Луѓе среќаваш често, но легенди многу ретко. Екипата на „Плоштад“ беше во домот на легендарниот тапанар на „Азра“ – Борис Лајнер. Неговата енергија има за цел да ја порази и суровата Паркинсонова болест. Бидејќи за него е „како бубањ каже“ – живот. А, ти Џони Штулиќу, прочитај ја последната реченица, а ако читаш само наслови, за секој случај, еби се!
Прошетка низ загребачка топла ноќ во октомври, на „загрепчанин во туѓина“ – го сакал тој тоа или не – му буди носталгија. Можеби делумно причината за тоа се крие во онаа досетка „кој ти е виновен што си стар, па паметиш долго…“; бидејќи навистина долго паметам. Во прошетката со Ивана, намерно избрав да не поминеме покрај „Lapidarija“, сега непостоечки култен клуб, во кој 1980 година по прв пат во живо ја слушав „Азра“ и бев изложен на неверојатна енергија на таа тројка која ги тресеше ѕидовите на подрумскиот клуб. Имав 18 години, светот околу мене, како и околу другите тинејџери од тоа време, не беше баш свет што го сакав, без оглед колку сè изгледаше можно, дофатливо, сигурно…Штулиќ беше артикулиран глас на дива енергија што тлееше во мнозина од нас, тогашни млади. Се чинеше како некој административен работник, дури и како банковен чиновник, кој во работното време не подига поглед од документи, а кога ќе стигне дома ги кине костумот и краватата, облекува фармерки, бела маица, својата легендарна „танкерица“, ја зема гитарата и ги вреска своите фрустрации на сите четири страни на светот. Во живо ги гледав уште еднаш во Студентски центар, на свирка одржана на роденденот на Џони; на свирка со енергија што безмалку беше невозможно да се преживее. Но, колку и Штулиќ да беше детонатор, експлозијата сепак се случуваше зад неговите плеќи. Во ѓаволската машина со која управуваа Мишо Хрњак на бас и, се разбира, ајатолахот на тапани – БОРИС ЛАЈНЕР.
Се одлучив со Ивана да испиеме кафе во „К&К“ (Кава и култура) или „Милчец“ – најзагрепски од сите загрепски кафиќи, место кое оддава почит на загрепскиот писател Звонимир Милчец. И тоа само како попатна станица. Затоа што две трамвајски станици оттаму, нè чекаше легендата Борис Лајнер.
И тогаш, се случи неочекувана промена на планот. Наместо договореното место за средба, Борис нè повика во својот стан. Ако напишам дека и двајцата се почувствувавме повеќе од почестени, апсолутно нема да е доволно.
На вратата нè дочека со насмевка на вечно дете, со незгасливото светло синило зад очилата. Крај него, секогаш присутна, стоеше неговата животна сопатничка, Јасминка Митриќ. Ивана од Куманово им донесе подароци – солениче со македонско знаме за Јасминка, слатко од смокви, неизбежна жолта ракија и приврзок на кој виси тапан. „Кај да си га закачим?“ – се шегува Борис, полека спуштајќи го до … хмм, меѓуножјето, смеејќи се заразно. Кратко нè спроведоа низ својот животен простор, полн со скулптурите на Борис, кои до тогаш ги имав видено само на фотографии. Во аголот на собата – комплет од електронски тапани. „Вежбаш, ха?“ – го прашав, на што тој ми одговори: „Кога ми се сака…“. На што Јасминка додаде дека таа го тера на секојдневна вежба.
Седнавме во кујната, секако, со жолта, која Борис ја пробува за прв пат. „Само еден лиз“, вели заебантот и ми дава шлагворт за воведното прашање кое реферира на епизода што тој ја опиша во својата автобиографија „Све био је ритам“.
Д: Борис, навистина ли Македонките се поинтересни ако се мустаќлии?
Б: Аха. Особено оние кои зборуваат македонски (се смее). Знам дека се шегуваш со мене. Таа Македонка од приказната, едноставно беше првата на која налетав. А, тоа дека имаше мустачиња, имаше. Па, тогаш уште немаше депилација.
Д: Па и ти кратко имаше мустаќи. Во армија („хитлерско“ потшишани). И скоро да беше казнет поради тоа. Што би те натерало сега да ги пуштиш?
Б: Исто што и тогаш: заебанција. Како и онаа дека сум, како викаат, „ќелавиот чупавец“. Од заебанција.
Д: Мора да разрешиме една важна дилема: кој собира повеќе женски после свирка – гитаристи или тапанари?
Б: Единствено сигурно е дека најмалку собираат басистите (се смее). Гитаристи, се разбира. Џони најмногу ги собра.
Д: Колку има вистина во тоа дека си имал прилично голема колекција на женски градници?
Б: (со поглед кон Јасминка) Доказниот материјал е запален.
Д: Што е тапанар или уметник без жена?
Ми одговори многу сериозно, колку и да се обидуваше да го спакува тоа во шега.
Б: Бездомник.
Тука треба да се каже дека Јасминка на Борис му е животна сопатничка, во вистинската смисла на зборот. Борис веќе некое време се бори со Паркинсоновата болест, тешко се движи, но зрачи со неверојатна енергија. Љубовта и грижата на Јасминка за него се чувствуваат во секој момент, во секоја реченица, секој поглед. Се чини како да се од Господ составен пар: секогаш заедно, во животот, работата, патувањата…И двајцата се ликовни уметници, и двајцата го сакаат животот, двајцата свесни на моментот во кој живеат – момент во кој останале многу малку вистински пријатели. Што, неминовно ме поведе да го прашам Борис и за Штулиќ, за нивниот однос во и после „Азра“.
Б: А, глеј…Џони е специфичен лик. Јас покрај него ги поминав најубавите моменти во мојот живот. Таа негова енергија…тоа беше нешто чудесно. И после сè, секогаш ќе кажам дека е голем создавач, дека е неповторлив. Таквите уметници имаат само еден проблем – а тоа е: егото! Бидејќи покрај „Азра“, во еден момент свирев и во „Вјештице“ и Џони беше неизмерно љубоморен на тој мој ангажман. Не е дека јас немав одредена доза на љубомора кон него, но – за мене свирењето тапани секогаш беше исто: „живјети бубањ“. Во „Вјештице“ имав поголем креативен простор, што Џони го доживуваше како личен удар. Необично, затоа што – со неговата креативна енергија не е возможно да се натпреварува.
Д: За него постои „легенда“ дека бил тежок за соработка…
Б: Ехх…еве ти пример: некое време живеевме во Холандија и снимивме плоча на англиски јазик. Една вечер гледавме на ТВ дека Мик Џегер е во нашиот град, дури и неколку улици оддалечен од нас. Се погледнавме и јас веднаш знаев – ставам рака како за војнички поздрав и без тој да ми каже збор, јас велам „разбирам шефе!“, се облекувам и „пичим“ до куќата каде отседнал Мик. Дојдов, тропнав на врата, никој не ми одговори. Само завесата на катот малку се помрдна. Потоа ми отвори некоја девојка, јас ѝ кажав дека имам договорен состанок со него, таа ми рече дека тоа не е возможно оти господинот Џегер спие…и тогаш се сокрив зад блиското дрво и чекав ѕвездата да излезе. И, излегува ѕвездата и јас изненаден – во него нема метар и жилет, а огромна глава…без проблеми го повикав по име, на што тој рече дека ме видел од прозорецот и, доста изнервиран, ме праша што сакам. Тргнав кон него, неговите телохранители кон мене, јас му ја подадов плочата и му кажав да ја преслуша затоа што тоа е најдобрата плоча која некогаш ја има чуено. Луто ја зеде, кажа о.к. и седна во автомобилот.
Д: Како помина со плочата?
Б: Џегер ја фрли на седиштето зад себе. Најважно е што веднаш по враќањето му салутирав на Џони со „мисијата е извршена, шефе!“.
Д: Како гледаше Џони на твојот ликовен израз? Дали ја коментираше бистата што му ја направи ти?
Б: Ништо. Ма, нему тоа не му значи ништо, не се пали тој на таа визуелна уметност. Му се ебе за тоа. Тој се пали само сам на себе.
Д: Како го доживеа „раскинувањето“ со него?
Б: Тешко. Беше скоро како шок, затоа што беше ненадејно. Имав впечаток како да ми се сруши целиот свет.
Д: Како да беше тепачка во прашање, колку знам. Летале пепелници и столови…што поефикасно ги анестезира креативците – пепелник или столица?
Б: Убавиот збор. А него малку го имаше.
Д: Проектот „Поздрав Азри“ беше исклучително успешен. Фановите поверуваа дека повторно би можела да се случи „Азра“. Дали се разговараше со Џони за можно повторно обединување на „Азра“?
Б: Пробавме да го придобиеме, но не сакаше да чуе никој од нас. На мене еднаш ми одговори: „зарем сам со себе да се состанувам?“. Тој само себеси се гледа како Азра. Единствениот човек што воопшто Џони го има сослушано е Раде Шербеџија, кого Џони силно го почитуваше. Раде знаеше дека Штулиќ има одредени, хмм, како да ги кажам – стравови поради кои не излегува ниту на улица, па му беше понудил блиндирано возило да го одведе на бина и веднаш после настапот да го врати. Од другата страна на телефонската линија настапи скоро една минута молк, после кој Џони кратко одговори: „сепак не би“. Ако ништо друго, Раде го доведе до тоа барем на минута да размисли за можноста.
Размислувам како животот во сета своја извонредност понекогаш може да биде суров до степен во кој луѓето, не само соработниците и пријателите кои заедно поминуваат дел од својот креативен пат, допирајќи на тој пат до милиони души…во некој момент стануваат потполни странци, ладни, далечни, молчаливи.
Д: Се јавува ли екипата со која соработуваше, се дружеше? Рундек, Сахер…? Те прашуваат ли барем како си?
Б: Не. Само „Удо Баракудо“ (Марин Пелајиќ), басистот од „Филм“, од време на време.
Д: Некако како пишувањето на книгата, да не претерам – да те врати во живот.
Б: (Погледнува во Јасминка, се смешка и кусо намигнува. Се разбира дека таа го поттикнала). Па да, изненадува и колку луѓе ја прифатија. И оваа втора, „Азрини свједоци“, што јас и Јасминка ја компилиравме од писмата на обожавателите на „Азра“…тоа е прекрасно. Го пропатувавме практично целото подрачје на бивша Југославија, се дружевме со фановите, секаде бевме многу убаво примени…нешто помалку убаво во сопствената татковина, но така оди тоа.
Д: Сега е на ред и Македонија, само да знаеш.
Б: Ајде, време е.
Ивана го праша која македонска песна најмногу ја сака. Подзастана и рече дека не му доаѓа на ум ниту една. „Ма, знаеш сигурно“ – скоро му подвикна Јасминка. „Јовано, Јованке ја знаеш!“
И тогаш, Ивана и Јасминка запеаја.
Би сакал во тој момент да го имав фотоапаратот при раце, иако се сомневам дека ќе беше можно да се долови не само Борисовото препознавање на песната, потчукнување на седум-осмини по коленото, туку и не малото изненадување и трогнатост. После што моравме уште еднаш да наздравиме.
Д: Нема предавање, Борис, нели?
Б: Никако. Ми се живее уште (се смее). Снимени се четири синглови во издание на „Кроација рекордс“, првиот спот „Када бубањ крене“ се врти на youtube и за четири месеци има околу 50.000 прегледи. Наскоро ќе се снима и вториот спот…и так’. Нема предавање!
Се разбира. Вакви луѓе, покрај сите тешкотии, удари, разочарувања…никогаш не се предаваат, никогаш не ги фрлаат – да парафразирам – тапанарските палици во грмушка, дури и кога рацете им треперат.
Се чинеше дека со Борис и Јасминка можевме лесно да останеме уште долго во ноќта. Сепак, се поздравивме со ветување дека повторно ќе се видиме во Македонија, на кумановската промоција на книгата.
Прошетавме низ Загреб како во неверица за искуството што го доживеавме. Не толку искуство заради ексклузивниот разговор со Борис и Јасминка, туку искуство од средба со две топли човечки битија, уметници, „ратника свјетла“, нескршливи и непобедиви.
Ја прашав Ивана: „што мислиш, како би можела да гласи мојата последна реченица?“
Се погледнавме и истовремено ја изговоривме: ЏОНИ ШТУЛИЌ, ЕБИ СЕ!
Од Загреб, специјално за „Плоштад“,
Дарко Даутовиќ
Ивана Аткинс