Да беше жив, не ќе беше невозможно денеска во живо да му го прославиме 103-иот роденден на кумановската икона, Христијан Тодоровски – Карпош, кумановскиот Ел Команданте.
На пресекот помеѓу денешна „Дојранска“ и „1 Мај“ растел тој, но растело и неговото Куманово, обата не восприемајќи дека тој и неговиот град, за точно дваесет години, ќе мора во залог да ги дадат: првиот младоста, вториот – просперитетот…
Чуму ми е младоста без слобода (?!) – размислувал дваесетгодишниот Карпош, покосувајќи ги сите денешни ставови за импулсот што ги натерал него и неговите врсници да го бранат Куманово, да ја одбранат Македонија…
Слободата! Да, слободата како божествено откровение што без претстави им се открива единствено на младите и нерасипаните, на чистите срца.
Таа и нејзината одбрана се единствениот поттик што Карпош од скромно кумановско момче го направиле воинствен командант, опеан и од народот и од соборците.
„Пламен е Карпош – век го не држи,
дружина води – врагој решети,
по гори, поља – на сите страни,
бој крвав бие и народ свети!“ –
во драматичен поетски жар пее великанот Ацо Шопов, соборец и другар на Карпош, пред за навек да ги вонароди:
„Кој не го знае Карпош војвода,
кој не е слушал песни за него –
бучна му Пчиња приказни шуми
бунтовник Козјак спомени чува!“
Но, оној кој без страсти ја чита македонската антифашистичка историја нема дилеми дали денешново општество воопшто, а не само поетски, знае искрено да се оддолжи на нејзините главни протагонисти.
Дали Куманово вистински му се оддолжи на Карпош доделувајќи име на населба, училиште и улица и дали во овој градски хаос кој незапирливо расте при слобода, некој има право да се поистовети со Христијан, или пак да се нарече Ел Команданте?
Искрено се сомневам и ќе опстојам да ги нарекувам умислени Карпошовци сите кои имаат и овластување и реална политичка моќ да го преименуваат плоштадот „Нова Југославија“ во „Христијан Тодоровски – Карпош“.
Од пред некој ден, кога веќе не е потребно скопски булевар да го носи неговото име, се создаде идеална прилика за реализација на идејата од погоре.
Повелете, прогонете го Батко Ѓорѓија од плоштадот и вратете ни го Карпоша дома!
Ивица И. Алексовски