовна уметност „Форма – Куманово“, се одржа шестиот по ред традиционален фестивал на графити под името „Графити Фест Куманово – 2024“, кој оваа година беше и со меѓународен карактер.
Покрај нашите четворица цртачи од Македонија, на Графити фест настапија уште 14 цртачи од неколку држави од Европа и тоа: од Германија, Србија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Турција и од Бугарија. Фестивалот се одржа на две локации во градот – во МЗ „Панче Пешев“ и во МЗ „Благој Стефковски – Гојчо“, кои што гравитираат на булеварот „Октомвриска Револуција“, каде што од страна на вкупно 18 цртачи на зидовите од неколку стамбени згради, беа исцртани графити на вкупна површина од над 600 метри квадратни.
Фестивалот, што пак финансиски беше подржан само од бизнис заедницата на државата, како настан во изминатите два дена на двете локации во градот предизвика солиден интерес, особено кај помладите генерации кои во оваа пригода имаа можност да се дружат, но и да се релаксираат со конзумирање на освежителни пијалоци и сендвичи, како и со непрекинато слушање на сè популарната музика кај младата популација од жанрот Хип – Хоп, а за која беа задолжени неколку музички работници од Скопје, Куманово и од Крива Паланка.
За досегашната работа и за активностите на Здружението за ликовна уметност „Форма – Куманово“, членот на здружението, Младен Трендевски – Трендо, за порталот Плоштад ја даде следната изјава: „Ние како здружение постоиме од 2021 година и засега сме единствено здружение од ваков вид во државата. Здружението го формиравме со единствена цел да дадеме свој удел и свој допринос во одржувањето на чистотата во градот, но исто така и поради одбегнување и елиминирање на политичките пораки, што во последно време се сè поприсутни на зидовите од нашите домови. Пред започнувањето со цртање на нашите графити, претходно од општината и од станарите на зградите на кои што работиме, ги обезбедуваме сите потребни согласности и одобренија и во тој поглед до сега не сме имаале речиси никакви проблеми“.
На ова, редакцијата на Плоштад само би додала: благодариме во нивно име на таа бизнис заедница која ги подржува и на станарите кои го препознаваат талентот на нашите пар екселанс уметници. Впрочем, во секоја кумановска зграда се крие по еден Бенкси, кој чека да испрати јака социолошка порака, во никој случај само политичка.
Т.Д.