Почетна НЕШТО УБАВО НЕШТО УБАВО Александра Марковиќ

НЕШТО УБАВО
Александра Марковиќ

Најсимпатичната занаетчика од Куманово, самоуката и тврдокорна, Александра Марковиќ, вчудоневидени сме како попрво да ви ја претставиме: како одгледувач на кактуси, како згрижувач на животни, како изработувач на уникатен накит и персонализирани сетови за деца…прочитајте зошто.

Александра, Ве молам кажете ни како изгледа целиот процес на персонализирање на ракотворби, што веќе подолго време ги обликувате во совршени подароци. Да речеме, уникатно ланче, од епоксидна смола, со свежо глуварче. Од каде, побогу, добивате такви идеи?

Целиот процес на персонализирање е долготраен, но исполнет со љубов. Јас како забен техничар и за малку дипломиран графички дизајнер, некаде во октомври 2010 година, започнав со рачната изработка. Поттик ми беа купените обетки во форма на мали пингвини од една пријателка од Кочани. Откако ги добив, почнав и самата да размислувам најпрвин како да заштедам пари, за да можам да купам основен репроматеријал. Многу изгледаше комплицирано тогаш, бидејќи беше тешко да се најде глина, како и други додатоци за изработка. Не се откажав. Дури ми стана толку интересно, што во декември истата година, со мајка ми, која претходно шиеше по нарачка, решивме да отвориме модно ателје. Активно работевме до 2016 г., а таа година почнав да изработувам и персонализирани сетови за деца. Веднаш сфатив дека ќе има голема побарувачка за нив. Тие се уникатни, оти се со името и омилениот лик од цртаните херои на дечињата, така што заклучивме дека може да продолжиме со работа од дома, со оглед дека сум регистриран занаетчија. До 2020 г., изработував само лажички, вилушки, филџанчиња, чинии, магнети, привезоци и сл. Сè што сум постигнала и научила, сум го постигнала сосема сама, не постои школо за вакво нешто, освен школото на силни желби, упорност и снаодливост. Кога еднаш ќе се стекне доверба од клиентите, тоа само е дополнителен предизвик да се работи уште подобро. На почетокот многу ми помагаше брат ми, тој ми ја месеше глината барем. Кога почна пандемијата, му се вратив на накитот и тогаш го одделив од постоечкиот „handmade Eden“, давајќи му го името „TRY store“ – со намера да ми биде хоби, а рачната изработка да ми е професија. Во 2022 г., бев принудена да стопирам, затоа што ја доживеав најголемата загуба кога ненадејно почина мојот брат. Едвај успеав да се вратам и на професијата и на хобито, но мислам дека оваа работа облагородува и дека ми дава утеха да се справам со својот непребол. Исто така, тоа ми е и единствениот животен приход. Ете, како што хемијата на љубовта раѓа идеи за творештво, и физиката на тагата може да ги создаде уникатните предмети за подарок, изработени во 25 метри квадратни, со внимание од редакцијата на Плоштад за да стигнат до крајните потрошувачи. Ви благодарам што се сетивте на занаетчиството и на моите десет прсти.

Luxury Catering Service
  • Веб страницата за нарачка на сетови е:

https://www.facebook.com/profile.php?id=100064565054823$mibextid=2JQ9oc

  • Веб страницата за достапниот накит е:

https://www.facebook.com/onlinebutik6?mibextid=2JQ9oc