Почетна РЕТРО Исхраната во бодибилдингот е најважна – Драгољуб Стефановски – ДРАП

Исхраната во бодибилдингот е најважна – Драгољуб Стефановски – ДРАП

РЕОБЈАВА

ДРАГОЉУБ СТЕФАНОВСКИ – ДРАП бодибилдер

Кумановецот Драгољуб Стефановски – Драп во 1969 година ја претставувал Македонија на Изборот за мистер на Југославија, кој се одржал во Домот на синдикатите во Белград, Србија. Денес на неговите 77 години тој активно вежба пeт дена во неделата и се уште се одржува во топ форма. Пријатно се сеќава на настанот од 1969 година и со жар во очите раскажува за убавите спомени коишто му навираат од златните деведесетти.

Стефановски е роден на 1 септември 1937 година. Тој е среќно оженет со сопругата Трајка со која имаат две деца, син и ќерка.

На петнаесетгодишна возраст Стефановски започнал да се занимава со гимнастика. Завршил Виша социјална школа во Скопје. По матурирањето се вработил во општинската организација „Црвен крст“ каде што го поминал целиот работен век. И покрај тоа што имал работни обврски, Стефановски не се откажал од спортот. На 22 години тој служел војска и откако се вратил во Куманово, Стефановски продолжил да тренира кревање тегови со својот брат.

Luxury Catering Service

– Поради љубовта кон спортот вежбавме дома со мојот брат околу пет-шест години. Резултатите од вежбањето на нашите импровизирани справи за кревање беа импресивни, изјави Стефановски.

Инаку, лондонско списание за бодибилдинг било пресудно за преминување од кревање тегови на обликување на телото преку бодибилдинг. Списанието им го донела сестрата на нивен пријател којшто сега е лекар во пензија. Таа заминала на специјализација во Лондон и оттаму им го донела спортскиот магазин.

– Иако не разбиравме англиски јазик, со брат ми ги гледавме фотографиите на мажите коишто се занимаваат со бодибилдинг и им се восхитувавме. Тие ни беа мотивација и инспирација во 1966 година да започнеме со бодибилдинг, раскажа 77-годишниот Стефановски. По четири години обликување на телото, Стефановски се пријавил на Изборот за мистер на Југославија. Пратил три фотографии во магазинот „Темпо“,каде се праќале три пози: една од грбот, градниот кош и една по свој избор. Врз основа на фотографиите читателите гласаат за 15 кандидати за мистер.

– Таму настапуваа познати естрадни имиња за тоа време. Франко Коломбо, еден од најславните бодибилдери, којшто еднаш му ја зема титулата на седумкратниот шампион во бодибилдингот Шварценегер, присуствуваше на настанот. Висок е 165 цм, но неверојатно граден инаку, и таму владее старото правило како кај нас: кој е организаторот, тој победува. Во тој случај победи еден белграѓанец, објасни Стефановски.

Доколку сакате да се занимавате со бодибилдинг, Стефановски вели дека 35 отсто е важно вежбањето, а 65 отсто е важна храната. Тој додава дека предноста била во природната храна, а денес храната е полна со разни хемикалии, се со цел да се вари па брзо во дигестивниот систем. За да остане во топ форма, Стефановски вели дека дури и сега внимава колку калории внесува и што јаде. Тој самиот си го приготвува интегралниот леб за кој си има специјална машинка.

Денешнте млади немаат континуитет за вежбање. За нив компјутерот е најважната работа за занимација. Токму тоа е проблемот за недоволната телесна развиеност кај младите.

– За помладите генерации компјутерот е катастрофа. Како ќе се развие младо момче кое седи 10-12 часови пред компјутер? Никако. Во теретана доаѓаат млади луѓе коишто се згрбавени од седење пред компјутер. Вежбаат два-три месеци и се откажуваат, изјави Стефаносвки.

Кога не е во теретана, Стефановски пензионерските денови ги користи за решавање на крстозбори и слушање латино, џез или класична музика.

Објавено на 28 март 2014