Почетна Вести „Етно ризница“ го најавува оригиналното бабино девојче!

„Етно ризница“ го најавува оригиналното бабино девојче!

На концертот “Цане со пријателите”, во понеделник, 18 ноември, кумановци ќе ја слушнат оригиналната “Бабино девојче”!

 

Примамливо, навистина примамливо делува поканата да се присуствува на новиот фестивал што ќе се одржи во понеделник на 18 ноември 2024 година, во салата на Занаетчискиот дом во Куманово и воедно да се доживее музичко дружење со елементи на оригиналност и македонска традиција, на минатото и сегашноста, на приказните и музичките преданија.

Нов, како ново издание, инаку фестивалот годинава се организира по деветти пат, но секој пат е толку различен, креативен и поинаков, што се чини и сега може да очекуваме нешто сосема свежо.

Luxury Catering Service

„Оваа година, тематскиот наслов на деветтото издание на „Денови на балканската етно ризница“ гласи „Цане со пријателите“, затоа што целовечерен концерт ќе ни приреди познатиот автор и инструменталист Цане Петров, кој својата инструментална музика целосно ја потпишува како аранжер. Велам како аранжер, бидејќи во концертниот репертоар се сместени македонски народни изворни песни, преработени во класична верзија со гитара, само како инструментал. И така и ќе ги изведе, со својата гитара. Како Здружение, „Етно ризница“, повеќе од десетина години ги собиравме песните од нашиот регион, што досега не се слушнати, овие се дел од нив“ – најавува организаторот, Драган Јаким, претседател на Здружението.

Претходно, пред четири години, во рамките на нивната заедничка работата (истражување и собирање на стари музички теми) со познати пејачи го снимија истоименото ЦД „Етно ризница“ со 16 песни, од новооткриените, и оние во целосно аранжерско обликување на Цане Петров.

На овој концерт ќе има и гости, токму некои од пејачите од албумот, кои ќе настапат за да го зачинат и со вокални изведби. Најинтересна, сепак, особено за кумановската публика, очекуваме да биде изведбата на „Бабино девојче“ во оригинална верзија.

„Нино Величковски, славниот кумановски боем, ќе ја запее легендарната „Бабино девојче“, меѓутоа истата онаа верзија која што чичко му од Бајловце му ја испеал своевремено. Петров сега го има направено аранжманот според оригиналниот модел, така што ова „Бабино девојче“ е сосема различно од она што Нино константно си го пее по настапи (на времето направена од Миодраг Мичо Божиновски за Валандовскиот фестивал). Овој пат ќе слушнеме ексклузива – Петров ја дотера во изворна верзија, токму онака како што нашите од Козјачијата ја пееле од памтивек. Затоа сега конкретно во таа песна провејуваат и врањски елементи, бидејќи тој регион каде што е селото Бајловце гравитира кон Козјачијата, но гравитира и кон Врање, а кумановскиот и врањскиот дијалект се доста слични и тоа не е некој дамнешен период кога биле уште поповрзани, заради територијалната и демографската близина“, раскажува господин Јаким.

Во понеделник на концертот покрај Нино, како гостинка ќе се појави и фолк пејачката Катерина Брезева од „Соната“, но и инструменталистката Бајса Арифовска.

„Нашата мисија во суштина е сочувување на историското наследство. Заедно со Цане Петров и Слаѓана Ивановиќ, како пионери во работата на „Етно ризница“, почнавме на терен да ги бараме песните од повозрасни песнопојци во североисточниот регион, поточно во селата околу Кратово, Крива Паланка и Куманово. Имаме собрано преку 200, досега нечуени песни. Голем дел од луѓето кои ни ги пренесоа не се веќе меѓу нас, како што е дедо Досе од село Станци, кривопаланечко, кој со своето кемане ни ги свиреше во манастирот Свети Јоаким Осоговски, па дедо Љубе од Живалево, кој ни ја откри песната што потоа во студио ја сними Душко Георгиевски „Месечино, царева девојко“. Тука се и браќата Иле и Малин од село Сакуљица, тука е тетка Злата од Кетеново и ред други наши повозрасни песнопојци кои ги изнаоѓавме кога одевме на терен. Идејата беше да се направи една трилогија и така и ја насловивме: „Трилогија од изворни народни фолк мелодии од североисточниот регион“, меѓутоа тешко се доаѓа до финасиски средства, па така, засега се реализира само првиот дел, во фиока остана материјалот за втор и за трет носач на звук“, објаснува Јаким.

Песните се регистрирани автентично, онака како што песнопојците им ги пренеле ним, а тие едноставно ги снимале на диктафон. Подоцна за дел од нив Петров направил музички аранжмани по свое видување.

„Да биде појасно за публиката, за овој концерт Цане си го изработи материјалот како сопствен проект со петнаесетина само инструментални мелодии. Задоволство ќе биде да се слушнат и неговите инструменталки, но и изведбите на пејачите гости“, нагласува Јаким.

Инаку, „Денови на балканската етно ризница“ всушност е замислен како финален чин во промоција на активностите на Здружението од претходната година, та затоа, поради бројните активности, секоја година концептот им е различен.

А што сѐ имаат реализирано година по година?

„Материјализирани се голем број на активности. Оваа разновидна манифестација своевремено се одржуваше и во Кратово и имавме редица содржини – ревија на народни носии од североисточниот регион, ревија на народни носии од Шопскиот крај. Понатаму, една година имавме гости од Полска, тие го промовираа својот материјал и ни ја донесоа полската култура, а како финале ансамблот од Полска ја изведе песната „Македонско девојче“. Една година го промовиравме албумот што го издадовме, „Етно ризница“, со настапи на пејачите кои беа дел од него. Меѓутоа, во последниве години уште повеќе го проширивме, успешно беше и она издание кога учествуваа дечињата со посебни потреби од „Доза среќа“, тие ги совладаа песните и ги презентираа на свој начин.Таа вечер беше исклучително квалитетна затоа што пееја заедно со пејачите и атмосферата кулминираше. Минатата година, бидејќи Куманово и Врање се збратимени градови, го одржавме фестивалот со тематски наслов „Врањска вечер“, на кој учествуваа актери од Народното позориште од Врање, од Центарот за култура на Врање, а учествуваа и наши активисти од Куманово, како и членови на Културно уметничкото друштво „Српски вез“, објаснува нашиот соговорник.

Сево ова укажува дека не случајно овој фестивал си го најде своето место и веќе се одржува во рамките на чествувањето на Денот на градот: успешниот фестивал на нови шегобијни фолк песни „Тумба фест 2024“ како креација на „Етно ризница“ неодамна беше дел од Кумановско културно лето, а споменатиов концерт сега станува дел од чествувањето по повод Ноемвриските денови на градот.

„Куманово оваа година прославува 80 години слободно Куманово и 505 години од самото постоење, од кога е спомнато Куманово во историјата. А ние како Здружение учествуваме во прославата на наш начин. Претпоставувам не случајно самата Општина најде интерес во рамките на целокупната прослава да го смести и овој настан. Да повторам уште еднаш: еве прилика да ги поканиме сите кумановци кои што ја милуваат македонската народна музика. Вечерта со инструменталните изведби на Цане Петров и песните со македонските златни грла ќе биде прекрасна, ќе трае околу час и 15 минути, во кои заедно ќе се забавуваме и ќе уживаме, на 18 ноември од 19 часот во салата на Занаетчискиот дом во Куманово. Влез слободен, а секој добредојден“, поканува Драган Јаким.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго