Чудни се животните патишта, не знаеш каде ќе те одведат, но доколку е човек доволно храбар и им верува, најчесто штом фрли поглед наназад, сфаќа дека најубавите работи (му) се случиле врвејќи по тие патеки коишто ги прифатил со задоволство и без двоумење.
Познатиот актер, господин Илија Струмениковски, пред повеќе децении од срце ја прифатил неочекуваната преселба од Битола во Куманово.
Во тој стил ја започнавме и нашата средба во којашто, најпрвин насмеан, ја почна својата животна приказна:
– Пред неколку години, тогашниот претседател Стево Пендаровски ми доделува признание за континуирана работа по повод 75 години од постоењето на Кумановскиот театар. И нѐ прашува сите наградени од каде сме. Кога дојде редот до мене јас му велам – Претседателе јас сум дојден од земјата на Хера, од Битола. Аманет од татко ми е што дојдов, тој ми рече дека кумановци се многу гостољубиви луѓе и го знаеме она најважното – револуционери се!. „Па такој се збори“, со насмевка на лицето ми одговори нашиот елоквентен претседател…Познатиот актер, сега ужива во своите мирни пензионерски денови, но вели дека сега најмногу во душата е станат борец за сопствената земја.
– Еве веднаш ќе го спомнам Мите Грозданов, за жал почина 2018. Со него во 2016 година го снимавме краткиот 12- минутен филм „Борба за смрт“ со режисерката Елеонора Венинова, во којшто тогаш сфатив дека најмногу ќејф ми е што мајка ми Неда во 1903-тата година, заедно со баба ми, побегнале од Егејска Македонија и дошле во Герман. А најмногу мило ми дојде кога разбравме дека Венинова отишла на Меѓународен фестивал во Драма, Грција, за да ги земе наградите за мене и за Мите. Мите се израдува како мало дете. „Ако ништо друго, вели, сред Грција, во Драма, во Кавала, во Серес се слушна чист македонски јазик“, иако таму многумина од населението го зборува. Настрана тоа, за првпат се конституираа и награди за актери и тие награди ги добиваме ние двајцата. Филмот е родољубив, филозофски, а темата е апсурдна. Борба за смрт,нели? Го снимавме во напуштеното село Кален, Мариовско. За мене тоа беше една убава прошетка низ заборавена природа и една радост во мојот пензионерски живот. Потоа статирав во филмот „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи, симпатична улога на возач, глумевме заедно со Мето Јовановски…
Бил дел и од „Црвениот коњ“, „Простодушна љубов“, „Еурека“, „Наши години“, „Македонски народни приказни“ и други филмски наслови, ама, неговата кариера, вели, се штиците што живот значат.
– Првата претстава ја одиграв во Битола, „Шарена топка“ во 1957/ 1958, со Жане заедно (Јоана Поповска) и Никола Талевски, кој подоцна стана новинар. Наместо да матурирам- јас во театар. Потоа се редеа претставите. А кога дојдов во Кумановскиот, прва ми беше „Дождовите на Професорот Ное“ во која играм Јапонец…
Сѐ другото е историја, би рекле ние.
КУМАНОВО ВИА БИТОЛА
Семејството Струмениковски од Преспа се доселило во Битола во 1946 година кога бил шестгодишно дете. За време на гимназијата се интересирал за глума и за сликарство. Во тој крај ја запознал сопругата Цвета, прилепчанка, за што двајцата се потсетуваат со многу ведрина:
– Да ви кажам каде се запознавме? Во Битола,на споменикот на француските гробишта, ќе речиш не многу поетско место, ама борбено – се смее. Беше 2 Мај, прослава. Се правев јунак да ја прескокнам браздата со вода, да се покажам фраер, ама се преценив и цапнав.
– Кога падна во водата, сам си стана, ама циркус гледавме – ќе дофрли госпоѓа Цвета, со којашто до ден – денес се чуваат како капка на дланка.
Потоа отишол во војска во Брчко, па во Осиек, градот со многу убав театар кадешто си гледал опери и претстави. Незаборавни му се и тие 15 дена во шатори на Титово ловиште на сливот на Дунав, само елени, по некое диво животно и спокој.
– Кога се вратив во Битола прво се регистриравме со сопругата во присуство на двајца сведоци актери, битолчанецот Димитар Илиевски Ѕимо (играше во филмот „Илинден“) и велешанецот Владимир Гравчевски Гравче. Во 1965-тата година ни се роди синот единец Никола, а јас си почнав да глумам во театарот како хонорарец…
И без да планира Ацо Ѓорчев го повикал за Куманово, а Илија не размислувал два пати.
– Овде практично мене ме донесе Ацо Ѓорчев. Се познаваме уште кога беше студент на Филозофски, а потоа вонредно заврши режија во Белград. Особена чест и задоволство беше да се игра со Ацо. Прекрасен актер,што да се каже. Може нацијата да се гордее, јас така велам. Тој беше некој од когошто требаше да се учи, прво како човек,потоа како актер. Жал ми е што го нема и него и син му Бранче, кој исто така многу ме сакаше (актерот Бранко Ѓорчев н.з.).
Но, тетка Цвета го опишува дека бил со немирен дух и неколкупати се враќал во Битола,па пак во Куманово.
– Многу е тешко кога човек е на распаќе, на раскрсница, не знаеш каде да тргнеш. Но, нека биде Куманово, решив, кадешто мојата сопруга веќе работеше како медицинска сестра, а синот ми беше во војска. А имаше право Ацо, и ден – денес, без колебање, ќе повтори Илија.
Потоа, кога Баге станал министер за култура лично го поканил да се врати во Битола, и му се налутил бидејќи не му прифатил.
НА СЦЕНА СО ПРЛИЧКО, ШИШКОВ…
Во Куманово одиграл над 150 претстави, сите јаки и главно, главни улоги: „Волшебникот од Оз“ (уште при неговиот почеток 63/4), „Плашливец“, „Амброзио го уништува времето“, „Протекција“, „Моралист“, „Хајди“, „Отпусница“, „Ленче Кумановче“, „Мачка во вреќа“, „Бурна ноќ“, „Лет во место“, „Гавран“- детска претстава, „Покондирена тиква“, „Кристално срце“, „Поглед од Мостот“, „Сребреното јаболко“, „Чук Чук Стојанче“, „Водвиљ“, „Мандрагола“, „Разбуди се, Кате“, „Војна и мир“, „Војникот фалбаџија“, „Радован Трети“ кадешто ја игра главната улога…
– „Сомнително лице“ ја игравме со Петре Прличко. Тој живееше две – три години тука и направи прекрасни претстави, и за него многу доаѓаа, немаше каде да се седне. Во претставата играше и Нино Величковски. Потоа Нино како млад актер на фестивалот во Кочани има земено награда со аматерска група, за претставата „Циганин“ од Пушкин, којашто му ја режирав јас. Пред некоја години предложив на Прличко да му направиме еден многу убав омаж, со најубавите моменти од „Ленче Кумановче“ и од „Сомнително лице“, да се потсети публиката, да се насмее, но идејата не ми помина.
За Прличко се потсетува дека бил со мерка во своите баханалии, ама тоа не било случај со Шишков.
– Шишков ми се чини единствено само „Црнила“ ја играше во Кумановскиот театар. „Црнила“ – главни улоги Ристо Шишков и јас. Јас го играв Фезлиев. Не се даваше долго таа претстава, ама доста се дружевме. Имаше и спиено две – три вечери кај мене. Не дека немаше сместување, туку млади луѓе, ќе заскитаме после проба, не ни се знае станување. И затоа велам,ако немаш некои работи на ум, отиде , готово. Мора да се повлекува човек. „Извини Шиле, ќе му речам, морам да одам дома“. – „Што? Што? Седи тука“, ќе ми врати тој. Му велам „Извини, не сум слаб маж, ама морам да одговорам на обврските. Попуштаат конците, Шиле“. – „А, како да не. Млади сме“, ќе ми возврати…„Ама,млади сме, ама и ,како што реков, попуштаат конците“…
Дружењата врзани со многу алкохол ги одбегнувал, но госпоѓа Цвета и ден – денес го потсетува дека еднаш во 1985 година го однел Митко Апостоловски во селото Долно Дупени, од кадешто потекнува, и им се заарнило, па си останале некоја вечер.
– Во „Господа Глембаеви“ Митко го играше татко ми. Бранко Ставрев беше режисер и јас му велам – „А бре, Бранко, нели е апсурд, јас постар од него дваесеттина години да му играм негов син?“ -Ти гледај си ја твојата работа, ми одговори и така продолживме со пробите…
Многу претстави имале одиграно со Владимир Светиев, а неговиот татко му бил професор по латински јазик во Битола. И Светиев бил доста здружен со Шишков.
– „Лет во место“ од Горан Стефановски ја играв со Милица Стојанова. Два пати имам играно со Милица. Инаку сум играл и со Мето Јовановски и со Димче Мешковски. „Ништо без Трифолио“ со Драган Спасов Дац, тој сега стана пејач. И татко му пак, Стево Спасовски, исто беше глумец и тоа од мојата генерација, 1940 година. Многу фин човек. Е, Ѓокица Лукаревски тука служеше војска. Единствено со него немам играно на сцена, ни раскажа за своите улоги.
Една од попопуларните улоги остварил во „Коштана“, што ја подготвил режисерот Душко во Струмица, потоа Влатко и Силви ја направија како перформанс во кој го поканиле да игра.
– Покажаа многу почит кон мене. Ја шетавме цела Македонија. Многу ми се допаѓа што тој перформанс трае околу еден час. Јас немам нерви да гледам три часа претстава, па нека биде и царска ако сака. Вака, еден час е доволно. И заработив доста пари тогаш. Задоволен сум, стан сме купиле, сменив десетина автомобили, син исшколувавме, одевме на одмор секоја година и на езеро и во Грција, добро беше, ќе рече.
МЕРАК НА СЀ – МЕРКА ВО СЀ
Актерски живот, без малку боемштина не бидува, се знае тоа, бидејќи во театар лесно може да се дојде до чашка. Ама Илија, итар Илија, оддолеал на алкохолот, особено кога се вдушувал со актери мераклии за пиење.
– Самодисциплина. Нема ништо поубаво од самодисциплина. Сам себе да се дисциплинираш. Таму можеш да пропаднеш. Најбрз начин е ако ги слушаш тие што се дружат со чашката. Самоконтролата најверојатно ја научив од Бабецот. Петар Стојковски Бабец си беше посебна психологија. Кај него цигара немаше, не па алкохол. Нема такви луѓе веќе. Друго, порано имаше почит, покровителство, повозрасен колега кон тебе ќе се постави татковски. Ќе ти пренесе сѐ што знае. Сега се себични, не кажуваат, заклучува.
Илија не завршил театарска академија, само средно, но кога се вклучил во театарот занаетот го изучувал од колегите, мајсторски.
– Порано лекциите за актер не беа со учење од книга, туку некој повозрасен колега ќе ти покаже како треба. Ако моето око види нешто интересно, сам ќе го научам. Ќе научев како се смее овој човек. Како се смее заразно. Како се смее цинички. Глума и сликање се учи како занает, да не речам се „краде“ од искусни мајстори. Успеав да учам од Стефановци, да учам од Љубиша Трајковски… А како Бабец нема. На Бабец треба споменик да му направат во Битола. Тој беше првата генерација учители. Учител требаше да биде, а стана глумец и тоа незаменлив. Но да се разбереме, не може и без книга. Има некои поими кои мораш да ги прочиташ. Не можеш ти Станиславски да го спремиш, а да не знаеш ништо за Станиславски. Било што, од било кој автор да играш, мораш да го исчиташ. Кој ќе ми верува ако сам не сум уверлив во своите реплики? Меѓу другото и сликар сум. За сликање учев и од брат ми Ранко Струмениковски, постар од мене шест години. Академски сликар. Имаше и еден уметник Мелников, избеган од Првата светска војна, којшто дојде во Битола, кај него учев од фреските што ги сликаше за Канада. Малку гимназија, малку кај него и знаете, ми даваше по некој денар, за цигари. И така….
ВИСТИНАТА- НАЈГОЛЕМА ФИЛОЗОФИЈА НА ТЕАТАРОТ!
Која е најголемата филозофија на театарот, е прашање на чијшто одговор замолкнавме.
– Вистината! Значи- што ќе се каже на театар тоа е вистината. Зошто секогаш сме виновни ние од театарот? Затоа што ја кажуваме вистинита,па потоа удираат по нас. Уште Езоп, баснописецот, беше во опозиција (се смее). Сите уметници биле во опозиција.
Запомнете, уметноста е секогаш во опозиција.
На темата театар, омилена претстава, всушност најдрага, му е „Хај фај“.
– Не може да изберам, сите ми се драги, ама ќе ви кажам, најубаво се чувствував во „Хај Фај“. Најискрено нешто. Два и два се четири, не можат да бидат пет. Ете тоа е тоа, од Горан Стефановски. Горан Стефановски да го играш како со Господ да говориш. И кога ја игравме таа претстава во Битола, Олга Наумовска, првенка на Народниот театар во Битола, прилепчанка мажена за народен херој и театарски режисер Душко Наумоски којшто го нападнал участокот во Прилеп, прекрасна актерка и една отмена жена, ми додели комплимент. Замислете, нејзината гримиорна спроти мојата, кадешто лежам малку да одморам, размислувам, син ми прави матурска таа вечер во Куманово. Живот. Што велат Французите: C’ est la vie, madame! И јас само да гледам во таванот и се одморам, уморен, организмот го издава човека. И ете ја таа. Олга да влезе кај некого да каже „Честитам за улогата!“ тоа не се случило никогаш, јас не помнам. Но, со толку мерак и од душа ја играв претставата, што да ви кажувам… „Хај фај“ ми е некако издвоена, зашто најмногу му верувам на текстот, кога го изговарам како да разговарам со Бога, од срце. Македонски Шекспир, ете така го чувствувам јас Горан Стефановски!
ТАЛЕНТИРАНО СЕМЕЈСТВО
Илија важи за пристоен и семеен човек, којшто со својата сопруга е секогаш отворен и близок.
– Во бракот можеш леб и сол да јадеш, и ако имаш разбирање ќе имаш и среќа. Не сакам да речам дека сѐ било симфонија, имаше недоразбирања, препирки, караници, сѐ што треба во еден брак да има, меѓутоа, пред сѐ и над сѐ – разбирање.
Но госпоѓа Цвета е подиректна и на прашањето: „Дали е тешко или лесно да се живее со актер?“, вели „Ништо потешко. И за фамилијата не чини, и за себе. Ете тоа е бракот со уметник!“.
Љубомора не чувствувала дека тој бил миленик на женската публика, но Илија признава дека тој бил пољубоморен.
– Како да ви објаснам, таков ми е карактерот и толку, се насмевнува.
Цвета ги посетувала некои од неговите претстави, по избор на интересен начин. Еве како.
– Кога ќе го донесеше делото, прво јас го читав. И, ако ми се допаѓаше, одам, ако не, не. На премиерата на „Коштана“ бев дури во Струмица.
– Многу е искрена во критиките. За сѐ си дискутиравме, дополнува Илија.
Нивниот син единец, Никола, одбрал друга професија, тој е инженер по дрвна индустрија, вработен во ЈП Чистота и зеленило во Куманово, додека внуката Теодора, велат, е вешта во компјутери и работи во Скопје, кадешто живее со своето момче.
Илија е од Преспа, поточно од Долно Дупени. Тој станал актер, а неговиот постар брат Јован бил кожарски техничар во Битола, другите двајца браќа службеници, додека Ранко бил уметник, којшто се школувал во Скопје, а потоа во Белград. Роден е во 1936 година и е генерација со Васко Ташковски, понатаму и негов кум и најдобар другар. Ташковски е гениј, волшебник на чиишто дела Струмениковски се гордее и дури и во неговите слики се забележува истиот стил на сликање, а толку е добар и како сликар, не само како актер, што дури организирал свои изложби и добивал и награди, а една и од Здружението на ликовни уметници на Куманово.
– Го гледам американскиот претседател Доналд Трамп на телевизија, а зад него слика од Ташковски. Знаете колку мило ми падна. Милина, ви велам, сон. Тоа е недостижно за нас…
НОВИ ПРИЈАТЕЛИ СО ПЛОШТАД
Илија изрази задоволство што преку Плоштад ќе се сретне со своите сограѓани.
– Повеќе сакам кумановци да ме читаат, гледаат, отколку републиката да ме гледа, бидејќи тука ме знаат, тука ми е сѐ, сѐ што градев. Театарот во Куманово е од 1948 година, така велат, а јас можам да гарантирам за од 1964 година. Тогаш дојдов. Не се каам затоа што немав проблем за ништо. Од нив во 2023 година добив признание, доделено преку претседателот Пендаровски, веќе спомнав, а како актер два пати бев наградуван на најзначајните театарски игри „Војдан Чернодрински“- еднаш за улогата во „Сојка“ и повторно за „Пустина“, за главна улога на Патрокле. „11 ноемвриска награда“ добив, добив награда за филмот „Борба за смрт“ во Драма, констатирана од шестчлено жири- ни раскажа со гордост.
Станал и лауреат на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија 2019“ во Куманово, а една од најкарактеристични улоги во неговата кариера е ликот на Ќор Петко, кој го игра во првата претстава на кумановската драма „Ленче Кумановче“, работена според драмата „Бегалка“ од Васил Иљоски.
Малку не е еснафски што на државно ниво нема добиено награда за животно дело и тоа го спомна и самиот.
Како и да е, на 225-тата страница од преубавата монографија за 75 години од постоењето на Кумановскиот театар, концизно, во само неколку реченици, е сместен целиот негов работен век, но зошто пишува дека е роден во Самоилово, битолско, ќе речете грешка,ама и можеби не е (иако такво село нема). Авторката на текстот, како потомка на истиот род, ја знае легендата за Струмениковци, тие се запишани како единствениот сој којшто, по фаталната битка на Цар Самоил кај Беласица во 1014 година, дошле во свитата на царот од реката Струма во Герман, Преспа, и останале во овие краишта десет века, па според Струма уште од тие дамнешни времиња го добиле и презимето. Но,за тоа во друга прилика. Да ни живее кумановецот Илија Струмениковски, повторно да се сретнеме и да ни раскаже уште интересни детали за себе и многу други нешта.
Валентина Ѓоргиевска Парго
Фотографија: Автор Коле Ангеловски, 1986