Културолошко пролетно будење и синергија – така ја опишува средбата на
нашите ученици со Венко Андоновски – Анита Димовска од Здружението на просветни работници
Привилегија е да имаш уникатна можност да твориш и креативно да се изразиш поттикнат од Венко Андоновски, а тоа го препознаа 90 ученици од општинските основни и средни училишта кои во понеделникот учествуваа во работилницата под наслов „Куманово во срцето“, благодарение на нивните ментори.
„Јас не дојдов овде за да ве научам како се пишува, нема шанси никој да ве научи. Не е дека нема теории за книжевност, ама за да се напише книга мора да постои потреба. Тоа никогаш не доаѓа од исполнетост, затоа што пишувањето почнува од празнина и некој недостиг. Празнината во душата е најсилниот експлозив, што подоцна го бара јазикот за да се изрази во некаква форма на уметничко дело.“ – им рече тој.
Непосреден и природен, искрен и отворен, богат дух, брилијантен ум и ненаметлив оратор, Венко успеа да ги допре младите генерации со играта на зборови – бесплатна прва играчка на секое новороденче. Го препознаа и слушаа, му подарија насочено внимание жедно голтајќи ја едночасовната беседа на авторот со ниет никогаш да не се откажуваат, да се прашаат кои се и да бидат свои, да пркосат на критиката, да уживаат во играта со зборови и да ја исполнат празнината со творечка енергија, токму нашите идни писатели. Го допреа и тие него со творбите кои посветено ги напишаа, со воодушевено обраќање и срдечна благодарност, заеднички фотографии и желба за лична посвета на неговите книги кои ги беа понеле од дома.
Во преполниот Занаетчиски дом струеше убава енергија. Културолошко пролетно будење и синергија – сончевина среде тмурно дождливо мајско утро, огреани сите ние – огреан и тој: Венко, светски и наш.
Анита Димовска
Здружение на просветни работници Куманово