На почетокот од месецов, 4 јануари, во Занаетчискиот дом во Куманово во организација на Шаховскиот клуб Куманово, се одржа голема свеченост на која што беа одбележани 90 години успешна работа од постоењето на ШК Куманово. На свеченоста присуствуваа претставници на Шаховската федерација на Македонија, Агенцијата за млади и спорт, Боксерската федерација на Македонија, пратеникот Елми Азири, поранешниот претседател на ШК Куманово и поранешен градоначалник на Куманово Слободан Ковачевски, организаторот на турнирот “Опен Параќин” – еден од посилните турнири во Европа – Саша Јевтиќ, претставници на шаховски клубови од државата, многу поранешни кумановски шахисти, кaко и многу граѓани и симпатизери на шахот од Куманово.
За работата и резултатите на Клубот во изминатите девет децении на свеченоста говореа претседателот на Клубот – Сања Трајковска, потпретседателот на Шаховската федерација на Македонија – Агим Шемсију, претседателот на Сојузот на спортови на Куманово – Филип Колевски, претставникот за училишната шаховска настава Александар Јовановиќ, претставникот на ШК Гамбит од Скопје – Орце Дамчевски, инаку одговорно лице за соработката со клубовите, шахистите Милисав Серафимовски и Влатко Крстевски, како и потпретседателот на агенцијата за млади и спорт, Исак Љазами. Тие во своите говори, генерално гледано, дадоа позитивна оценка за досегашните активности и резултати на шаховскиот клуб Куманово, со констатација дека досега, во својата долгогодишна историја, ШК Куманово дал голем придонес во афирмација како на градот Куманово така и пошироко во афирмација и на нашата држава.
Што се однесува пак до шахот како спорт, а кој што спорт поради својата специфична интелектуална вредност многумина денеска го нарекуваат и “ игра на духот и умот”, во Куманово официјално за првпат почнал да се игра во почетокот на триесеттите години во минатиот век па така во 1933 година со седиште во слаткарницата “ Корзо “, сопственост на Трајко Ристовски, во тоа време еден од најстарите и најзаслужни членови на клубот, бил формиран и првиот шаховски клуб во градот под името – ШК Куманово.
Прв претседател на клубот бил професорот Михајло Јовичевиќ, а како најдобар шахист што во тоа време дал голем придонес во афирмација на клубот а кој воедно бил и првиот шампион на градот Куманово, бил шахистот Стојан Ивановски – Слога. Инаку досега, низ повеќегодишното децениско постоење на шаховскиот клуб Куманово, генерациски гледано, поминале плејада од талентирани и квалитетни шахисти како млади така и сениори, а меѓу нив, во повоениот период од постарите генерации, за поуспешни се сметаат шахистите Благоја Манојловски, Среќко Георгиевски, Мирко Крстевски – Компир, Марко Ивановски, Милисав Серафимовски, Стојко Здравковски, Стојан Димковски, Кирил Саревски, Владимир Паневски и други, за потоа, веднаш зад нив, да се појави една нова и помлада генерација шахисти како што се Драги Димитриевски – Попче, Сашо Симов, Влатко Крстевски, Зоран Илиќ (единствениот шахист од Куманово со титула Фиде мајстор), Маре Крстевска, Жарко Митковски, Драган Илиев, Садики Неџмедин, Радомир Јовановски, Неџат Мемети, Срѓан Христовски, Агим Шемсију и други.
Во деведесеттите години пак, на шаховската сцена во Куманово се појави плејада од
неколку млади шахисти но големи таленти, кои исто така оставија длабок печат во
кумановскиот шах на тоа време, но во исто време и го афирмираа градот и надвор од
границите на нашата држава. Тогаш во тоа време се појави една млада но многу
талентирана генерацијана шахисти и тоа Сања Трајковска, Сашко Крстевски, Никола
Левков, Наталија Јовановиќ, Срѓан Станковиќ, Бојан Поповски, Александар Арсовски и други. Па така, во тоа време Сања Стоилковска и Никола Левков, како членово на кадетската репрезентација на Македонија, учествуваа на Светското екипно првенство за кадети во Бразил (1995), додека пак Сања Стоилковска и Наталија Јовановиќ, како членови на Пионерската репрезентација на Македонија, учествуваа на Светското првенство за пионери во Шпанија. Во тој период Никола Левков како кадет учествуваше и на Европското кадетско првенство во Полска, како и на детската шаховска олимпијада во Суто Море во Црна Гора, додека пак Сања Стоилковска како пионер учествуваше на Европското првенство за пионери во Словачка, а подоцна, како сениорка и како член на женската шаховска репрезентација на Македонија, во 2002 година учествуваше на Шаховската олимпијада во Блед (Република Словенија). Но, за голема жал подоцна, таа генерација, иако поседуваше голем и раскошен шаховски талент, поради низа причини и околности, не успеа да направи поголеми шаховски кариери. За својата успешна работа ШК Куманово низ текот на своето постоење се здоби и со неколку признанија, меѓу кои и две пофалници од Шаховската федерација на Југославија и тоа во 1953 и 1958 година, а на локално ниво во градот Куманово 1985 година доби Пофалница од СИЗ за физичка култура и спорт, додека пак во 1987 година ШК Куманово ја доби Ноемвриската нграда на градот Куманово.
Во прилог на враќањето на квалитетот на шахот во нашиот град на старите патеки, оди и податокот дека шахот полека но сигурно станува и дел од училишната наставна програма. Па така, во оваа програма досега се вклучени основните училишта “Крсте Мисирков”, “Браќа Миладиновци”, “Наим Фрашери” и ОУ “Кирил и Методиј” од село Романовце, но во блиска иднина се очекува тоа да го направат и сите други основни училишта. Воведувањето на шахот во наставната програма во основните училишта само по себе создаде потреба од квалитетен наставен кадар, поради што во моментот во сите основни училишта во општината има дури 77 лиценцирани наставници за одржување на настава по шах.
Шаховскиот клуб Куманово во поново време, и не така одамна, имаше мала апститенција од шаховската сцена во нашата држава, но оваа состојба се промени благодарение на новото раководство кое што дојде на чело на шаховскиот клуб пред 3 – 4 години и кога за претседател беше избрана шахистката Сања Трајковска, а за потпретседател Агим Шемсију, кој воедно денеска ја извршува и функцијата потпретседател на Шаховската федерација на Македонија. Тој во моментов е главниот оперативец во Клубот и барем засега има најголема заслуга што Клубот почна повторно успешно да функционира, а кој што Клуб денеска успешно се натпреварува во Првата лига во машка и женска конкуренција, како и во сите други
младински лиги во категории до 8, 10, 12, 14, 16, и до 18 години, со што Клубот ги исполнува сите свои обврски кон Шаховската федерација на Македонија.
ШК Куманово секоја година, во чест на Денот на ослободувањето на градот – 11 Ноември, организира голем меѓународен шаховски турнир на кој што учествуваат повеќе од 100 шахисти од Македонија и од странство. Минатата година исто така за 11 Ноември, Клубот организираше и Младински Рапид турнир на кој што настапија околу 200 шахисти во категорија од 8 до 18 години. И на крајот да кажеме дека за најголем успех во долгодишната клубска историја на шаховскиот клуб Куманово, се смета освоеното петто место во женска конкуренција на Европскиот клубски куп, што се одржа во Струга во 2021 година, додека пак, за најголем хендикеп или неуспех се смета податокот дека ШК Куманово и по цели 90 години од своето постоење па до ден денеска, нема свои сопствени простории во кои што би се одвивале сите клубски активности.
Т.Д.