Почетна КОЛУМНИ Обнова на Македонија

Обнова на Македонија

Дејан Ристов – (гост колумнист, политиколог)

Еден од најдобрите политички слогани, што имплицира постоење на лоша и непријатна реалност, која мора да се смени преку масовна операција за целосна трансформација, со цел апстрахирање од сивилото и апатијата, и што треба да послужи за кревање на срушениот морал од транзициските 90-ти и последователните разочарувања – денеска доживува кулминација. Можно е, некој поттикнат од цинизмот што преовладува, да го доживее како површен, како рецидив од некој истрошен памфлет на еден од претходните изборни циклуси (2020), што не продуцира вистински квалитет и резултати, туку една циклусна размена на полугите на власта помеѓу отуѓените елити.

Како и да е, обновата започна, очекувано, не како револуција – со спектакли и драстични промени на подобро. Такво нешто во општествено-политичката  реалност скоро и да не постои. Рушењето на системот, понижувањата и грабежот беа големи и траеја премногу долго, затоа е и разбирлива нетрпеливоста на граѓаните за што побрзо испорачување на резултати на владината коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, за овие четири месеци стана јасно дека освен што нема да биде како до сега, туку полека но сигурно Македонија добива нова перспектива.

Колкави и да се перформансите на новата власт (а се многу поголеми од претходната на СДС и ДУИ), нема да ги имаме посакуваните резултати без целосна мобилизација и обединување на заедничка вредносна основа на Македонците и сите други граѓани без разлика на нивната партиска, етничка или пак верска припадност. Оттука и повикот на 8 Септември, по повод Денот на независноста, од страна на премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, за заедништво и сплотеност околу десет принципи.

Luxury Catering Service

Како прв принцип се наведува воспоставувањето на правда и правна држава. Општа перцепција е дека во Македонија нема правда. Најсуров доказ за тоа се Уставобранителите од 27 април. Секој чесен граѓанин кој имал допир со правосудството, кој шетал низ бирократските лавиринти на беззаконие и волунтаризам, многу добро знае.

Вториот принцип ја нагласува департизацијата на општеството, односно како што беше кажано:,, Напредување врз основа на способности и компетенции. Вредните мора да добијат шанса, наместо оние кои со врски напредуваат”. Познавам многу квалитетни луѓе кои никогаш не добиле шанса поради партизацијата, непотизмот, кронизмот и корупцијата од големи размери.

Понатаму се валоризира важноста на меѓуетничките односи преку…,,мораториум на етнички произведените теми зад кои стои лукративниот интерес на поединци”. Неопходно е да  се прекине со етно-политичката мобилизација што ги контаминира секојдневните односи помеѓу нормалните луѓе.

Претседателот на Владата во својот празничен говор понуди и заедничка работа за подобар стандард на граѓаните, со фокус на инвестициите, стимулативната даночна политика и унапредување на сите области од кои е детерминиран економскиот развој.

Создавање на поправедно општество и развој на вистинска слободна економија, против монополизацијата и создавањето на екстра профити, најмногу врз грбот на граѓаните. Во Македонија за жал нема развиена пазарна економија. Напротив, во многу сектори владеат картели или пак монополи кои добија многу сила како резултат на криминогеноста на претходната власт. Нивната алчност, демонстрирана преку нереално наметнување на цени, посебно за храната, предизвикува НЕСИГУРНОСТ и ГЛАД кај многу луѓе во Македонија.

Како шесто, се става акцент на реформи во образованието преку креирање на квалитетни и долгорочни образовни политики. Претходната власт освен што не можеше да обезбеди елементарни услови во образованието, предизивка големи девијации во образовниот процес, со кои владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, уште на самиот почеток реши да се справува.

Во празничниот говор на премиерот се реафирмира и заедничката заложба за интеграција на Република Македонија во заедничкиот културен и економски европски простор. Нешто што е одамна апсолвирано и претставува повеќедеценсика стратегиска цел на државата, што секако преку мудра политика треба да се следи и наредниот период.

Во иднина е неопходно да постигнеме единство околу националните интереси, да нема поделби за крупните прашања. Демонстрираме голема слабост, посебно околу клучните прашања поврзани со нашиот опстанок како народ и држава. Последица на таквата состојба се штетните договори со нашите соседи.

Мошне важна е и борбата против иселувањето. Стотици илјади луѓе се иселија од Македонија, огромен дел од нив млади кои одлучија да градат перспектива во други држави. Мора да се поддржат луѓето да останат во Македонија, а многумина од иселените да се охрабрат да се вратат во својата татковина.

Последен, но не и помалку важен е принципот на заеднички патриотизам што подразбира заедничко верување и заедничка борба за иднината во Македонија. Македонија да биде наш заеднички дом, наша посебна приказна која ќе ја живееме и раскажувме на сите во светот.

Како дополнување на предложените принципи на Владата е секако и најавата за иницирање за изработка на Стратегија за развој на државата до 2050 година во соработка со МАНУ и сите политички фактори во државата.

Време е да престанат поделбите и фрагментираното општество да се обедини околу овие принципи, принципи што ќе станат основа за долгорочен развој на Македонија.

Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на ПЛОШТАД. Затоа ПЛОШТАД не сноси одоговорност за содржината на истите.