Почетна ИНТЕРВЈУ БОЈАН КОЦЕВСКИ: Во „Кју рекордс“ младите бендови добиваа сила!

БОЈАН КОЦЕВСКИ: Во „Кју рекордс“ младите бендови добиваа сила!

Со младиот и мошне посветен промотор Бојан Коцевски се сретнавме со повод – да позборуваме за издаваштво, концерти, Саемот на плочи, и за сѐ она што тој пасионирано го работи во рамките на издавачката куќа „Кју рекордс“ (во оригинал Q- Records) од Куманово, воедно и разменивме и мислење за генералната музичка слика на рок културата во земјава.

Издавачката куќа „Кју рекордс“ е нешто релативно ново за пошироката јавност. Кога е формирана, со каква идеја и со каков концепт?

– „Кју рекордс“ работи веќе две и пол години, формирана е на 24 ноември 2022 година, од страна на повеќе луѓе. Првенствено идејата ни беше да дадеме можност на млади неафирмирани бендови и затоа зад себе веќе имаме едно издание на бенд од Врање, во којшто членува и нашиот пријател од Куманово Дарко Трајковски, вокал на бендот. Бендот се вика „Cardinal point“. Сега веќе сме во завршни преговори за ново издание, овој пат со бенд од Македонија, поконкретно од Битола, кој уште малку ќе остане во тајност.

Luxury Catering Service

Зошто одбравте за почеток на работата да биде со бенд од Србија?

– Па, првенствено звучно ни се допаѓа стилот на музика, којшто ние го следиме и вреднуваме многу, друга работа, се знаеме со нив повеќе од 12-13 години, сме соработувале, доаѓале на концерти овде и кога ни го понудија својот материјал, ние го преслушавме и рековме „Тоа е тоа што треба“. Албумот се вика „Man or Island“ и тоа е всушност нивен втор албум. Потоа, во ноември 2023 година, по повод  првиот роденден на издавачката куќа „Кју рекордс“, во кумановскиот кафе бар „Агора“ направивме промоција на албумот и тие имаа и свој настап.

Клубот „Агора“ со своето 31 – годишно постоење и концепт е познато рокерско збиралиште, а слободно ќе речам и концертна сцена.

– Тоа е култно место, постои 31 година и доста сме активни, таму отприлика организираме од три до пет концерти месечно.

Давате шанса само на млади музичари или давате шанса и на повозрасните?

– Преферираме млади музичари, но имаме и доста веќе афирмирани бендови коишто доаѓаат во Куманово на концерти. Досега имаат свирено повеќе познати бендови како „Флукс“ и „Gargoyles“ од Скопје, „Вел“ од Битола,  последни свиреа „Карла Левински“, новиот бенд на Сеад Хаџиќ – Сецко, а исто „Харакири“ од Скопје свиреа на роденденот на „Кју рекордс“. Своја промоција на својот албум „Ascend“ неодамна имаше и познатиот Горан Таневски (поранешен вокал на „Мизар“) и многу други познати имиња.

Исклучиво организирате концерти само за „Агора“?

– Така е. Концертите се организираат во „Агора“. Собира удобно 100-120 луѓе, над тоа почнува да станува тесно. Влезници наплаќаме зависно од договорот, зависно од висината на хонорарот на бендот, или од икс други причини. Забележливо, од 2022 – тата година таму доаѓаат сѐ повеќе млади луѓе, подеднакво и момчиња и девојки, а од тие повозрасните рокери одвреме навреме ќе се појави некој, зависно од концертот каква музика содржи и дали е тој викенд слободен. Секако, интересно е да се биде таму. Се случуваат убави работи и понекогаш ќе се случи и некоја мала ситуација која останува како анегдота, од оние нервозни анегдоти – пијан член од некоја група, па не работи појачало, па кабли менувај. На крајот на денот сѐ си излегува перфектно како што треба и концертите навистина се одлични.

Се занимавате со менаџирање, продукција и организирање на настани, а не сте музичар. Мора да има некоја добра причина штом музиката толку Ве влече.

– Право да Ви кажам цел живот сум со музиката. Мајка ми и татко ми со нивната колекција на грамофонски плочи уште во младите години многу добро ме потковаа со музика, претежно хард рок и уште од почеток тотално бев вљубен во сето тоа. Некаде пред една година си ја сретнав класната од средно, и кога ѝ кажав со што се занимавам вели „Од прва година, од кога ти бев класна, си зборуваше дека ќе бидеш во музиката и ти се оствари сонот“. Немам друг ангажман и тотално, сто проценти сум посветен на издаваштво, промоција, организирање на концерти и Саем на грамофонски плочи што го организираме во Куманово.

Кажете ни нешто повеќе за тој Саем. Се врати модата на плочите во последните десеттина години, а вие со самиот Саем веќе придонесувате за овој тренд. Поточно, повторното враќање на плочите не треба да се нарече мода туку повеќе „во употреба“, бидејќи тие што сакаат плоча не се помодари, тоа се луѓе со свој вкус и со свој определен став во музиката. 

– Оваа година ќе биде петта, јубилејна година како го правиме Саемот на грамофонски плочи и веќе сме во подготовки и припрема на план и програма за оваа година. Набргу ќе бидат објавени сите детали за настанот. Секоја година има од 16 до 20 излагачи и над илјада посетители. Минатата година се продадоа отприлика над илјада грамофонски плочи. Бидејќи плочата стана поинтересна, со бендот од Битола се договоривме нивниот албум да им го објавиме само како плоча, во тираж од 150 примероци. Да напоменам, албумот на „Cardinal point“ беше издаден на 300 грамофонски плочи, 200 ЦД-а, 50 аудио касети и дигитално.

Кои услови треба да ги исполнува еден бенд за да го поканите на свирка? 

– Добиваме доста пораки, мејлови и материјал, па го преслушуваме. Првенствено треба да ни се допадне. Не сме заинтересирани за кавер бендови, само за авторска музика.

Фактички вие се грижите за поттикнување на авторство, што е добро во случајов, зашто ние имаме многу малку платформи каде можат да се претстават, има неколку фестивали и многу мал број на клубови со ваков тип на програма. Што толку долго го држи „Агора“ како силен рок клуб?

– Па, веројатно самата замисла од почеток. Рокенролот во тој период е на високо ниво во Куманово и во Македонија, во далечната 1994-та година Љубиша Бубе со целата таа генерација на луѓе решаваат да отворат клуб каде што ќе се почитува и слуша само рок музика. И тоа и до ден – денес е така останато. Уште од почетокот доста наши познати артисти, автори доаѓале во „Агора“ и го прават култно место. Еве, на пример, ако сакате да најдете некого за интервју или за муабет, за запознавање со некои артисти или уметници, сите биле во „Агора“. Клубот уште во старт си има направено некој имиџ и име кое и ден – денес трае. Минатиот викенд, во неделата, на 9-ти февруари беше 31-от роденден на „Агора“, имаше торта, а јас и Оливер пуштавме музика од некои нови бендови коишто мислиме дека треба да се слушнат.

Се ангажирате и како диџеј понекогаш?

– Меѓу другото и како диџеј и водител по потреба, кога треба да се води некоја промоција или да се најави некој бенд. Немам псевдоним, ме знаат само како диџеј Бојан и пуштаме музика што е во актуелна во моментот, рок и алтернативна, но не ги заобиколуваме ни деведесеттите години, „Нирвана“ и целиот тој Сиетл момент, ни рок класиците, а „The Doors“ ми е најомилена група.

Која македонска група ја почитувате поради нејзината музика, нејзината филозофија, постоење?

– Морам да кажам „Т. Б. Трачери“ и Кирчо Арсовски, нивниот вокал, гитарист и главен автор на песните. Не се активни подолго време, камо среќа да се реакривираат, веднаш ќе ги договориме да настапат во „Агора“.

Сте направиле ли обид да ги реанимирате?

– Има некои напори, ама засега нема интерес од нивна страна.

Во овој период каква е ситуацијата со младите Кумановци кои се заинтересирани за рок?

– Ако зборуваме за Куманово, се мачиме со младата генерација, но на ниво на Македонија има доста млади бендови. Се обидуваме да имаме добра конекција со нив и да станат дел од нашата работа доколку сакаат и штом забележиме позитивна реакција од нивна страна, соработуваме. Еден нов бенд од Куманово којшто постои веќе, ако не се лажам, две години, сега го сними нивниот првенец албум „Беседа“. „Беседа“ е составена од членови на кумановски бендови коишто веќе не се активни, како „Complex disorder“, како „Вандал“ итн. Сега се во една нова група, „Беседа“,и успеаја да победат на „Мамут фестивал 2024“ во Солун, Грција и да свират таму, а пред тоа победија и на скопскиот „Лузер фест 2022“. Тие имаа самостојни концерти во „Агора“ и еднаш хуманитарен концерт за едни дечиња од Куманово.

Помладиве генерации воопшто каков однос имаат кон рок музиката во смисла на слушање и во смисла на креација?

– Сега ќе зборувам општо за Македонија, многу бендови во последниве пет години се концентрираат на метал музиката. Дали е мода, дали не, тоа не знам, но добро е што имаме и фестивали кои негуваат и сакаат рок и метал музика. Тука ќе ги кажам „Рудар рок фестивал“ во Пробиштип којшто се реактивира по ковид периодот, и кој дава предност на млади бендови, и од Македонија и од странство, што е за поздравување. Исто „Metal discharge open air festival“ во Битола се активни веќе десетта година, а претходната година беше дури два дена и се појавија феноменални метал бендови. Потоа и „Востание“ во Скопје што го организира издавачката куќа „Die hard records“, така што, во последни десет години имаме доста добро тло за метал музика. Три фестивали за Македонија е феноменално според мене, и новите бендови, а и старите бендови да се реактивираат ќе имаат каде да се промовираат, каде да свират. Тука морам да забележам дека е добро што, иако кај младите е намален интересот, постарите бендови коишто со години не се активни,  решаваат да се вратат, ќе ги спомнам кумановските „Triggered“,  па исто „Sound pollution“ почнуваат да мрдаат со нова песна – две, така што во Куманово има некој  бран на реактивирање на бендови.

Кумановска гитаријата сѐ уште не е обновена.

– Со „Кумановска гитаријата“ нешто пробуваа, нешто правеа, но не е активна.

Агора“ и натаму го пополнува тој празен простор и таа потреба. Која е најславна група што воопшто свирела кај вас?

– „Телескопс“. „The Telescopes“ е англиски бенд од почетокот на осумдесеттите години, којшто со други бендови го има започнато новиот бран на шугејз музиката, нојс музиката, тоа е бенд којшто има доста зад себе.

Е сега би позборувале малку за следните планови, доколку имате некои потврдени имиња и настапи на концерти да ни ги откриете.

– На 27 февруари во „Агора“ доаѓаат „Kodaclips“, бенд од Италија, со пост панк алтернативна музика – нешто отприлика така звучат. На 13-ти март е ги имаме „Ductape“ бенд од Турција, припадници на дарк вејв, свират некој синт-поп. На 24 март имаме „Black Doldrums“, тие се англиска група која свири гараж рок, нојз рок, психоделичен рок, нешто во тој стил. Ги имаме и „Frank Never Dies“ на 29-ти март, потоа имаме „The Commuters“ во април, па во април „Psychedelic trips to death“ од Солун… Веќе преговараме за еден добар концерт за 18-19-ти октомври, сигурен е еден во ноември, еден во декември, но за тоа подоцна.

Вие сте помлад, меѓутоа претпоставувам сте запознаен дека Куманово имаше една голема рок традиција во минатото. Таа сцена дали ви е позната?

– И дефинитивно ми е позната. Мајка ми како голема приврзаничка на рокеролот нѐ има водено и мене и брат ми 1995-тата и во 1996-тата година на Летен рок фестивал во Куманово. Подоцна кога почна Летен џез фестивал во 1999-та година сите три години нѐ водеше и таму. Таа не се занимаваше со музика, но беше голема љубителка. Сето тоа тогаш мене ми беше една голема бучава и не ми беше јасно- гитара, тапан, така малку поотстрана гледано (се смее).

Која е Вашата официјална функција во рамките на продукцијата?

– Сѐ што е потребно – од јавување, праќање мејлови, промоција, ПР, организирање на волонтери – во смисла на наши пријатели, поблиска фамилија, мојата сопруга, брат ми,  другари кога треба нешто да се изорганизира, сѐ е тоа моја работа. Но и директорот, се разбира, не смее да остане надвор од сето тоа.

На кој начин ја информирате публиката кој бенд кога ќе свири?

– Преку фејсбук, Инстаграм, па плус правиме и постери и ги лепиме низ градот.

Како го избравте името Кју рекордс?

– Ха! Кју рекордс е на англиски според абецедата,  нели „Q“ е Кју, а по нашки тука, во Македонија, го нарекуваме Ку и асоцира на Куманово. Има тука и друг момент, сакате да го слушнете? (се смее). Ако се скрати, има комбинација, но на кого ќе му текне, а инаку е Куманово рекордс само скратено од по првите две букви, може и Кју рекордс да е скратено на истиот начин, во кумановски манир (се смее).

 

Валентина Ѓоргиевска Парго