Без поголем интерес во кумановската јавност помина веста дека општина Куманово официјално го започнува процесот за формирање на иницијативен одбор за конституирање на локално Собрание на млади, како прв чекор за формирање на локален Младински Совет. Во јавниот повик уште се вели дека членови можат да бидат млади од 15 до 29 години, членови на ученички и студентски организации, политички подмладоци, итн. На прв поглед сосема обична вест. Но,ајде да одиме по ред. Повеќепартискиот систем секако не е идеален, но подобар нема. Политичките партии со сите свои слабости се еден вид цивилизациска придобивка, освен кај нас.
Кај нас во Македонија тие се елементарна непогода. Долг е списокот на причините зошто ги доживуваме како торнадо и цунами, но во контекст на младите многу голем проблем е што во своите статути имаат основ за формирање на свои подмладоци. Па така ги добивме СДММ, ЛДММ, Унија на млади на ВМРО-ДПМНЕ. Дури и новата „Знам“ има свој подмладок. Направија расадник на евет ефендии, полтрони, бескичмењаци, климоглавци, луѓе без став. Младите во партиите гледаа и гледаат одвратни игри за власт и превласт, лепеа и лепат изборни плакати, на постарите им купуваат цигари. На многу млада возраст учат дека партијата е црква, лидерот Бог, а партискиот интерес најголем интерес. Нешто како Свето писмо. Така поделени и скарани се лесни за манипулирање и контрола. Ќе праша некој дали има чаре и каде е во приказната локалниот Младински Совет?
Чаре има! Македонија има иднина само ако во корен го менува овој настран и расипан систем. Не да го шминка, туку радикално да го менува. Во тој систем нема место за политички подмладоци. На младите им треба само силна Унија на средношколци, силен Сојуз на студенти и сосема на крајот локални Младински Совети. Ништо повеќе. Младите треба да бидат храбри, бунтовни и опозиција на секоја власт. Да се обединат под знамето на Македонија. На една страна сите млади заедно, од друга сите полтички партии. Па така силни и обединети кога ќе излезат со своите барања, секоја власт ќе внимава што прави. Така силни ќе пратат порака до министрите: „имате 30 минути да дојдете кај нас да ви ги прочитаме барањата“. Така силни и обединети многу повеќе ќе тежат кога ќе излезат со транспаренти „Бандо лоповска“. Само најпрвин, треба да не членуваат и самите во ниедна банда. Така и никако поинаку!
Ајде да го менуваме системот.
Ајде да ги укинеме политичките подмладоци.
Без партиски дресови, младите ќе се обединат под знамето на Македонија.
Без политичка припадност, младите ќе ни останат и со нив ќе се гордееме!
Марјан Славко