Почетна ИНТЕРВЈУ ЛИДИЈА ЛУЧКО ЈЕРЕМИЌ: ГО ПИШУВАМ РОМАНОТ ЗА МОЈОТ НЕЗАБОРАВЕН СОПРУГ И ЗА...

ЛИДИЈА ЛУЧКО ЈЕРЕМИЌ: ГО ПИШУВАМ РОМАНОТ ЗА МОЈОТ НЕЗАБОРАВЕН СОПРУГ И ЗА НАШАТА ЉУБОВ!

Почитуваната и позната поетеса Лидија Лучко Јеремиќ е кнегиња по семејно педигре, и тоа е ексклузива која пошироката публика сега ќе ја дознае по прв пат. 

Една од првите манекенки кај нас, со линија и убавина каква што и ден денеска доколку се појави на модна писта ќе ги засените и најактуелните светски манекенки и со многу поезија во нејзините очи.

Како поетеса застапена и присутна на бројни промоции и манифестации, а со нејзиното сензуално и емотивно рецитирање, нежно ги гали чувствата како со бел пердув.

Има многу работи кои верувам ова интервју ќе го направат сосема интересно и достојно за читање, затоа што Таа, велат и велам, е едноставно неодолива личност. 

Luxury Catering Service

 

Драга Лидија, овој денешна наш разговор со повод Љубовта и сите тие нешта и чуда кои таа ги прави, е само дел од денешниот и секој друг ден. Но, би започнала со Вашата поема со која се прославивте и која веќе десеттина години дава белег на мирољубивост и човекољубие, особено секој 6-ти и 9- ти август, кога уметникот Живко Поповски Цветин традиционално испраќа порака за мир во чест на жртвите од атомските бомби во 1945 година врз Хирошима и Нагасаки, а вие и други поети ја рецитирате на повеќе јазици. “Дали епопеја за болката” е нејзиниот наслов, таа е импресивна поема која заслужува и светска награда. 

– Таа поема е напишана во 2016 година и ми е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија, а посебно сум среќна што ми е и наградена од Фондацијата “Д-р Никола Кљусев”. По моја желба објавена е на осум светски јазици- македонски, српски, руски, англиски, албански, турски, влашки и грчки.

Како дојдовте на идеја да ја напишете?

– Јас сум голем човекољубец. Ги сакам сите луѓе од целиот свет. Воопшто не правам разлика на бојата на кожата и јазикот. Така сме биле воспитувани од мали нозе. Мојот татко беше Русин од Украина од градот Краснодар кој што излегува на Црно море. Негова мајка беше кнегиња Марија Врбицкаја, и по таа генетика, јас и моите сестри кои сме четири, една постара од мене Татјана Лучко Јовановиќ, па јас и потоа близначките Јелена Милевска и Ксенија Савиќ сме воспитувани во тој дух, да бидеме благородни и мирољубиви.

Поемата, претпоставувам е врв на сето тоа воспитување кое го споменавте. Всушност, „Дали епопеја за болката“ ја раскажува апокалиптичната приказна на човештвото и трогнува со својата содржина. Воедно, и како да ја утешува душата со лесниот и јасен стил со кој е напишана, со цел да допре до секој читател, и да предупреди. Колку време ја обликувавте, како течеше на процесот на нејзиното креирање?

– Па прво морав да внимавам да не би испуштила нешто, сакав историјата да биде внесена во поемата, затоа што го разработува историскиот дел, а и бидејќи со неа ја пишував и историјата на светот, секако. Во „Епопејата за болката“ се работи за светот. Ја напишав во мојот дом, на хартија со пенкало, а потоа ја отчукав на машина за пишување. Ја работев отприлика десеттина денови.

Делото потсетува на стравотиите и вековните штети кои човештвото ги доживеа од последиците од употреба на нуклеарно оружје, нешто што сите нѐ заплашува и слушајќи ги сите теории на заговор, не знаеме која држава со какво оружје располага и дали не дај Боже ќе биде употребено и на кои простори. Таа стравотија тлее ли и во Вас, внесува неспокој?

– Нормално, затоа што сум голем човекољубец, и стравот е присутен прво од љубов кон моите деца, моите внуци имам и една правнука и така што сум навистина сум горда на својата фамилија. Освен тоа мојата правнука има извонредно име Гаиа, Гаиа- таа е божица на земјата. И што е најважно е премала, а свири на клавир. Јас имам дома пијано, и таа кога ќе седне на типките толку убаво свири…Јас сум одела во музичко школо и сум свирела на клавир, но никогаш не сум била виртуоз во тоа, да биде јасно.

Виртуоз сте во поезијата, и минатата година кога се формираше Цветиновиот комитет за мир нешто што тежнее да стане едно светско тело, првата едногласна идеја што се реализира беше да ви се додели Цветинова награда за мир, која ви беше врачена минатиот август. Но не станува збор за тоа што Вие сте, слободно ќе речам гордост на современата македонската поезија и буквално сите во тој поетски круг имаат исклучителна почит кон вас, наградата се однесуваше токму на тој дух кој вие го носите како благородна и позитивна личност.

– О, благодарам!

Вие не сте некоја што се наметнува со зборови, туку со своите постапки. Поточно, не се наметнува, само ние забележуваме дека на суптилен начин им ги давате тие насоки на луѓето за љубов кон убавите нешта.

– Јас живеам со љубов, од љубов. Најпрво ја почувствував љубовта кон БОГ.  Бидејќи мојот татко беше виш офицер, во тоа време вишите офицери не смееја да одат во црква ниту нивните фамилии, јас без да знаат моите родители, а при секое мое излегување се знаело каде смеам да појдам, одев во најблиската црква и ги бакнував иконите. Секаде сум влегувала и во православна и во католичка црква, и во џамии. Таму нема икони меѓутоа секаде сум влегувала со посебна чест и пиетет кон божјиот храм, а каде што треба ќе ги соблечам и чевлите и одам боса, од почит. И татко ми еднаш ме виде дека моите усни светат. „Лидочке моја, а где си била?“ (Лидочке, каде си била). Јас се збунив целата поцрвенев и на српски му возвратив „Молим те татице не питај ме“…, не би можела да ти кажам, му реков, главно ништо лошо не сум направила. Татко ми ме погледна татковски: „Јас знам дека ништо лошо на никого не можеш да направиш. Но знам и каде беше. И ако се знае дека мојата ќерка оди во божји храм би било непријатно за мене. Што не значи дека јас не го почитувам божјиот храм, меѓутоа едноставно не смеам да влезам“. Редовно одев во најблиската црква, најмногу во Хрватска за време на летниот одмор. Секоја година одевме по три месеци на островот Иж, кај Задар, кај мајката на офицерот и пријател на татко ми Стане Говорчин. Прво со мајка ми ќе стигнеме, по два месеца доаѓа и нашиот татко и уште еден месец дена ќе останеме сите заедно, а со нас и куќната помошничка. Иако бев дете јас таму редовно влегував во секој духовен храм, а ги имаше повеќе.

Денес е Свети Валентин католички празник кој се поврзува со Денот на вљубените и го слави цела планета, а со тоа му се дава и една универзална димензија, а воедно и нашиот празник Свети Трифун кој е празник на лозарите и на виното и затоа ние кои живееме тука најубаво си прославуваме, двојно. Ви значи ли нешто посебно ова наше уникатно празнување?

– Да, затоа што јас воопшто никогаш ниеден празник не го сврстувам ниту го делам од која вероисповед доаѓа. За мене е љубовта кон светот важна и затоа ги сакам сите празници. Веќе реков дека од мали нозе ме привлекувал божјиот храм и секогаш сум сакал да влезам што да мириснам внатре, што да си ја отворам душата своја. Само реков, нормално да не дознаат родителите едноставно да не направам немир во домот.

Кога сте се заљубувале како секоја жена, дали уште повеќе сте верувале во БОГ, дали тоа чувство се интензивирало во Вас?

– Па љубовта е една компонента која е длабоко вовлечена во мене и нормално дека кога влегла во моето битие и кон спротивниот пол, едноставно сум заблагодарувала на Господа Бога што ми ја подарил љубовта. Едноставно секогаш, бидејќи таа е двигател во мојот живот.

Убаво кажано. Таа е лајт мотив и во Вашата поезија, на која сте посветена активно последнава деценија. А пред тоа бевте ѕвезда во светот на модата, што тоа значи дека сте на сцена многу подолго отколку што официјално имате само поетскиот стаж.

– Прво ќе се навратам на самиот почеток. Кога имав седум години во училиштето беше распишан конкурс за творба. Јас напишав една творба и таа требаше да биде одглумена. Мојот татко рече дека му се бендисува и дека треба да ја научам на памет, потоа да се гледам во огледало додека рецитирам и трета дистанца кога ќе ја рецитирам пред своите родители и моите сестри. Кога тоа го направив таткото ми рече: „Добро Лидочке моја, но треба повеќе чувства да дадеш од себе“. Некако тоа ладно го изговори затоа што постои тука дел каде што јас требаше да бидам намрштена или лута. А јас постојано бев насмеана со очите ширум отворени. Вели „Кога се лутиш треба да ја напрчиш устата и да ги собереш веѓите“. Велам „Ама јас тоа не знам“. И ден денес тоа не го правам. Значи мојот прв настап на сцена бил на седум години и бев доста пофалена за истиот. Но, не се сеќавам во кој град се одвиваше приредбата, живеевме во повеќе градови тие години.

Во колку градови имавте живеено кога дојдовте на Балканот?

– Ние сестрите сме сите родени во Македонија. Татко ми е од Русија како што реков, а мајка ми исто така има мешано потекло, нејзината мајка е гркинка Аспасија Бутле, а нејзиниот татко е романец Пантели Маџари кој беше голем космополит и кој освен своето Москополе (Бел Град од Романија) ги сакаше сите градови на светот. Кога дошле Србите во нашите простори бил прекрстен во Пантелије Маџаревиќ, а кога се формира нашата Македонија тогаш е прекрстен во Панче Маџарески. И тој велеше „Кога ќе умрам, јас сакам на мојот гроб да пишува оригинално Пантели Маџари“, меѓутоа тоа не му се оствари и на неговиот гроб во Прилеп пишува Панче Маџароски.

Прилеп е Вашиот роден град, живеете ли таму?

– Јас не сум живеела. Мајката моја беше родена таму, на 16 години била избрана за Убавица на Македонија и тогаш го запознала мојот татко. Кога во бракот таткото ми како војно лице бил испратен да ги ослободи партизаните кои што биле неправедно обвинети, да не биде мајка ми сама во Скопје или во Врање, а веќе била бремена во мене додека постара сестра имала само две години и нешто, ја носи во Прилеп кај нејзините родители кои што живееја во една огромна фантастична куќа со многу соби, спроти гимназијата покрај реката. И додека татко ми бил отсутен со своите обврски мајка ми се породила со мене. Јас сум имала само месец и пол кога сме се преселиле во Скопје, па потоа живеевме и во Врање, Штип, Куманово.

Во кој период бевте во Куманово? Се сеќавате?

– Да се сеќавам. Кога имав десет години. Во Куманово живеевме година и пол. Се сеќавам затоа што тогаш јас не знаев уште убаво да зборувам и го мешав македонски и српскиот јазик. Дијалектот не го научив, нашиот татко велеше никогаш дијалектите да не се учат, затоа што тоа ќе стане наше секојдневие и во домот ќе зборуваме на дијалекти. Мора да се научи и зборува или чисто македонски или чисто српско – хрватски јазик.

Вашата мајка беше Убавица на Македонија понатаму јасно е зошто и Вие сте зачекориле на тие патеки.

– И јас и сите мои сестри бевме манекенки. Бев отприлика на свои 16 години кога ме привлече манекенството и многу брзо станав позната манекенка и не само што станав позната манекенка во Скопје, туку бев и професор на модна писта со мои 18 години. Понатаму патував доста со манекенството низ Балканот и во странство, во Белгија, Холандија, Германија…

Но бидејќи многу млада сте станале мајка како Вашиот сопруг, познат актер Стево Спасовски, ја прифати таа ваша обврска?

– Беше многу задоволен и ја сакаше мојата професија и секогаш ме поддржуваше да продолжам со мојата професија, така што нему не му пречеше.

Не беше по малку љубоморен што соработувате со еден освојувач од типот на Здравко Чолиќ да речеме, или Мича Орловиќ кои со големи симпатии се однесувале кон Вас?

– Тоа е точно, меѓутоа веруваше во мојата љубов кон него, затоа што тој со децата беше на прво место. Дац е негов син, а ќерката ја добив од бракот со професор доктор по економски науки Душан Јеремиќ кое презиме го носам и ден денес.

Вие сега пишувате роман за Вашиот живот со професорот Душан Јеремиќ на 300 страници, а за да напишете книга за сопругот навистина има нешто што јавноста треба да го знае. Што, како публика, ние треба да очекуваме?

– Да. Тоа е комплетно вистината за нашата љубов, за нашиот животен пат така што сето тоа е присутно во романот. Со датуми, денови, месеци, мисли, сѐ тоа вклопено, бидејќи сум водела свој дневник. За жал многу долго сум без него, го изгубив пред повеќе од четири децении. Моите деца беа премали кога тој почина. Едноставно нешто што беше присутно во мене од мали нозе беше некое претчувствување и претскажување во себе дека нешто такво ќе ми се случи. Работев во „Скопско поле“, бев технички секретар на генералниот директор во фирма која имаше седум ограноци и во 6.45 моравме да бидеме на работно место. Имавме автобус кој нѐ земаше во близина на местото на живеење. Тој ден кога излегов од дома во мене беше некој немир. Го избакнав сопругот, децата и отидов на работа, но немирот не престануваше. Кога стигнав на работа почнав да ѕвонам дома, се зачудив што нашиот ќукен пријател, гинеколог ми се јави на фиксниот телефон, тогаш постоеше само фиксна линија. Гиле Глигор Палчевски. И нормално јас зачудена „Со кое добро Гиле, што бараш ти кај нас ова време?“. Вели „Ништо, само нешто малку му се слоши на Душко наш“. „Но ти си гинеколог“. „Јас сум лекар, а по специјалност сум гинеколог“, почна да ме убедува… Јас веќе почнав да ги собирам работите од моето биро и отидов кај директор „Ве молам господине директоре, дајте ми го вашиот возач Слободан, со мерцедесот да ме однесе до дома, се грижам нешто не е во ред со мојот сопруг“. Директорот веднаш ми ги подаде клучевите и возачот ме однесе дома. А пред мојата зграда, останав зачудена, имаше пет шест возила на брза помош. Со трчање се качив на мојот спрат, кога влегов дома многу лекари и персонал внатре и и веднаш потрчав до спална соба, но не ми дозволија. „Ве молам дозволете ми да го видам мојот сопруг“, викав на глас. „Не смеете во овој момент затоа што лекарите се околу него“. Велам: „Верувајте ми, верувајте ми, дека јас ќе му помогнам со мојата љубов и нежност, било што и да се случува со него“. Не поминаа половина час дојдоа лекарите и ми изразија сочувство. Нормално од звуците во домот се разбудија и синот и ќерката кои се прегрнаа и заплачивме. Мојот сопруг имаше само 42 години, а јас бев помала четири години. Од тогаш сум вдовица, живеам со сеќавање на нашата љубов и почитување. Ние бевме двојка за која случајните минувачи мислеа дека сме штотуку вљубени дечко и девојка, се сакавме и се љубевме со ист жар цело време.

Звучи романтично. Една вистинска љубовна сторија, која за жал не потраела долго. Но, како велат – животот оди понатаму и по една таква голема љубов секако дека спомените ќе си го направат своето на некој начин, во вашиов случај ќе имаме една книга. Пред да прашам нешто за Вашето творештво, раскажете ни за ќерката и за синот Драган Спасов Дац, популарен и реализиран актер, кој во поново време направи бум и како пејач заедно со неговиот компањон Александар Митевски. Но интересно е што Дац никогаш не гребел од славата на своите родители, сам си гради своја кариера. А во поетските кругови Вам не Ве најавуваат како „мајката на Дац“, туку велат „Дац синот на Лидија“.

– Благодарам многу. Посебно сум горда и на синот и на ќерката. Воспитав две прекрасни деца на коишто им го подарив целиот свој живот. Мојата ќерка Ивана Јеремиќ Ордевска живее во Скопје таа е дипломиран правник и горда сум што е многу силна во својата професија. Работеше во Општина Карпош, а повеќе од една година е на повисоко работно место во Општина Центар. Мојата внука живее во Германија. Многу бев среќна кога Дац се запиша на Факултет за Драмски уметности и знаев дека ќе го заврши на време како што го заврши, и кога се вработи во Драмски театар. Не постоеше претстава и премиера на која што не сум била. Редовно сум го посетувала и редовно сум го храбрела својот син.

Сега и неговите синови се актери Јаков во Театар Комедија, а Стефан во Драмски. Имате ли средби со внуците, што најчесто ве приближува со нив?

– Видете, тоа е една љубов која се пренесува од детето кон внуците. Јас сум доста зафатена, да бидам искрена и  зависна од фејсбук долги часови, а дневно пишувам и работам околу тоа, и се среќаваме сите заедно претежно за семејни поводи и кога немаат обврски.

Вие им правите чест на Вашите колешки и колеги по перо, посетувате промоции, рецитирате нивни стихови. Ја немате онаа класична самољузаљубеност што е специфична за голем број пишувачи, да го читаат само своето.

– Не никогаш не сум била самозаљубена. Тоа не постои кај мене. Едноставно сум среќна што ѝ се допаѓам на пошироката јавност со мојот стих и рецитал и голем број на поети кога имаат промоција на свои дела ме замолуваат јас да им прочитам и презентирам по нешто од нивните дела. Прифаќам со големо задоволство. А сум присуствувала на бројни промоции, манифестации, перформанси и на Струшките вечери на поезијата.

Колку книги имате напишано и дали изобилуваат со љубовна тематика?

– Во секоја книга е љубовта присутна. Дали е тоа љубовта кон светот, кон спротивниот пол, дали е тоа родољубива поезија, секогаш. Од 2013 до 2018 имам издадено осум книги со поезија. А како коавтор сум застапена во преку 200 заеднички книги во целиот свет. Ме има многу. Прво е мојата „Дарагаја“, на руски значи драга, мила, сакана, објавена во 2013 година. Потоа ми е „Танцот на љубовта“ во 2014, „Лулка на срцето“ во 2015, па следи „Чудотворен колаж“, која што е исто од 2015. „Дали епопејата на болката“ е следната година, а „Александровна“ излезе од печат во 2017. Намерно така ја крстив затоа што мојот татко се викаше Александар Архипович Лучко и по него јас сум Александровна. „Зеницата на срцето“ е објавена во 2018 година и набргу по неа и мојата мала минијатурна „Џебна книга“ која баш ја сакам.

Би се навратила повторно на Вашиот татко. Мирољубив гест од негова страна е тоа што по војната ги уништил списоците со имињата на луѓе кои учествувале, со цел да нема одмазда на нивните следни поколенија. Тоа остава една порака дека на идните генерации треба да им оставаме чиста ситуација без стари долгови од претците, затоа што војната никој не ја сака, а таа носи само лошо кое може да трае и по неа.

– Да, да, да. Татко ми, не затоа што е мој татко, тој секогаш беше толку нежен, толку прекрасен и кон сите се однесуваше добро. Паметам дека и кон нашата куќа помошничка која беше ромка од Скопје Ава Џемаилова тој се однесуваше како кон свое чедо. Секогаш кога мама ќе направеше ручек, а Ава ѝ помагаше, нормално во руска куќа секој ден прво мора да има супа или чорба, па потоа доаѓа главното јадење, па десертот, татко ми ќе не послужеше сите исто. Ава ќе го стави на маса големото тенџере за седум души и секогаш јадеше со нас. Во другите офицерски куќи куќните помошнички јадеа посебно, во друга соба. И татко ми прво ќе ѝ ставеше во чинијата на мама, потоа на постарата сестра, па мене, па на другите две сестри и на крај на Ава и последно за себе. И тогаш ќе ни посакаше пријатен ручек, а штом тој ќе ја фатеше лажицата во рака, тогаш и ние можевме да ги фатиме лажиците и да почнеме со јадење.

Имаше изложба посветена на Вашето семејство, а воедно и една ведра анегдота која би сакала да ни ја раскажете.

– Не бев повикана, туку прочитав дека ќе има промоција на царското семејство Лучко и отидов да ја посетам. Дојдоа и моите сестри и во текот на изложбата ги гледав фамилијарните слики од кого никого не познавав од таа поширока фамилија. И кажував на глас „Ова е татко ми, ова е неговата мајка, ова е баба ми…“, и тогаш ме слушнаа од Архив на Македонија и ми рекоа „Дали можете да дојдете да ве прашаме нешто?“. „Повелете може“, им одговорив. Ме повикаа во канцеларија и ме прашаа „Како смеете да се поистоветувате со тоа кралско семејство?“. Велам „Јас не се поистоветувам, јас сум член на ова семејство“. „Како може да бидете член?“. „Па, Александар Архипович Лучко е мој татко. Јас друг татко немам. Кнегиња Марија Врбицкаја е негова мајка. Јас не велам баба, не сум ја запознала, но тоа е негова мајка, Архип Архипович Лучко е негов татко“. Тој бил службеник во судот по таа генетика и јас бев на правен факултет кој за жал не го завршив, поважно ми беше манекенството и пишаниот збор и едноставно не го завршив факултетот.

Дали некогаш можеби ќе нѐ изненадите со заедничка изведба со синот и внуците?

– Па би требало нешто такво да се случи. Среќата е во нашиот дом кога имаме семејни родендени, особено на мојата правнука Гаиа, нашата мала божица, ќерката на Јаков и Софија, и тогаш јас посебно го доживувам тој момент и сакам на посебен начин да ја покажам својата љубов кон тоа мало суштество, кое што расте и се развива. Така ѝ приоѓам, така се поклонувам едноставно изигрувам една театарска сцена пред малото битие. Нека потпорасне, можеби сите заедно ќе направиме нешто.

Факт е дека вашата титула е кнегиња по таткова линија, по творечка линија сте кнегиња на поезијата, меѓутоа кога ќе се погледне Вашиот живот јас би рекла дека вие сте кнегиња на љубовта. Љубовта е ваша есенција.

– Да, да. Така е. Мене просто не ми е јасно како некои луѓе може да бидат љубоморни јас тоа никогаш во живот не сум го почувствувала, како може да се обраќаат со непристојни зборови, како може едноставно да не го сакаат ближниот свој, а да не кажам и пријателот, тоа мене не ми е јасно. Јас го сакам целиот свет, и јас и моите сестри, кај нас никогаш не постоела љубомора. Генетиката го чини своето и среќна сум што сум таква.

Тоа Вас и ве одржува  совршено убава.

– Јас верувам, верувам и Ви благодарам на убавиот збор…

 

Валентина Ѓоргиевска Парго