Одбележување на 37 години танцова извонредност – Денс студио Мак
Гордоста и радоста на нашиот град, денс студиото „Мак“, повторно ја постави нашата танцувачка уметност на глобалната сцена, враќајќи се со престижни награди во повеќе категории од меѓународен танцов натпревар во Хрватска. Познато по негувањето таленти во сите возрасни групи, студиото на најдобар начин ја прославува 37 годишнината – со прикажување на вештината, страста и посветеноста на своите танчери – од најмладите таленти до поискусните изведувачи.
Денс студиото „Мак“ е танцово студио кое постои од 1987 година и со гордост го слави својот 37 годишен јубилеј, одбележувајќи повеќе од три децении, исполнети со труд, посветеност и значајни успеси. Од своето основање, „Мак“ прерасна во едно од најреномираните танцови студија во земјата, инспирирајќи ги младите танчери да ги следат своите соништа и да станат дел од светот на уметноста.
Во текот на изминатите години, „Мак“ создаде генерации танчери, кои не само што постигнаа успех на национални и меѓународни натпревари, туку и придонесоа за промоција на уметничката сцена во Македонија и надвор од неа. Со освоени бројни награди, признанија и аплаузи од публиката, „Мак“ се истакнува како институција, каде талентот и трудот се вреднуваат и развиваат на највисоко ниво.
„Овој јубилеј за нас е симбол на напорната работа, креативноста и љубовта кон танцот. Горди сме на постигнатото и со нетрпение очекуваме уште многу успеси во иднина. Нашата цел е и понатаму да ги инспирираме младите генерации и да го негуваме нивниот талент“ – изјави м-р Мерлин Стојановска, педагог и кореограф.
„Преку едукација, дисциплина и страст, студиото „Мак“ цели да изгради самодоверба и изразност кај своите членови, подготвувајќи ги за изведувачка кариера или живот исполнет со уметност и култура. Визијата е денс студио „Мак“ да остане лидер во уметничкиот свет, како центар на извонредност во танцот што ќе инспирира нови генерации. Стремиме кон тоа да создаваме професионални танчери и лидери кои ќе го претставуваат нашето студио и нашата земја на национални и меѓународни сцени. Со континуирани иновации, креативни проекти и активно учество на настани, сакаме „Мак“ да биде препознаено како студио кое ги надминува границите на традиционалниот танц и внесува свежина, уникатност и автентичност во културната сцена“ – решителна и уверлива е Стојановска.
Денс студио „Мак“ нуди разновидни активности кои овозможуваат развој на танчарите на сите нивоа, од почетници до професионалци, и придонесуваат кон нивниот целосен уметнички и физички развој. Освен редовните часови по танц, организираат и работилници и кампови, учествуваат на годишни концерти и во театарски претстави/мјузикли, веќе 13 години го организираат и меѓународниот фестивал „Денс фест“, како платформа за размена на искуства, култура и уметнички перспективи; учествуваат на натпревари, во креативни проекти и соработки, образовни предавања и семинари, на социо-општествени и хуманитарни настани.
Преку овие активности, денс студио „Мак“ им овозможува на своите членови не сам о физички развој и професионален напредок, туку и шанса да стекнат нови искуства, пријателства и вредности што ќе ги следат низ целиот живот.
Оваа година нашето најнаградувано денс студио зеде учество на бројни натпревари каде освои многу награди и признанија, од кои не би можеле да ги издвоиме поважните, но сепак, посебно место има наградата за најдобра главна улога на фестивалот во Нови Сад, која ѝ припадна на Кјара Ристиќ за улогата на Капетан Џон Пиплфокс во истоимениот мјузикл, режиран од Горан Илиќ.
Следниот период е исполнет со многу активности како што се: семинари во Белград и Скопје, учество на меѓународниот натпревар „Денс оф“ во Скопје и новогодишниот настан „Желбата на Дедо Мраз“.
Следната година студио „Мак“ ќе работи на нова театарска претстава, мјузикл. Денс студио „Мак“ не само што се истакнува во танцот, туку е и вистински центар за развој на целосни сценски уметници. Покрај танцувањето, студиото нуди часови по глума, соло и хорско пеење, со што им овозможува на своите членови да ги развијат сите аспекти на сценскиот израз.
Овој мултидисциплинарен пристап придонесува кон целосно оспособување на нашите ученици за сцената, развивајќи ги нивните вештини во повеќе уметнички дисциплини и помагајќи им да стекнат самодоверба и креативност.
Со триесет и седум години успех зад себе, денс студио „Мак“ продолжува да биде дом на уметничка посветеност, раст и креативност. А, среќата отсекогаш била таму кај што ни е домот.
Р.П.