Поминаа повеќе од три децении откако во 1993 година згасна кумановската клупска одбојка, иако во минатото како спорт цели 17 години успешно егзистираше и опстојуваше на македонската одбојкарска сцена и при тоа секогаш според пласманот на табелата беше меѓу водечките екипи во државата.
Што се однесува пак до формирањето на првиот одбојкарски клуб во Куманово, тој за првпат бил формиран во 1976 година под името ОК „Југ-турист“. Иницијативата била на кумановецот Миливоје Заневски, голем љубител на одбојката. Во тоа време тој важел за многу успешен и авторитетен човек. По занимање бил инжинер, дипломиран во Словенија. Најпрвин работел во Тутунскиот комбинат „Боро Папучар“, а подоцна во Сообраќајното претпријатие „Југ-турист“, кое благодарение на тогашниот директор Дејко Спиридоновски, всушност било и главниот финансиер и спонзор на одбојкарскиот клуб.
Што се однесува пак до начинот како дошло до формирањето на првиот одбојкарски клуб во Куманово, тој настанал со фузирање, односно спојување на два одбојкарски клуба од градот: ОК „Југ-турист“ и ОК „22 декември“ во коишто претежно играле воени лица, а клубот најверојатно поради спонзорството го задржал името – ОК „Југ-турист“.
Во почетокот, клубот по самото формирање во 1976 година, најпрвин се натпреварувал во Втората македонска одбојкарска лига, за да веднаш потоа во наредната година стане и член на најквалитетната, односно Првата македонска лига. На самиот почеток натпреварите како домаќини ги играле во салата на ОУ„Вук Караџиќ“, а подоцна во новоизградената спортска сала. Во тоа време прв тренер, кој воедно бил и играч и капитен на клубот, бил Роквиќ Бранко-Роки. Тој важел за еден од најдобрите кумановски, но и македонски одбојкари и за еден од најдобрите одбојкарски смечери во државата.
Според кажувањето на еден од најдобрите кумановски одбојкари од тоа време, Бране Стојановски-Маче, во 70-тите години од минатиот век, одбојката во Македонија се играла и под отворено небо. Па така, на некои гостувања во тетовскиот крај или поточно во местата Лешок, Непроштено и Глоѓе, во есенскиот дел, терените морале прво да се исчистат од снег и вода, за да се одигра натпреварот, што само по себе говори за интересот, посветеноста и на ентузијазмот на одбојкарите и клубовите од тоа време.
Секако, не треба да се занемари и учинокот на останатите кумановски одбојкари кои за кумановската одбојка дале голем придонес во тоа време, но што е уште поважно, оставиле и голем белег во афирмацијата на овој спорт и на градот Куманово.
За време на 17-годишното постоење на одбојкарскиот клуб, кој во последните 3 години го променил името во ОК „Куманово“, во периодот од 1991 – 1993 година егзистирал само благодарение на кумановскиот стопанственик Момчило Цветковски – Косиљак. Во тоа време меѓу најпознати биле одбојкарите: Роквиќ Бранко-Роки, Бране Стојановски-Маче, Ратко Босанац, Тома Живковиќ, Горан Арап, Веско Мачка, Киро Петровски-Смок, Видан Смиљковиќ, Благе-Микро Тим, Славко Табаковски-Табак, Зоран Поповски-Поп, Mихајло Пауновиќ – Мишо и др.
Во периодот 1991 – 1993 екипата генерално била многу подмладена, а тренер станал Бране Стојановски-Маче со нов претседател на клубот Чедо Стефановски-Мустак. Поради распаѓањето на бившата држава Југославија и пропаѓањето на многу реномирани фабрики и претпријатија во градот, клубот западнал во големи финасиски проблеми, за што голема вина секако носи и тогашната општинска власт. Таа немала ниту елементарен слух и чувство за помош на Одбојкарскиот клуб „Куманово“, поради што клубот во 1993 година едноставно згаснал. Оттогаш до ден денес, повеќе од три децении, во Куманово не се игра одбојка, ниту пак постои каков било одбојкарски клуб.
Примерот со одбојкарскиот клуб и покрај тоа што денес живееме во едно друго време, време на некојси имагинарен и измислен капитализам, приватизација и пазарна економија, сам по себе говори и за крајно неодговорниот и игнорантскиот однос на луѓето од власта (општините и државата) кон спортот, но што е уште поважно и кон создавање и градење на инфраструктура (стадиони, помошни терени, тениски терени, базени и спортски сали) без коишто кумановскиот и македонскиот спорт, барем засега, не можат да се помрднат од таканаречената мртва точка и се наоѓаат на едно многу ниско скалило во однос на другите европски држави.
Т.Д.