Почетна СТАРО КУМАНОВО Кумановските „Четири бандери“ – симбол на старо Куманово

Кумановските „Четири бандери“ – симбол на старо Куманово

„Четири бандере“ су прикаска за себе! Они су укопани на Тумбу дваесе и четврту, на ќоше на Опанчарско сокаче и туј, около њим, беше збиралиште на младињу. Туј су беќари чекале читанице и од туј су поваѓале на „корзу“, ама ако су облечени у стајаќњи аљинке. Онија што доваѓасва у закрпе, фаќасва т’мни сокачиња – да не ги гледа, убаво облечен, богат свет. „Тумба је била дамар – жила куцавица на Куманово!“, вели во еден фрагмент за „Тумба и четири бандери“ Киро Крстевски – Бабаружа.

Сл. 1. Познатиот кумановски пазар за добиток и жито, 1930 година

Како што напоменавме во една претходна статија, Тумба во градот претставувала јазол, каде сите патишта (сокаци) воделе кон неа. Тука се случувало сè. Тумба била центарот на градот. Тумба била срцето на градот.

Не случајно е кажано дека каде било да се најде кумановец, тој веднаш е препознатлив по говорот, а Куманово по Тумба и четири бандери.

Овојпат ќе кажеме нешто повеќе, баш за кумановските четири бандери, кои претставувале симбол на старо Куманово.

Luxury Catering Service

Куманово, иако се споменува уште во почетокот на XVI век, своето вистинско урбано обликување го доживува во средината на XIX век.

Својата физиономија кумановската чаршија ја задржала доста долго време, од своето целосно обликување, во средината на XIX век, па сѐ до педесеттите години на XX век, кога е срушена и на нејзино место е изградена сегашнава стоковна куќа – НАМА и дел од градскиот плоштад.

Сл. 2. Пазарен ден на Тумба

Кумановскте четири бандери, на пространата Тумба биле поставени благодарение на електрификацијата на Куманово која се случила во 1926 година. Инаку и до тогаш, по расположливите податоци, во градот било присутно производство на електрична струјуа (обично во мелниците), односно електричното осветление било незадоволително и слабо.

Иницијативата пак за целосна електрификација на Куманово била покрената на седницата на општинскиот одбор на тогашниот Суд на општината Куманово, на 15 февруари 1926 година. На седницата од 18 април 1926 година, по предлог на Комисијата, концесијата за електрификација на Куманово му била поверена на лесковачкиот индустријалец Живко Стоиљковиќ, кој со свој капитал веќе бил присутен во Куманово, каде имал инсталирана мелница на парен погон. Електричната централа била сместена во зградата каде што била мелницата на Живко Стоиљковиќ, односно сегашниве згради на „Житомел“ – Куманово, кои во процесот на национализацијата по Втората светска војна се одземени од семејството Стоиљковиќ во интерес на државата.

Кумановските четири бандери биле како и сите останати бандери, дрвени столбови на кои биле поставени порцелански чашки и преку кои се пренесувале каблите за електрична струја, телефонските и сл.

Сл. 3. Поставување на „Четири бандере“ во 1926 година

Се наоѓале во средиштето на старата кумановска чаршија, на аголот пред Дишковиот колонијален дуќан, на самиот влез во познатото „Опанчарско сокаче“.

Имено, дрвените столбови (бандерите) биле готови во ноември 1926 година, кога Општината потпишала договор со споменатиот концесионер Живко Стоиљковиќ, индустријалец од Лесковац за електрификација на градот, а кој пред тоа во градот веќе имал сопствен млин, подоцнежен објект на „Житомел“. Живко Стоиљковиќ морал да постави бандери долж главните кумановски сокаци и на Тумба на кои се поставувале порцелански „чашки“ и жици за пренос на струјата, како и електрични светилки за осветлување.

Сл. 4. Заклетва на војници во минатото

Во таа функција биле поставени и четирите бандери пред влезот во Опинчарскиот сокак, кои покрај вообичаената улога морале, во горниот дел, на една мала платформа, да носат и еден трансформатор. Затоа и били четири, а не една или две. Споменатите четири бандери останале на работ на Тумба некаде до средината на педесеттите години кога на нивно место се поставила една бандера со неонско осветление, најверојатно затоа што во тој период престанала потребата од споменатиот трансформатор. Подоцна, кога во почетокот на шеесеттите години се руши и последното сочувано парче од старата чаршија, кога исчезнува Опинчарскиот сокак и зелениот пазар на суводолината Серава, а на тоа место се гради стоковната куќа НАМА и дел од градскиот плоштад пред неа, се губи и споменатата бандера со неонско осветление, односно последната асоцијација на поранешните четири бандери.

Сл. 5. Центарот на градот во минатото

Градоначалникот на општината Куманово, Зоран Дамјановски, при реконструкцијата на градскиот плоштад, ги врати споменатите четири бандери, можеби не токму на местото каде што биле поставени од нивниот творец, некаде во втората деценија на XX век, меѓутоа сигурно во непосредна близина на старото место, овојпат во придружба со ликот на Батко Ѓориѓија, кој полека прераснува во еден од препознатливите белези на Куманово (Д. Масевски).

Сл. 6. Кумановските „четири бандере“ на новиот градски плоштад

Четирите бандери егзистирале во Куманово околу триесет години.

Нема га више старо Куманово, ни калдрма стара, нема гу Тумба, ни четири бандере, ни пазари стари, ни Опанчарско сокаче, ни мајстори стари: Стојче Црвеница, Мико, Шуте, Крсто Дилиндарски, Ване Црн…

Нема га више старо Куманово, ни Тумба, ни четири бандере, ни старо Корзо, ни Баба Мара Дилиндара што тепаше турскога џандара…

Сл. 7. Новите „четири бандере“ на градскиот плоштад

Користена литература:

П. Трајковски – Старо Куманово: луѓе – обичаи – настани, Печатница Просвета, Куманово, 1997.

М. Арсовски – Болто – Тумба, Списание Корени (Год. 4, бр. 16, декември 2005, стр. 2606-2612)

Д. Масевски – “Враќањето“ на четирите бандери (Збор-два за електрификацијата на Куманово), Списание Корени.

Д. Масевски – Куманово : време во времињата на Кумановскио крај, 3., дополнето и изменето изд., Куманово : Парадигма, 2010.

К. Стојановски – Дилиндарац – Мое сакано старо Куманово, Списание Корени (Год. 12, бр. 45/46, септември 2013, стр. 6717-6718)

Фото  бр. 6 и 7 http://volanskopje.blogspot.com/2009/11/2009.html

 

Подготвил: проф. Филип Ѓошевски, научен соработник