Почетна ГОСТИНСКА СОБА Повеќеслоен творечки ум од нашиот друм

Повеќеслоен творечки ум од нашиот друм

Никола Наумовски е момче крај кое ќе поминете на улица без да помислите кој е и со што се бави и кои успеси ги има зад себе. Ништо необично. Затоа што малку на кого му доаѓа на ум, особено во овие „шугави времиња“, дека постојат млади луѓе кои ги интересира и нешто повеќе од тик-ток, инстаграм, трап/турбо-фолк и слични занимации. Но, би се изненадиле.

Никола го запознав пред неколку години, како музичар во кумановската група/проект „Авелина“. Нешто подоцна дознав и за неговиот личен музички проект „Sinking Photon“ и тоа ми се виде многу природно, скоро па и логично уметничко насочување. Сепак, она што не го очекував беше неговото „бавење“ со пишување – поезија и проза.

Преку ден соработник во маркетиншка компанија, Никола стигна скоро во минута точно на нашиот договор, цврсто стегајќи ми ја раката и прашувајќи ме: „Зошто мене да ме интервјуирате?“. И токму тоа негово прашање дополнително ми потврди дека ќе разговарам со млад човек кој – како на времето забележа Станиславски – ја сака уметноста во себе, а не себе во уметноста.

Luxury Catering Service

Почнавме стандардно, знаете она скоро како читање од лична карта: роден 1994, во Куманово. Дипломирал музичка теорија и педагогија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, не работи по струка, па ете, го работи она што може да ги плати сметките. Она што далеку повеќе ме интересираше, беше – кога прв пат почувствувал потреба да го изрази она што се преточува во музика, во стихови, во текст, што го поттикнало. Ми кажа дека како дете, можеби уште и пред да научи да чита, во „своето внатрешно око“ гледал слики, бои и како раснел – тие слики почнале да добиваат звук и облик. И тоа трае до денеска. Понекогаш тие слики се одраз, како вели, на хаосот, а понекогаш и на – помал хаос. Тоа, всушност, многу добро се слуша и во неговиот авторски музички проект „Sinking Photon“, што не е лесен за слушање, чиниш „темен“ на моменти, а сепак не е таков, но секогаш искрен…Таков е и внатрешниот свет на Никола, што тој го пренесува во звук и зборови.

Во 2021 г., Никола беше добитник на првата награда на конкурсот „Млади поети“, одржан во чест на 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески, од страна на Агенцијата за млади и спорт (АМС). Застапен е во „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ (ПНВ Публикации, 2023), во првата едиција на фестивалот за европски театарски алтернативи „Штурм унд Дранк“ (Sturm und Drank) во 2021 година и во неколку други антологии. Настапил на „Скопскиот поетски фестивал“, на „Литературни искри“ во Гостивар, како и на поетскиот настан „100 000 Поети за промена“.

Минатиот месец, во скопски МКЦ, се промовираше неговата прва збирка на поезија „Град без сенка“, во друштво на голем број пријатели и познаници, кои во Скопје, не само поради големината на градот, ги има многу повеќе отколку во Куманово. Обајцата се сложуваме дека Куманово е необичен град во кој можеби има најмногу млади, талентирани луѓе по глава на жител, но – бидејќи немаат доволно поддршка од својот град, како да немаат ни простор во кој може да се претстават, па напросто се пасивизираат. А, Никола не го прифаќа тоа и бара начини самостојно или во музички соработки како што е „Авелина“ или во создавање на филмска музика – да го пронајде своето тродимензионално место за израз.

Работи на вториот албум „Sinking Photon“, поинаков, со повеќе музички текстури, со многу разбивање на усталените музички форми…што и не е чудно за таков повеќеслоен творечки ум.

Го завршува и својот прв роман. Насловен ќе е „Кругот Дупка“ и за него накратко открива дека во прво лице ќе раскажува за јунак кој се наоѓа во „лимбо“ помеѓу животот и смртта. Не би сакал, вели, да прави „спојлер“, но сигурен е дека романот, иако можеби за нијанса надреален содржински, ќе го најде својот пат до читателите. Издавач, како и за неговата прва збирка поезија, ќе биде „ПНВ Публикации“, Скопје.

Да се разговара со триесетгодишник кој вистински (и мултимедијално) ја живее својата потреба за изразување, по правило е недовршена приказна. Но, многу пријатна, зашто е лесно да се посака да се продолжи во недоглед. Сепак, со оглед дека живееме, пред сè, во време на обврски, договараме повторна средба. Поради промоција на музиката или романот. Или поради кој знае што уште ќе создаде внатрешниот универзум на Никола Наумовски.

Дарко Даутовиќ