Во еден град на Североистокот од една западно Балканска брдовита земја, сместен меѓу традиционални вкусови и иновативни кулинарски креации, живееше Слаѓана Тоскиќ, уметничката принцеза и кетеринг кралица, инспирирана од градските апетити за совршени трпези
Во еден табиетлиски град, сместен меѓу традиционални вкусови и иновативни кулинарски креации, живееше Слаѓана. Во патријархалното кумановско семејство, во кое беше порасната, не доаѓаше предвид да се запише на средното уметничко училишта во Скопје или да продолжи ликовно да се образува во Белград. Експресија на уметноста, впрочем, можело да се огледа во кое било занимање, без оглед на образованието – според зборовите на нејзиниот татко.
Послушно и домаќинско дете, Слаѓана својот неостварен сон, сепак, ќе успее да го трансформира во мали ремек-дела, почнувајќи од школските архитектонски скици, преку дизајнерски модели на машината за шиење, сè до откривањето на неспоредливата кулинарска страст што ја откривме многу години пред да се појави терминот „вешта жена“.
Од кујните на нашите прабаби ние сме можеле да научиме дека ако се динста ориз со ладна вода скробот ќе го раскашави и наместо пилешка тава ќе добиеме солен сутлијаш; дека ако се пресоли манџата, додавајќи ѝ еден цел компир ќе се апсорбира вишокот на соли; дека не мора да се прави запршка со брашно и црвен пипер јадењето да биде погусто, но гастрономските вештини на Слаѓана Тоскиќ не се ограничиле на традиционалната рецептура и начин на приготвување. Таа отсекогаш верувала дека добрата храна е висока уметничка форма што резултира со глорификација на квалитетот и вкусот.
Исклучителната дарба на оваа кулинарска маѓепсница од јадењата не прави оброци, туку искуства. За нејзиниот пристап кон секаква пригода за подготовка на кетеринг далеку се слушна. Семејни прослави или гала вечери – нема кој не се восхитува на симфонијата на вкусови, педантната презентација и грижата видлива во секој залак. Зборот „маанџија“ одеднаш се исфрли од дигиталниот речник на кумановци и се воведе изразот „сас очи да се наедеш“.
Дегустацијата на „сериозни“ торти исто така доби нова димензија. Немаше „after taste“ од дебел локум на непцата и конечно и заболекарите можеа да се почестат со „репете“. Посно, мрсно, ситно како „фингер фуд“, крупно како полнет дивеч, ароматично како коријандер, луто како „халапињо“, слатко, дури послатко од нејзиното оригинално, волшебно, старовремско слатко од цреши што ми го намачка на милиброд за добредојде во својата беспрекорно чиста трпезарија едно жешко претпладне, во еден град од марципан.
Како се посрамив што помислив дека сум направила голем подвиг што сум испржила кришки тоа утро и сум направила 200 грама моцарела од козјо млеко и дури сум ги ставила садовите во машина! Додека од 4 часот, взори истото утро, оваа чудесна жена беше исукала пита од блитва, спржила крофни, испекла милиброд, направила ролнички со цимет, сармички со винова лоза и наполнила пченкарни фишеци со освежителни салати од мента… „Повелете, почестете ги вашите сетила и знајте дека ова за мене би било невозможна мисија ако ја немав сестра ми, таа е мојата животна инсталација за поддршка, љубов и разбирање“. Знаеме. Знаеме да препознаеме. Знаеме да цениме. Најмногу знаеме да се гоштеваме, уживајќи во вашата умешност.
Во еден град на Североистокот од една западно-Балканска брдовита земја, сместен меѓу традиционални вкусови и иновативни кулинарски креации, живееше Слаѓана Тоскиќ, уметничката принцеза и кетеринг кралица, инспирирана од градските апетити за совршени трпези. Господ да ја чува уште долги години секоја нејзина возвишена идеја.
И.А.