Почетна СТАРО КУМАНОВО Каде била куќата на семејството Владиќ?

Каде била куќата на семејството Владиќ?

Куќата на семејството Владиќ – белег на стара градска архитектура

Секој кумановчанин денеска, поминувајќи покрај реконструираниот градски плоштад го забележува објектот на Домот на културата „Трајко Прокопиев“, кој е изграден и свечено пуштен во употреба во 1981 година, по повод 25 мај, Денот на младоста и роденденот на другарот Тито и 40 годишнината од НОБ и социјалистичката револуција.

И просторот што се наоѓа на некогашната пространа Тумба си има своја интересна историја.

Сл. 1. Фото „Мимоза“ во некогашната куќа на семејството Владиќ, 1964 г.

Кумановската стара чаршија првите трансформации ги доживува во периодот по Првата светска војна, кога Куманово, во 1923 година, го добива својот прв Регулационен план и кога започнува поинтензивна станбена изградба од цврст материјал.

Luxury Catering Service

Тогаш во Куманово интензивно се градат повеќе семејни и деловни објекти, кои со своите архитектонски белези плениле во кумановската чаршија. Дуќаните во чаршијата во најголем број биле објекти на приземје и на кат, каде приземјето се користело како дуќан, а катот за живеење. Една таква куќа и дуќан е и куќата на семејството Владиќ, која се наоѓала токму на просторот на денешниот Центар за култура.

Куќата на кат во центарот на градот долги години по војната егзистираше во Куманово.

Сл. 2. Објекти изгубени во виорот на промените, а на нивно место е изграден НУЦК „Трајко Прокопиев“

Таа на времето била раскошна, градена во нов, модерен стил, со балкон и лоџии, а во приземјето, како што напоменавме, имала и продавница.

Според (М. Арсовски, 2008), стариот Лазо Владиќ – Штрб, познат велешанец, со влашко потекло, со сопругата Алтана, засекогаш се населува во Куманово. Бил познат трговец на шивачки игли на големо. Трговската традиција на семејството ја продолжиле неговите синови Јордан, Петре, Димче и Леонид, сите познати манифактурни и галантериски трговци, кои биле уважувани во трговскиот еснаф. Сите имале големи куќи на Тумба. Сите нивни куќи и продавници биле урнати за да се прошири Градскиот плоштад и да се изградат станбено-деловни објекти.

Инаку, најпрво, во куќата на Јордан Владиќ, модерна продавница во приземјето држел Ќиро Војиновиќ – Шпарта.

Граѓаните на Куманово, Ќиро Шпарта го помнеле најмногу по модерната продавница: „Агенциско-комисионен дуќан на Ќиро Војиновиќ“, што се наоѓалa во центарот на градот.

Со работа започнал на 1 април 1929 година. Продавал радиоапарати, грамофони, грамофонски плочи, делови и секаков вид на батерии, акумулатори, машини за пишување и делови за нив, сијалици, машини за шиење. Бил деловен застапник-агент на прочуените светски фирми: „Осрам“, „Југ опталух”, „Филипс“ – Југословенски АД Белград, „Мишелин“, „Кроатиа Загреб“, „Муња“- фабрика за акумулатори – Загреб, „Х. Братман“ – фабрика за шивачки машини од Нови Сад, „Змај“ – фабрика за батерии од Љубљана, АЕГ- југословенско електро друштво, „Олимпија биро машини“ АД Београд и други. Од нив порачувал стока и го сметале за еден од најплодните и најсигурните свои застапници на Балканот.

Во истата куќа и дуќан, подоцна, во шеесеттите и седумдесеттите години, се наоѓало фото студиото „Фото Мимоза“ на Ратко Петковски.

Сл. 3. Куќата на Јордан Владиќ и дуќанот на Ќиро Војиновиќ Шпарта

Овој ред на семејни и деловни зданија се неповратното изгубени, а на нивно место е изграден Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. Бил еден од најрепрезентативните на градскиот плоштад, при што доминирале куќите и деловниот простор на семејството Владиќ. Исчезнале во виорот на промените (Д. Масевски, 2019).

Сл. 4. Градскиот плоштад во 1942 година и куќата на семејството Владиќ (со стрелка)

Јордан Владиќ уште поседувал и продажен простор на пространиот тогашен „Цветни трг“ бр. 21, што за тоа време претставувал вистинска модерна стоковна куќа на галантериски и манифактурни стоки. Се простирал непосредно до некогашниот Безистен во кумановската чаршија (дел од просторот кај се наоѓа хотел Кристал). Вработувал повеќе трговски работници, кои на бројните муштерии им нуделе првокласни манифактурни производи.

Сл. 5. Куќата на семејството Владиќ (десно)
Сл. 6. Куќата на Јордан Владиќ од далечина

Користена литература:

Весник „Борба“ 23 мај 1981 година.

П. Трајковски – Старо Куманово: луѓе – обичаи – настани, Печатница просвета, Куманово, 1997.

С. Герасимова – Матеска – Трансформацијата на чаршијата во Куманово, Музејски гласник, (Год. 4, бр. 7/9, 2002, стр. 223-233).

М. Арсовски – Болто – Велешани, Списание Корени, (Год. 7, бр. 28, декември 2008, стр. 4631-4646).

П. Трајковски – Киро Воиновски – Шпарта, угледен граѓанин и политички активист, Списание Корени, (Год. 7, бр. 28, декември 2008, стр. 4617-4624).

Д. Масевски – Куманово: време во времињата на Кумановскио крај, 3., дополнето и изменето изд., Парадигма, Куманово, 2010.

Д. Масевски – Куманово – Сјајот од минатите времиња, Друштво за наука и култура „Парадигма“, Куманово, 2019.

 

Подготвил: Проф. Филип Ѓошевски, научен соработник