Почетна КОЛУМНИ Техничко Куманово

Техничко Куманово

Град кој во 2001-то конфликтно и исклучително жешко лето беше тероризиран со намерно ускратување на водата за пиење како цивилна жртва за остварување на човекови права, немајте дилеми дека сè уште е град-херој. Кога ќе се присетам, пак, дека за тие херојски четириесетина дена кумановки и кумановци научија да вклучуваат машини за перење на облека со рачно внесување на вода од туби, нема да претерам дека инженерски гени кружат низ нашите генерации. Евлија Челебија, големиот турски патописец, можеби насетувал, но во 1660 г. невозможно било да го дешифрира вистинското инженерство кое од 1944 до 1991 година, Куманово од касаба го претворило во перспективен град. Верувам, поперспективно и од Скопје.

Не, не е ова поздравен говор за Денот на градот, зашто до 80-годишнината од ослободувањето на Куманово, кумановци треба да прегрмат уште едно лето, а како што почнаа да ни се отвораат досиејата „Техничка Влада“, па „Техничка вода“ со сè болницата, фабриките и рестораните, во технички режим – Куманово, генерално, ќе има помалку оптимистична прогноза.

Доколку внимателно ја следевте четириесеттата седница на Советот, јасно ќе ви биде дека во случај на повторни временски непогоди во Липково и повторна ерозија на земјиштето околу браната, кумановскиот „Водовод“ не може да гарантира дека осумдневната мајска криза со водата за пиење нема да се повтори.

Директорот, интерпретирајќи изјава на државен функционер за состојбата со браните во Македонија, ја изусти и синтагмата „либиско сценарио“ – што сама по себе звучи алармантно. Катаклизмично. Особено, доколку се земат предвид сè почестите временски и климатски неприлики и непреземањето буквално ништо ефикасно околу девастирањето на шумите во липковскиот крај.

Luxury Catering Service

Се разбира, како и сè друго, јас барем, немам дилеми дека последните случувања ќе го одминат радарот со критичко око на општина Куманово.

Советот, во отсуство на градоначалникот, не се осмели да го задолжи јавното претпријатие под итно да изготви проект со кој би се олеснило кризното управување при следното заматување на водата, иако му беше презентирана прекрасна идеја која би била и самоодржлива. Имено, доколку се изгради преткоморен систем помеѓу цевководот од браната и филтер-станицата, „Водовод“ ќе може претходно да ги мониторира сите физичко-хемиски аспекти на сировата вода, а пак доколку се искористи јачината на притисокот под којашто оваа вода доаѓа и се трансформира во електрична енергија – системот на шибер-затворачите, што спречува влез на сомнителна вода во мрежата, може да се електрифицира со потрошувачка на струја од 0 денари!

Што всушност ни детектира расипаниот радар на општина Куманово, нам, кои одблиску ја следиме работата на најголемата локална самоуправа, одамна ни е јасно. Виновници и оправдувања!

Во последнава водна криза: Центарот за управување на кризи требало да ги снабди граѓаните со цистерни со исправна вода за пиење, кумановци си полеваат бавчи, кумановци мијат автомобили и си полнат базени со градска вода, кумановци не ги плаќаат редовно фактурите за вода, и на Париз му се случи да функционира со техничка вода, буџетот на општината не може да финансира скапи проекти, сеирџии сте, ништо не знаете да пофалите…Сè заедно, напишано и кажано во медиумски полумрак од оние од кои се очекува одговорно да управуваат со општината и нејзините ресурси.

На тој кој одбрал во секое лошо сценарио да ја игра жртвата, виновници никогаш доволно, па затоа и ми е јасен молкот од мнозинството граѓани на Куманово и особено од правните лица кои во својата производствена или услужна дејност користат питка вода, исто како што ми е јасно дека кумановските инженери во скорешно време нема да ја добијат приликата да ја реализираат претходната или некоја друга подобра идеја.

Во меѓувреме, да се молиме за помалку искушенија, да не ги забораваме вештините и солидарноста од безводната 2001 година и вечно да им благодариме на сите наши предци кои ни обезбедиле брана и водоснабдувачки систем што ниту ги штитиме, ни унапредуваме.

Ивица И. АЛЕКСОВСКИ

Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на ПЛОШТАД. Затоа ПЛОШТАД не сноси одоговорност за содржината на истите.