Почетна АрХефакти ИСЧЕЗНАТИТЕ ГРАДОВИ ВО КУМАНОВСКО – 1

ИСЧЕЗНАТИТЕ ГРАДОВИ ВО КУМАНОВСКО – 1

Мистериозни приказни за скриени богатства, подземни премини и подводни соби, низ клисурите и опустошените предели од варварските народи, низ цркви, мостови, пештери, преку седум ридови и седум долини, нека ве води угледниот археолог, Дејан Ѓорѓиевски, со своите живописни писанија, само на Плоштад.

 

 

Luxury Catering Service

 

 

 

 

 

1. Тврдината во Бислим

Веројатно нема место во околината на Куманово за кое што ќе чуете повеќе мистериозни приказни за скриени богатства, подземни премини и подводни соби, како што можете да слушнете за Бислимската Клисура. Сместено во непосредна близина на селото Пчиња, ова место е едно од најживописните во регионот. Богато со огромен број на пештери, од кои најголем дел се проучени од нашиот сограѓанин, проф. И. Милевски, местото отсекогаш претставувало инспирација за човековата фантазија. Но, клисурата, исто така, претставува и вечно почивалиште за многу населби кои егзистирале низ историјата, а чии остатоци денес можат да се забележат само површински, обраснати со густата вегетација низ која е скоро невозможно да се помине. Иако навидум денес е отсечено од секаква комуникација со регионот, порано воопштно не било така.

Стрмните карпи засечени од коритото на Пчиња, претставувале ранлива точка низ која лесно можеле да поминат „варварските“ северни народи и, движејќи се по коритото на Пчиња и Вардар,  да ги опустошат големите цивилизациски центри на југот. Поради тоа, некаде по 4 век од н.е. римската војска изградила моќна тврдина во центарот на Бислимска Клисура, која опстојувала неколку века по градењето. Ние немаме податоци за тогашното име на тврдината, но денес, како што е случај со повеќето исчезнати населби, местото е познато како Градиште, и е доста лесно да се стигне до него.

Снимка од дрон со пронајдената ранохристијанска црква
Снимка од дрон со пронајдената ранохристијанска црква

Ѕидот од тврдината е најсочуван од источната и југоисточната страна, на некои места достигнувајќи и висина од 2 метри. Секако, тврдината била барем со десетина метри повисоки ѕидови, и, поради својата важност, била обновена, односно засилена, барем три пати. Затоа, денес, на некои места, ѕидовите се дебели и по два метри, давајќи на тој начин добра заштита за жителите внатре во тврдината. Имаме индиции дека и надвор од ѕидините постоела населба, што значи дека местото, од обична воена тврдина, прераснало во градска населба која се проширила. Иако денес пристапот е од источната страна, порано тоа претставувало најзаштитена точка на населбата. Тука и денес има ров, како прва пречка за пробив во внатрешноста, а потоа се доаѓало до две големи кули како најсилна заштита на населбата. Веднаш зад нив, споена со градскиот бедем, била изградена голема црква, според нашите мерења долга околу 20 метри.  Намладиот под на црквата го пронајдовме на длабочина од околу 1.5 метар од денешната површина, изграден од керамички тули и поделен на три дела, слично како и кај денешните цркви. Кровот го држеле столбови, од кои што беа пронајдени три бази – основи, изградени од камен. Откриен е само источниот дел од црквата – олтарот и страничните простории, што значи дека најголемиот дел од црквата допрва треба да се открие. И црквата била долго време користена – со ископувањата пронајдени се уште три постари пода, па така, доколку стоите на најстариот под, последната фаза по која чекореле нашите предци, односно најмладиот под  ќе биде над вашата глава.  Најстарата црква имала фрески, а неодамна, откривме и дека ѕидовите на црквата биле украсени не само со геометриски мотиви, туку и со фигури на светители. Сосема невообичаено е црквата да биде изградена со олтар кој однадвор е поврзан со градскиот бедем, и такви примери има сосема малку во регионот (во Македонија овој е единствен). Веројатно луѓето верувале дека со непосреден контакт црквата ќе ги засили градските ѕидини и кулите, и ќе ја заштити населбата преку Божја помош, слично како сведоштвата за св. Димитриј кој чекорел по солунските ѕидини и го бранел Солун од нападите.

Источниот откриен дел на ранохристианската црква, непосредно до кулата
Источниот откриен дел на ранохристианската црква, непосредно до кулата

А инаку, влезот бил од север, непосредно над реката, каде што бил пробиен пат во карпата кој водел до градската порта. На таа површина, постојат сведоштва дека се најдени гробови, кои сигурно се подоцнежни, поставени врз урнатините на населбата. Западно од црквата, видлив е систем на улици кои се сечат под прав агол, потоа, уште неколку големи внатрешни ѕидови, како и голем број остатоци од куќи и поголеми згради. Постои и една мала пештера во средината на населбата (Градишки/Градиштански Пештер), над кој постои пропаст висока 22 метри. Иако теренот е доста стрмен, остатоците покажуваат дека внатре, во тврдината, просторот бил максимално искористен за живеење, односно, била градени градби насекаде во укрепената површина. Наодите од археолошките истражувања се најчесто од период на 4-6 в., што не значи дека нема постари или помлади наоди. Самата тврдина биле опкружена и заштитена од уште најмалку три локации со градби од истиот период– Девојкина (Момина) Башча, Манастирче и Славиште. Откриени се и делови од римскиот пат преку кој се доаѓало во областа, римски мост, остатоци од римски системи за наводнување и чешми, како и сведоштва за човечки интервенции во пештерите околу тврдината. За жал, се уште не знаеме кој и како ја уништил населбата. Во црквата откривме два уништени пода, со траги од горење, што сведочат за палење/пожар на објектот. Но последниот, најмлад под, не беше ниту уништен ниту спален.

Како и да е, после рушењето на тврдината, луѓето го користеле каменот од градбите, па така, формирале уште најмалку две нови населби – Селце (Старо село, Селиште) и Бислим, после што се спуштиле кон југ и го направиле денешното село Пчиња. Клисурата ја користеле по потреба, а системот на пештери и канали бил идеален за криење во тешките времиња на македонската историја. Според кажувањата, тука се криел и комитата Крсто Коњушки.  А денес,  некогашниот град во моќната римска тврдина во центарот на клисурата, постепено исчезнува под моќта на природата, која полека го покрива со густа вегетација и го прави невидлив за очите на посетителите и истражувачите.

Дејан Ѓорѓиевски, археолог

Најмладата фаза од црквата, под која се наоѓаат постарите цркви
Најмладата фаза од црквата, под која се наоѓаат постарите цркви
Постарите фази на црквата
Постарите фази на црквата
Остатоци од тврдината
Остатоци од тврдината
Остатоци од тврдината
Остатоци од тврдината
Пештера во населбата
Пештера во населбата