Почетна Рок сцена „Леб и сол“, а царска гозба!

„Леб и сол“, а царска гозба!

Да се напише сѐ, па макар и во доза на приближно, за македонските легенди „Леб и Сол“ е просто невозможно дури и самите да се обидат. Ни биографски, ни фактографски, ни описно, ни наративно. Фактографски, горе – долу прецизен (односно установен и како таков официјално наведен во нивната лична карта) е само датумот кога се формирани, а тоа е 1. јануари 1976, безмалку пред половина век, поточно пред 48 години. Куса информација би гласела дека најзначајната и најдобра македонска група на сите времиња, „Леб и сол“, се роди на 1 јануари 1976 година и нејзини основачи се гитаристот Влатко Стефановски и басистот Бодан Арсовски (дотогашни членови на составот „Брег“ на Мики Петковски), кои заедно со клавијатуристот Кокан Димушевски и тапанарот Димитрие Чочоровски – Чочор го формираат бендот.

Првите снимки: „Етида бр. 3“, „Деветка“ и „Песна за нас“ ги работат во студиото на Радио Скопје и успеваат да ги реализираат за само два часа. Првиот настап надвор од Македонија им се случува во април 1977 година кога настапуваат во Нови Сад, како предгрупа на Драго Млинарец, по што добиваат покана за учеството на Младинскиот фестивал во Суботица, а по освоената Прва награда таму, добиваат можност за реализација на деби – албум, според договорот со продуцентската куќа ПГП РТБ. Со нив тогаш настапува и тапанарот Гарабет Тавитјан (кој неколку месеци претходно и се приклучи на групата), кој својата огнена крштевка ја има кон крајот на август истата година кога „Леб и сол“ настапи како предгрупа на „Бијело Дугме“ на концерт кај Хајдучка чешма, всушност и најславниот и ненадминат концерт на балканските простори. За балкански услови на ранг на „севселенски“ како за балкан.

Под продуцентската палка на некогашниот гитарист на „Корни група“, Јосип Бочек, во студиото на РТВ Нови Сад во септември 1977 година „Леб и сол“ го снима своето деби-издание под име „Леб и сол“.

Во џез – рок стил на плочата се најдоа девет теми (дури шест инструментали) во чија реализација учествуваа сите членови на четворката, но, Влатко бил најплоден како автор. Кон крајот на таа година учествуваат на седмиот Boom фестивал во Нови Сад, а живите верзии на песните: „У сенци“ и „Под водом“ се најдоа на фестивалската плоча Boom 77 во издание на загребската Сузи.

Luxury Catering Service

Во пролетта 1978 година на фестивалот во Опатија во рамките на вечерта на обработки на етно – теми изведувајќи ја „Абер Дојде, Донке“ (песна од западна Македонија) добиваат награда за најдобар уметнички впечаток и најуспешната примена на фолклорниот израз.

Понесени од големиот успех, од матичната куќа ПГП- РТБ за снимање на втората плоча добиваат многу подобри услови, а за реализација на истата се наградени со тогаш многу ценетата и речиси најважна награда „Седум секретари на СКОЈ“.

Читателите на тогашното едно од најчитаните списанија, „Џубокс“, за 1978 година им даваат најмногу гласови пошто „Леб и сол“ се избрани за најдобра група за таа година. Од тој период се издвојува и нивната работа на музиката за театарската претстава „Ослободување на Скопје“ во режија на Љубиша Ристиќ. На третиот албум „Ручни рад“ (објавен во 1979. година) се доближуваат до џез влијанијата (од таа плоча се издвојуваат: „Кумова слама“, „Верни пас“, истоимената „Ручни рад“…), снимаат во тогаш најдоброто студио 5 во Белград, а во две теми им гостува саксофонистот Миќа Марковиќ.

По објавувањето на овој проект Коко Димушевски заминува од групата (бидејќи се вработува во Ревискиот оркестар на РТВ Скопје), а него го заменуваат Мики Петковски и Драгиша Солдатовиќ – Лабиш, но набрзо останатите членови одлучуваат да продолжат како трио. Во таа формација ја подготвуваат музиката наменета за театарските претстави – „Диво месо“ (култна претстава напишана по сценарио на Горан Стефановски, братот на Влатко Стефановски, „Лепа Вида“ и „Среќна Нова 1949“ и интензивно размислуваат за својата нова плоча „Бесконачно“. Истата се најде во продажба во 1981 година и донесува обработка на народната „Зајди, зајди“, а тука се и „Жива рана“ на Влатко, „Скакавац“ на Бодан, „Касно поподне“ на Гарабет Тавитјан, кој летото, истата година го напушта „Леб и сол“. По заминувањето на Гарабет него го заменува познатиот Драгољуб Ѓуричиќ, дотогашниот тапанар на „ЈУ група“ со кого „Леб и сол“ веднаш ги започнува подготовките врзани за песните на мјузиклот на Коле Неделковски „Џон Пиплфокс“ и темите за театарската претстава „Лет во место“. Следното ЛП „Следовање“ го снимаат во студиото на Радио Скопје и самите го продуцираат. На плочата се најде хитот „Носим твој жиг“, како и обработка на традиционалната „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“.

Летото 1982 година со театарската група КПГТ одат на турнеја по Америка каде настапуваат по клубови и свират со групата Big Country. По враќањето, живиот материјал од загребскиот клуб „Кулушиќ“ го ставаат на двојната ЛП плоча „Акустична траума“ и со тоа се збогуваат со белградската куќа ПГП РТБ. Под налепница на загрепскиот Југотон ги објавуваат проектите: „Калабалак“(1983), „Тангента“ (1984), а десетгодишнината на составот (во 1986 година) ја одбележуваат со изданието „Звучни зид“, каде се најде применетата музика за филм, театар и телевизија. Тука се темите: „Бушава азбука“, „Ослободување на Скопје“, „Тумба, тумба дивина“, како и филмските сонгови „Коштана“ и „Шмекер“. Во снимањето на албумот, покрај Влатко и Бодан учествуваа и Коко, актерката Ана Костовска и Гарабет, кој во меѓувреме се враќа во групата. Во 1987 година го работат проектот „Као какао“, според многумина е најамбициозниот во нивната дотогашна кариера, и најфилигрански. Во групата се и клавијатуристот Кирил Џајковски, саксофонистот Гоце Мицанов, а како гости се јавуваат пејачките фамозната Ана Костовска и познатата белграѓанка Беби Дол, додека Рони Ватен свиреше ирски гајди.

На плочата, која 12 години подоцна (1999) во Хрватска беше прогласено како најуспешно ЦД реиздание се најдоа девет вокални теми, од кои голем број станаа хитови: „Скопје“, „Као какао“,„Чувам ноќ од будних“… На овој проект се најде и извонредната Femme Fatale од авторското перо на хрватскиот кантавтор Арсен Дедиќ. Кон крајот на 1987 година на престижната југословенска манифестација Месам „Као какао“ на „Леб и сол“ се закити со три „Златни грамофони“ (награди). Последниот студиски проект на „Леб и сол“ – „Путујемо“ виделината на музичките продавници ја здогледа во 1989 година.

„Леб и сол“ повторно беше во оригинална постава: Влатко, Бодан, Гарабет и Коко, кој се врати на место на Кирил Џајковски (Кирил замина за Австралија). Плочата „Путујемо“ во себе ги носеше хитовите: „Исток- запад (телепатски)“, „Чукни во дрво“, „Трач“… Во снимањето на овој проект учествуваа и Калиопи (придружни вокали), Кире Костов (фигелхорн) и Зоран Јовановиќ – Лима (саксофон и кларинет), а на неколку концерти со „Леб и сол“ настапуваше и Валентино Скендеровски. Година дена потоа (во 1990), Влатко и Бодан ја основаат издавачката куќа „Third Ear Music“ (на која како продуцент го ставаат својот другар Иво Јанковски, за кого може да се слушне дека напуштил добра работа за да работи со нив), а како прво нејзино издание се јавува компакт – дискот „Зодијак“, од истоимениот рок-балет работен на сцената на МНТ. Ова е воедно и првото ЦД во историја на македонската музика. Во формација Влатко, Бодан, Коко и (повторно) Драгољуб Ѓуричиќ во мај 1991 година „Леб и сол“ заминува на турнеја по Америка и Канада. Во Њујорк настапуваат во култниот клуб C.B.G.B., а снимениот материјал во есен истата година го објавуваат под насловот Live in New York. На цедето, покрај концертните верзии на темите: „Бистра вода“, „Јовано, Јованке“, „Абер дојде, Донке“… се најде и студиската варијанта на традиционалната: „Учи ме мајко, карај ме“, (која воедно е една од првите и славни теми со кои групата настапила на Ју фестивалите, односно во Опатија и предизвикала транс кај публиката). Концертната промоција на американскиот проект „Леб и сол“ ја имаат на 14 февруари 1992 година на Скопски Саем, пред околу десет илјади одушевени Македонци. Во текот на својата долгогодишна кариера групата често настапувала во странство: Кипар(1982), Русија (1983 и 1988), Италија и Шпанија(1987), Австрија (1988), Ирска, Шведска и Данска (1990), САД (1982 и 1991)…Во пролетта во 1992 година настапуваат во белградскиот Сава Центар, на четири распродадени концерти, што претходно им тргна од рака само на кантавторот Ѓорѓе Балашевиќ и на светската атракција „Џипси Кингс“. Во декември 1995 година „Леб и сол“, пак со Гарабет зад тапаните, настапува во хрватските градови Загреб, Ријека и Пула. Прошталниот концерт го имаат на 13 декември 1995 година во клубот „Милос“ во Солун, по што групата престанува со заедничко творење и настапување. Сите членови на „Леб и сол“ и ден денес се успешни во музиката, но популарноста и креативниот потенцијал со кои се носеа обединети под заедничкото име на групата, никогаш подоцна ги немаат надминато. Фактички, „Леб и сол“ во таа постава направија и враќање во 2006 и одржаа серија незаборавни концерти во Битола, Скопје, низ други градови во Македонија и во регионот, и по напуштањето на групата на Влатко и Гарабет „Леб и сол“ продолжи со Бодан и Кокан и други музичари, но веќе ние не мислиме на истото „Леб и сол“, она кое е реликвија. Пред крајот на своето постоење „Леб и сол“ на двојното цеде Anthology во 34 песни направија педантен пресек на нивната севкупна дваесетгодишната кариера.

Албуми

  • Леб и сол (ПГП РТБ 1978.)
  • Леб и сол 2 (ПГП РТБ 1978.)
  • Ручни рад (ПГП РТБ 1979.)
  • Бесконачно (ПГП РТБ 1981.)
  • Следовање (ПГП РТБ 1982.)
  • Акустична траума (ПГП РТБ 1982. двоен жив)
  • Калабалак (Југотон 1983.)
  • Тангента (Југотон 1984.)
  • Звучни зид – Музика за Театар, Филм и ТВ (Југотон 1986.)
  • Као какао (Југотон 1987.)
  • Путујемо (Југотон 1989.)
  • Live in New York (Third Ear Music 1991.)
  • Anthology (Third Ear Music 1995. двојно ЦД)

(Уште нешто)
2006 30th Anniversary Tour – Live in Macedonia
2008 „И така натака“

Албуми во живо

1999 Live Anthology
1991 Live in New York

Сингл:
1978 Таласна дружина/ Дикијева игра

Орден за заслуги за Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Влатко Стефановски и Гарабет Тавитјан, добија во 2023 година од претседателот Стево Пендаровски. Влатко Стефановски во 2017 година стана добитник на државната награда „11Октомври“ за култура и уметност, највисоко признание за животно дело, а истата година Гарабет ја доби државната награда „Свети Климент Охридски“.

И како што рековме на почеток – Да се напише сѐ за македонските легенди „Леб и Сол“ е просто невозможно дури и самите да се обидат, но доколку сакате повеќе да прочитате (верувајте од прва ќе се изгубите во тоа „море“ податоци) можете на Википедија, каде ќе дознаете дека навистина „Леб и сол“ се родени на Први Први, ама се зачнати пред тоа. Влатко, во кого цело време публиката гледа фронтмен на бендот и лидер на целата оваа идеја, односно главен лик во приказната има прекар Патак. А, ние од „Плоштад“, во следната прилика ќе ја објасниме и легендата за прекарот на Влатко, и секако за името на групата, кое некогаш знае да е синоним, а некогаш антоним (во случајов и обете, ако се анализираат сите страни), името знае да е и жиг, и „жежок костен“ кој не се фаќа со гола рака, знае да опише, знае да привлече, и знае да остане врежано засекогаш во нечие срце, а во овој случај „Леб и сол“ (онаа само навидум асоцијација на оскудно) го означува она главното (што ја дава магијата за добивање вистински вкус) без кое не се може ни на царска трпеза, на која личи да седне и да се гости само некој вистински Цар.

Валентина Ѓоргиевска Парго