Господине Митевски, како ја оценувате работата на Советот на Општина Куманово за 2023 година?
Советот на Општина Куманово како и претходната година и во 2023 год работеше интензивно и со полна пареа. Беа одржани 18 редовни и 1 вонредна седница, како и 1 свечена седница по повод празникот 11-ти Ноември. Разгледани се 374 точки на дневниот ред. За целата 2023 год, Советот донесе 130 одлуки, 34 програми, 7 планови, 59 решенија, 134 заклучоци, 1 Буџет и 2 измени и дополнувања на Буџетот, 1 Завршна сметка, 1 Буџетски календар, 2 Правилници и 1 препорака, или вкупно 372 акти. Тие што ги пратат седниците на Советот преку преносот во живо, знаат дека самите седници се долги и на секое прашање му се посветува целосно внимание, а не ретко за некои сензитивни точки се расправа и со часови. Сметам дека како советничка група на Здружението За наше Куманово, а и сега кога прераснавме во политичка партија – Движење ЗНАМ за Наша Македонија, внесовме нов и свеж пристап во работењето на Советот. Постојано како советници сме достапни за граѓаните и навистина се трудиме да излеземе во пресрет на нивните барања и да се почувствуваат видени и слушнати. Како мнозинство, многу работи успеавме да ги помрднеме од колосекот на установената пракса, практикувана во изминатите години и децении, а со тоа и резултатите да стигнуваат побрзо, а потребите на секојдневното живеење на граѓаните да бидат задоволени. Затоа и може да се примети дека секој ден, малку по малку се менува ликот на градот и се подобрува инфраструктурата и естетиката на Куманово. Како Совет, излеговме во пресрет и на сите граѓани на Општина Куманово, на кои им обезбедивме да се возат цела 2023 год без да купуваат автобуски билети на сите 26 линии низ централното и приградските подрачја, а со тоа и да успеат да направат значителни заштеди на семејните буџети. Поради големиот интерес кај граѓаните, истата мерка ја продолживме и за 6 месеци од 2024 год. Минатата година, успеавме да ги изгласаме и сите неопходни точки кои беа предуслов за успешното наддавање на земјиштето во индустриската зона Новини и Речица, а со кое Општината се стекна со значителен капитал, кој ќе овозможи многу проекти да се завршат, како и да се отпочнат нови. Како Совет, и покрај несогласувања околу многу работи, околу некои имаше и целосен консензус и беа изгласани едногласно. Еден од таквите примери е кога го донесовме и најголемиот Буџет во историјата на град Куманово, Буџет кој ќе придонесе за поголем развој на градот, а истиот беше едногласно изгласан од сите присутни советници. Се надевам дека оваа 2024 год ќе биде уште поуспешна од минатата, ќе успеат да се завршат постоечките и да се реализираат уште многу нови проекти, се со цел градот Куманово да добие европски лик и да стане поубаво место за живеење на сите негови жители.
ДАРКО МИТЕВСКИ