Почетна ИНТЕРВЈУ НИНО ВЕЛИЧКОВСКИ: Со песни си ги отпишав долговите во љубовта! 

НИНО ВЕЛИЧКОВСКИ: Со песни си ги отпишав долговите во љубовта! 

Господин – боем – атракција – шармер – пејач – артист- менаџер. Еден е!

Големина меѓу живите легенди.

Човек со најверојатно и најсериозната кариера на нашата фолк естрада, човек со постојано ведар дух, каде и да се појави. И секој го сака за во друштво!

Да му ги броиме песните, ќе изброме преку 300. Да му ги броиме љубовите – секој си знае кого носи во срцето. Да му ги броиме чашките, не е ничија работа освен негова лична.

Luxury Catering Service

Сѐ си има цена. А љубовта и песната, тие се најскапи. Ама, вредат за сите пари.

Ред е малку посмело да ѕирнеме зад завесите на една ѕвезда, кога веќе и самиот ни дозволува. Ќе отвориме сѐ до детал, како последни карти во табланет.

Сѐ ќе кажеме, од „а” до „ш”. Ве молам, чувствувајте се дека сте со нас на маса, поинаку и не би имало ни смисла, затоа што со Нино немало и нема класичен муабет, и сѐ е отворено до срж, така нека биде и овој пат.

Е нема поомилен де, немојте да сте скромен. Пригодно е ова интервју, за 8 Март, а знам добро колку навистина Ве обожаваат денешните славенички…

– Не знам за кој период мислите, ха ха..

Во секој период и во секоја варијанта 

– Ако е тоа така нормално дека мене би ми било задоволство. За тоа жените ќе кажат хаха… Па знаете Вале, ние со години соработуваме и ми ја следите кариера од почетоците и во „Нова Македонија“ и „Вечер“, фактички тоа е пред 30 и повеќе години. И сега, јас правам една дистинкција во смисла на тоа тие години на моите почетоци каква иконографија, какво време беше. Јас, дебитант на „Валандово ‘87“, младост и „лепота”, сега остана само младоста, така се чувствувам и убаво си ги носам годините. Но, кога се враќам на тие почетоци морам да кажам дека претходно десетина години работев како актер во Кумановскиот театар и тука осознав што значи сцената. Сцената е светост. Мора да работите и да живеете за публиката на која ѝ се обраќате. И колку таа ќе ви врати, толку сте успеале. Музиката не е само пеење и студиско снимање, мора да го осмислите својот настап. Секогаш сум внимавал како ќе изгледам сценски, како ќе бидам облечен. Ме препознавале како стокмен, дотеран, со вратоврска, пеперушка. Долги години потоа работев како шеф на конфекција и лесно ми било да знам како да се стокмам. Специјално сум шиел костум за „Бабино девојче“, „Валандовски фестивал 1988“ и тоа во Загреб, во Каменско. Таму имаше една модна дизајнерка Нада Јушиќ, за нив бев „господин купец“, па им кажувам дека ќе настапувам на фестивал и нивно задоволство беше тие да ми сошијат костум. Сами рекоа. Тој кафеавиот, се сеќавате. Беше сошиен така како што беше и требаше да изгледа боемски. Тука има една приказна. Се сеќавам, Центарот за култура „25 Мај” беше со  мал капацитет, со 200-300 седечки места, ама гледа цела Југославија. И што се случи? На финалето кога Фестивалот оди после „Бољи живот“, серија која се следи со празни улици, јас им кажувам на тие луѓе, во Хрватска, да ме гледаат на телевизија, Југословенска радио и телевизија ЈРТ, го пренесува фестивалот, преземаат од МТВ. Треба да направам финта да го отворам палтото да се види етикетата, но тоа е вулгаризација на настан нели, и на полуфиналето направив потег со крената рака како поздрав до нив. Тоа го изведов многу шмекерски, арно ама во финалето се случи да пеам претпоследен. Од 22, јас пеам 21.

Најдобрите одеа на крај, тие ја водеа битката за победа…

– Виолета Хаџи Скерлева, ВХС, новинарка на „Екран“ ми вели „Ах ти лапаш награда“. Не, ѝ велам, Вики јас сум под трема, пеам на кумановски, прв пат на фестивал се пее на дијалект, голема е одговорноста. После разбрав дека тогаш во Куманово играле фудбал и ги победиле валандовците од „Победа“ со 1:0, и добро што не победив, ха, ха, уште да почнеа да ме гаѓаат со јајца и патлиџани, Велигден беше. И сега што се случи? На припевот кој трае 24 секунди, сум измерил точно колку имам време да го земам микрофонот, да се наместам, но на 16 или 17 секунда се скина лентата. Се појавуваат пречки, а Мичо (Божиновски), Панајот Панајотов, Мето Автовски зад микс пултот лепат ли лепат. Додека ја залепат, јас се чувствувам како скијач на светско првенство во слалом или велеслалом кога ќе му испадне скијата. Не знам како се викам. Ѓоко Ѓешовски од МТВ како телохранител, сакаше да се „џитне“ кон мене да ме извлече од сцена, ама задоцни веќе сум на микрофон, разбирате? Доцна е за да се тргнам. И тоа влезе во кадар. Се скина лентата што се скина и сега ајде сѐ од почеток. Потоа ВХС се смее: „Ти само ја претрча песната, не ја ни пееше…“. Тогаш не зедов награда, но по 10 години „Бабино девојче“ беше прогласена за најслушана песна.

Ама бевте шмеќер, Ви немаше рамен. Ние немавме некој Дон Жуан да излезе така со тоа наметката, нагрната преку рамо. Убава лекција сте научиле во театарот…

– Тоа се сценски елементи. Во театарот играв во јаки претстави. Во „Сомнително лице“ играв покрај Петре Прличко и Илија Струмениковски, додуша нешто се мував не дека нешто голем текст сум имал. Таа претстава се продаваше на каса, редици се чекаа. Страшно добра претставата, ја сними МТВ, а бевме на „Југословенски сусрети“ во Јагодина и Светозарево мислам, земавме и награда. Сепак, Петре Прличко …Инаку, Струмениковски ми беше режисер на претставата „Цигани“ од Пушкин, и уште ја паметам песната што ја пеев „Замфира“, и со која зедов награда за најдобар млад актер на фестивалот во  Кочани, па ја претставував Македонија во Требиње на Сојузните смотри. Во 1975 година во Народниот театар во Куманово, се формира театарската група „Сценски лабораториум – Беседа“, јас сум основач и член на таа група, со која играв во култни претстави „Ромео и Џулиета“, „Господа Глембаеви“, „Робот и Агата“. Потоа во „Шути и Рогати“ зборував на кумановски. А во 1975 години бевме први во Југославија со претстава „Мајка храброст“ на Бертолд Брехт. Јас Брехт сум го играл на 21 година. Во театар почнав како аматер во 1973 година, но во 1976 не ме примија на Академија. Класа земаше Љубиша Георгиевски. На приемен бевме заедно со Петар Пепи Мирчевски, Јусуф Гулевски, Ѓорѓи Тодоровски Трупче, го играв Хамлет, но мене не ме примија, а не примија и еден кандидат од охридски крај, кој потоа замина за Америка и заврши во класа на Елија Казан во Њујорк. И Пепи за малку немаше да го примат, а сега Пепи ми вели „подобро што не те примија, вака бакшиш си земаш, јас цел живот текстови ќе учам“ ха ха… Но, иако не ме примија, потоа  сум играл на театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, од 1976 тие десеттина година играв епизоди улоги, но во театарот секогаш имало одлични претстави – „Патувачки театар Шопаловиќ“, „Лет во место“, „Хај фај“, играв во дела од Милан Кундера, Унковски,Стефановски, „Сламената шапка“, Пурпурниот дожд” од Булгаков во режија на Владо Цветановски. Сум играл во стотина претстави, и многу се набилдав со театарското. 13 години се тоа.

Како се случи да се прешалтувате, да почнете да пеете?

– Епа, ете на пример, за претставите ми велат – „Ти добиваш награда за пеење“. Со таа „Замфира“ повеќе пеев, па некако фатив таков правец. А најтешка форма е кабаре, тоа сум имал прилика и да гледам Бродвеј, во 1989 година. Токму „Кабаре“ како во филмот со Лајза Минели. Бевме на мјузикл, во кој глумеше и една одлична актерка од самиот филм. Сите актери, и машки и женски, играт, пеат, свират, глумат, ќе паднев во несвест. Таму нѐ однесе еден бизнисмен Боро од Њујорк, со кого соработувавме, со тогашното „Јукан“. Тоа ми е големо богатство. Не може секој да оди да гледа на Бродвеј, прво што е прескапо, второ што не може да дојдеш до билет. Наредени масичиња напред, седиш и гледаш. Од сите страни нешто се случува. Невидено. Воз на сцена качија. Уште авион што не спуштија. Јас сум се одушевил.

Што не им излеговте да им запеете, пред сите?

– Пеев во Њујорк во еден ресторан и тоа во ресторан каде што Мерилин Монро ги јадела тие познати мексикански специјалитети. Бидејќи домаќинот за кој ви кажувам, имаше завршено музичка академија, ми вели – овде ќе запееш, иако не е дозволено, ама ќотек нема да јадеш. И јас како што ме родила мајка кога се дигнав без придружба, па кога им запеав на македонски, сите аплауз ми дадоа.

Кажете ми жените како реагираа?

– Епа видете, жените во Америка и овде се различни, но ако си убав ќе те засакаат ха ха ха, ќе те засакаат Американките, не мора да им пеам на „американски“, ха, ха. А, и тефтер ми треба на англиски. А, Тетка Васка (Илиева) како ме подучи на првото одење во Канада? „Да ти кажам тефтерот да не го вадиш, да заборавиш на тоа читање песни, особено кога пееш на македонски јазик“. Тогаш во 1988 година, излезе песната „Каде сте Македончиња“ со Александар Сарев, беше актуелна, па пеевме свечена академија за Македонците, па потоа на Олимпик парк пред 40.000 Македонци пеев со Митра Андоновска и тефтерот го фрлив. Ме следи оркестарот „Децата од Буф”, со Крис Љачов. Егејци. Тоа ми е големо искуство и од таму донесов и една убава пара, со тоа што понесов и две торби со мои касети, ми ги продадоа сите и до доларче ми дадоа. Свечената академија, Мисисага и Виндзор – ете ти 19.000 долари. А овде платата ми беше 250 долари. Му велам на шефот „Директоре јас зедов плата за седум години“ и следната година си заминав од фирмата. Потоа сам си отворив фирма за текстил, додека нѐ почна војната. Од 1992 до 2005 година живеев во Скопје, па се вратив во Куманово, каменот си тежи на местото. Работев во една фирма во Скопје, кога ми се јавува градоначалникот Зоран Дамјановски Циц, да станам кандидат за министер за култура. Остави, му велам, мене титула не ми треба, и така станав директор на Фондацијата за култура и уметност во Куманово, и од 2004 година сум уметнички директор на Тамбурашкиот фестивал. Па организиравме и концерти на Здравко Чолиќ, Петар Грашо, Јелена Розга, Данијела Мартиновиќ, Мира Шкоро, Кичо Слабинац.

Се враќаме на Вашите 29 години, кога почнувавте со музичката кариера...

– Јас почнав во 1983 година кога се формира „Октет Куманово“. На едно снимање со нив во МТВ, Мате Груевски му вели на Миодраг Мичо Божиновски „Убава, баритонска боја има Нино, а и тенор може да отпее, што не му напишеш една фина песна?“. Ми пишува Мичо соло песна која се вика „Кажи ми Лено душо“ во 1983 година, ама таа е еден музички евергрин која повеќе наликува на забавна, затоа што Мичо во тој период пишуваше и за фестивалите во Суботица и за Опатија. Но веќе кога стана продуцент и почна да работи со Октетот и веќе почна да навлегува во народната. Еве и песната „Моја Мирјана“ е исто така „забавњачка“. Фестивалска беше песната за Ива, со наслов „Сега е веќе доцна (што и да кажеш Ива)”… Таа песна е на текст на Љубе Цветановски, музика на Мичо Божиновски и зеде второ место од стручното жири на „Фолк фест Валандово ’87“ кога Гоце победи со „Дајте ми ја“. Тогаш прв пат пееше и Пепи Бафтировски за Билјана „Друга љубов не сакам“, а следната,1988 ја пее „Ако згрешам нека изгорам“. Така што, јас од кога дебитирав со таа песна, во таа 1987 година, во континуитет речиси секоја година пеам на „Валандово“ и досега имам 28 соло песни и две со Октетот. Валандовски песни за мене пишуваа и Мичо, и Григор Копров, Димитар Масевски, Зоран Џорлев, Миле Барбаровски… Потоа во 1988 дојде „Бабино девојче“, песна која ми ја одбележа кариерата. Набргу Мичо  ја прави и „Свирете ми тамбури“ а потоа и „Мојата серенада“. Долга приказна е за неа, дека била напишана за мене, па од некои други причини ја отпеа Гоце Николовски на „Серенада на Широк сокак 1992“, но генерално многу малку ја пееше потоа. Ми се даде можност „Мојата серенада“ да ја снимам и јас, и со Октетот, и со Тамбураши и сам.

 И Свирете ми тамбури“ излезе некаде во 1990 година…

–  На една седенка овде во кафеаната „Чардак“ во Нагорички сокак, поточно на една промоција на Октетот, во јануари, дојде целата екипа на МТВ – Редакција на народна музика, уредник Љубе Цветановски, со него Јонче Христовски, Миле Брзанов, Никола Фириев, Орце Гелевски, режисерот Благоја Марковски, Ѓоко Ѓешовски. И ние сите со Шојиќ и со осумте тамбураши, зазоривме. Едно правење ќеф, не знам колку тие мезалци се изедоа, чаши испија. Љубе се инспирира од свирењето на Шојиќ кој беше виртуоз и на салфетка ја напиша „Свирете ми тамбури”. Оди дома, му се јавува на Мичо, Мичо седнува на клавир и утредента ме вика мене, за 24 часа се раѓа „Свирете ми тамбури”… Ја ставив како насловна нумера, за прв пат ми се чини во Куманово јас како солист направив ЛП плоча (со ПГП РТБ со Белград, затоа што МРТВ немаше можност за печатење на плочи). Во година и половина Мичо направи два хита за сите времиња. Голема сатисфакција, и авторска и пејачка. Во „Екран” кога правеа избор на хит на столетие во десетте песни се врежани и двете. Уште на вести што не ги пуштаа…

Дали во моментот кога ги испеавте тие песни чувствувавте дека врвот е дофатен?

– Не, во тој период не си свесен кога и колку ќе ти се обнароди песната, нема гаранција. Не може да знаеш колку народот ќе ја прифати. Што вели Љупчо Трајковски Фис – Па ние куќи направивме од бакшишот со „Свирете ја тамбури”, нема настап на кој два три пати не ти ја бараат, и неа и „Бабино девојче”… Тоа ми е репер. Друго, кога во 1991 година се направи оваа „нова” Македонија што ја нарекувам јас, а Македонија си е одамна, и кога на плоштадот во Скопје беше главното чествување, јас прв настапив во музичкиот простор, со „Свирете ми тамбури”, „Бабино девојче” и потоа со Октетот и со Виолета Томовска ја испеавме „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов”…

Зарем со Свирете ми тамбури” влеговме во новава” Македонија? 

– Беше полн плоштад и тоа е репер дека некој од таа национална телевизија ме одбрал мене. Внимавајте, тоа е настан за паметење.

Тоа е историја...

– И тој момент тогаш ми даде за право да сфатам дека тие песни ќе имаат живот. Од „Свирете ми тамбури” има точно 35 години, а 37 години од „Бабино девојче”.

Веќе не е девојче…

– Е знаете, кога ја направивме со Дац и со Александар со нов аранжман ме викаат во Драмски, а јас им велам „Ајде овде да направиме продолжеток како баба остарела има 97 години, како „девојче пораснало и среќно се одало“ (омажило), има три деца. Добро е некој да напише римејк, ха, ха.

Како се создаде бабиното девојче?

– Тоа е рустична, етно песна од еден наш од крај од Подкозјачието. Јас прв пат на Митровден сум ја слушнал од мојот дедо во Бељаковце и ја запишав на блокче, има 7-8 строфи.

Сега може малку во оригинал, дозволете ми: „Труп труп до тебе, труп, труп труп до мене, труп труп до мене бабоо, па на колеееенаа“…

(Почнасмо да поемо газда, с’г извини малце, Вале тера и без виски. Дај да испијемо да гу пресечемо песму, ха, ха – локација: кафуле “План Б” Куманово). Значи вака, јас му ја испеав на Мичо, тој ја сними на едно ухерче и вели „Ќе видиш за пет шест месеци што ќе направу”. Од тој позајмен текст прави една боемска, сосема понаква песна, на негова музика и аранжман. И оттогаш има доживеано повеќе варијанти, праизведба на виолина со Џорлев во емисијата „Зајди зајди”, со Александар и Дац, со „Челик бенд”, со Цане Петров, веќе имам пет верзии на „Бабино девојче”. И плус ме радува што е на кумановски, а јас си го сакам дијалектот.

Велите Ви ја направил Мичо во боемски манир, што се подразбира, бидејќи четири децении Ве доживуваме како алфа боем. Србите пред две три години се пофалија со нивниот Тома Здравковиќ кој бил боем во сосема друг жанр, со тажни емоции, промашени љубови и јаки песни. Е сега ние го немаме Тома Здравковиќ од тој тип, меѓутоа, поправете ме ако грешам, Вие сте еден и единствениот кој ги исполнува условите за боем. Повелете Нино, самиот дефинирајте се, како гледате на терминот боемштина?

– Моја размисла за тоа кога ќе се потенцира боем, е дека боем не значи, кумановци викав пијандура (алкохоличар), туку боем и боемштина е „школа на животот”…Што ќе рече, еден Тин Ујевиќ, па тие луѓе на Скадарлија и сите што биле од тој еснаф, знаеле, читале и кажувале поезија, сакале театар, биле елоквентни, биле харизматични, сакале музика, сакале убаво вино, убави жени во смисла на тоа дека убавината е релативна работа. Но на некој ќе му се допаднат веѓите, на друг очите, на третиот коленото, ама знаеле како да ја уважуваат жената и да им биде инспирација, муза. Тој тертип на луѓе јас ги сместувам во боемштина.

Вас кој Ве научи да бидете боем, природно Ви доаѓа или?

– Не, нема класична „школа за боемство”, но имав околу мене некои луѓе кои сега можам да ги именувам: Во Куманово еден мој директор Жмара од кого можеше да научиш начин на кој се комуницира, начин на кој се однесува, тој некој манеризам. Исто некои луѓе од театарот во Куманово, од музиката. Еден Здравко Чолиќ лично ми има кажано нешто. Во Вевчани имаме концерт, а тој се подготвува како да треба да пее во „Олимпија” во Париз. Му велам „Здравко што толку, ова е мала сала?”. Тој одговара „Нино увек има један који те пажљиво слуша, има за њега да певаш (Нино, секогаш има еден кој внимателно те слуша, има за него да пееш)“… Е тоа е таа филозофија. А најмалку го сметам тоа дека треба да се изнапиеш или да се изнадр*гираш, па да си нешто боем.

Обично за боем го сметаат некој кој по цел ден седи во кафеана, ги троши сите пари и чести и го честат. Но, Нино, рака на срце немам слушнато некој за Вас да рече – еј, како беше опиен, не можеше дома да си оди...

– Не, не, не. Јас и натаму сум љубител на убава и добра капка вино и ракија, но тоа, нормално кога сме на седенки, па потоа јас инспириран знам да одрецититам поезија, „Коштана” или дел некои фрагменти кои што ми останале од моето театарско битисување. И тоа е како една надградба, не да е само пеење, да има и анимирање, да се каже виц, да се направи една козерија, еден дозиран хумор, сѐ да е на едно ниво. А тоа или го имаш или го немаш, или го носиш или не го носиш. Јас сум човек кој во друштвото е препознатлив по тоа што знам да направам атмосфера на мој начин, сакам луѓе, весели, филантроп сум, човекољубец, не саја намќори, луѓе со негативна енергија и некако се тргам и бегам ако наидам на такви, ако може да се избега ха ха ха.

Врвот на презентирање на сопствената боемштина е Вашето  анимирање во ресторанот Фук -так” во Дојран по Валандово”. Колку што во јавност се зборувало за Фестивалот, сите што бевме инволвирани во естрада една година потоа зборувавме за Нино и неговиот перформанс постфестум…

– Добро, Вие сте дел од тоа, ги знаете тие луѓе што сме биле, сме правеле како отворање на „Дубровачке летање игре”. Ама сме правеле за својот еснаф не за да им се допаднеме на новинарите, па сега ќе пишуваат убаво, не! Кој бил дел од тоа наше чествување, мислам дека ја знае добитнатата комбинација, „Боеми”,  Фис, Наум Петревски, да не ги споменувам и сите други, што биле дел од таа убавина и сето тоа го правеле од срце, а не колку да се направи промет. „Фук-так” работи и со нас и без нас, бев пред неколку дена и уште се чувствува дека сум оставил трага, таму уште ме почитуваат, иако младиот сопственик Мите кога сум почнувал имал две години, или не бил ни роден. Така што, останале уште и фотографиите во кафаната со Наум, со ВХС, со Гоце Николовски …

Уште го правите тој ритуал тргнувајќи од околу кафаната кон масите?

– Не, за жал ништо не е така. Прво ги нема тие луѓе, ги нема тие што искрено сакаат да останат до рано изутрина и да се радуваат на животот. До пред некоја година можеби уште имаше по некои фиданки, ластерчиња што ветуваа дека… но сега  меракот е – ќе дојде, ќе вечера, мобилните и толку. На увце да ти засвират музичари, акустика на увце. Тоа се вели милина…

Нинка колку песни имате испеано? Вие сте педантен во броењето, па …

– Да се книжи музички живот од 43 години не е малку. Бидејќи сум фактограф, паметам ситуации и датуми, сега му давам податоци на авторот д-р Јордан Пачков кој подготвува една монографија. Не му се мешам, но му велам „Ставај фотографии, прави ја сликовница, треба да ја  направиш интересно четиво на прво читање”. Нашиот ценет член, господин Петар Николовски, направи монографија за Октетот и се обиде да изброи – за 40 години имаме снимено преку 200 за продукција на МРТВ. Тоа е една добра респектабилна бројка, бидејќи, да те има во сигнатура, тоа значи да сте ги поминале сите филтри и дека го имате нивото. А можам да кажам дека солистички, стотката сигурно сум ја поминал. Само ако земете на „Валандово” имам испано 30. Нема каде не сум пеел. На Лешок, Цветници, Тримери, Филиграни, Тетовски Фолк фест, Тумба фест, Тамбурашки фестивал. Ме покануваат и во Црна гора, имам настапи на фестивали, во Бијело поле, Подгорица. Ја преставував Македонија и на Мондовизија во Нови Сад, тоа е како тамбурашка Евровизија, настапуваа од цела бивша Југославија. Тоа се вика „Тамбурица фест”, светски тамбурашки фестивал. Пеевме песна и за Шојиќ „Човек оркестар”, а пеев и песна од мојот кумашин Младен Протиќ, „Меденица”. Новинарот Дуле Миќиќ извести за тоа. Имав страшно добар настап со 40 тамбураши во живо на плоштадот во Нови Сад. Јас сум етаблиран во тој тамбурашки свет и потпретседател сум на Светската тамбурашка асоцијација.

Многу логично, кога во Куманово правите фантастичен Тамбурашки фестивал. Колку години?

– 21 година.

Ви остана ли нешто неисполнето во кариерата досега ?

– Направив сѐ. Дури и на мои 57-8 години, во 2012 година, завршив факултет за вокална интерпретација на Факултетот за применета уметност ЕСРА. Јас сум дефиниран пејач, но нашиот оперски пејач, Александар Стефановски ми помогна во техниката на оперско пеење. Добивање на знаење е поважно од земање диплома.

Зошто не запеавте забавно?

– Поблиските пријатели знаат дека мои култни групи се „Индекси”и „Бијело дугме”. Го имам и го знам наизуст целиот нивен репертоар. Ама за забавно, не ми требаат такви егзибиции, држам една своја пејачка линија. Сум пробал еднаш со една пошизичка песна на „Валандово”, не влегов ни во финале. Ајде да се љубиме…

Ајде да се љубиме” убав наслов за биографски филм за Вас...

– Е ајде да се љубиме време, да не губиме. Всушност, нон стоп да се љубиме, беше песната од Никола Митровиќ.

Нинка, заслужувате ли Македонците да направат филм за Нино Величковски?

– Сега вака, не треба некој да умре па да се прави филм за него. За секого има место под сонцето. Кога некој би се нафатил сценаристички да го направи како музички филм, би било одлично. Ние имаме направено документарец за Шојиќ. Тој е музичар кој остави голема трага во Куманово. Но за мене? Треба човек што ме познава, да ја знае мојата музика, да ја знае таа приказна со „Фук-так”, и „прикаската“ со мојот љубовен, да не кажам мојот бурен живот.

Бурен беше љубовниот живот?

– Бурен, и тоа како. Бурен во смисла што некои луѓе, современици, што знаеле за големите мои љубови ги напишаа и во песни и јас ги отпеав на фестивали. Им се оддолжив на некој начин на тие љубови. Тоа се пикантерии, но јас стојам зад сите работи што сум ги правел. Никогаш не би кажал дека ме натера некој. Ми било убаво, сум сакал, сум го правел тоа. Но некои песни ги „голтнав”. Имам една песна од авторот Фис за моите две ќерки (од првиот брак), кога почнав не можам да ја отпеам, плачев. И не ја отпеав. Остана во фиока.

Нешто како извинување?

– Не, нема извинување тука. Тоа е песна која е пандан на песната „Недеља” од Џеј. Толку е емотивна, некој и да знае и да не знае за мојот живот, ќе ја исплаче. Му раскажав на Фис за разводот и тој седнува и во една кафана во Лисиче ја напиша. Ми ја даде за да ја снимам со тамбураши, но веројатно таа емоција не ми дава сѐ уште.

Кршевте ли женски срца, искрено, бидејќи убав, славен пејач, на тоа време можел што сака…

– Секое време си носи свои моменти. Е сега, прашање е како јас сум го чувствувал тоа, а прашање е како другата страна тоа го чувствувала. Љубовта го врти светот. Значи, ако не постои љубов, не постои ништо. Мора претходно да постоело љубов. Не е тоа само книжење, една девојка, друга девојка. Мора нешто да имало. Емоцијата е главна и во такви години, млади луди, кога срцето оди пред разумот, сите ние сме биле подложни и да погрешиме и да имаме можеби погрешен избор. А сега да книжам во стилот „е толко девојќе потепава се за мене, па кубесва косе” не би, тоа ми е „депласе“. Јас не сум таков човек, а фалба е ‘рѓа. Да не се фалам, други ќе кажуваат и за добро и за лошо. Одамна сум во среќен втор брак.

И си останавте во Куманово, а велат дека мажот си е најмногу маж на своето. Убав гест од Ваша страна, патем и направивте доста за својот град. Уживате ли во начинот на кој кумановци Ве доживуваат, дали е исто како и низ цела Македонија или важи она познатото – никој не е пророк на своето место?

– Најтешко се успева во свој град. Но, мене ми е сатисфакција што пред една година и половина на мојот концерт во Центарот за култура „Трајко Прокопиев ” 700 луѓе на нозе ми упатија огромен аплаузи. Славев 40 години и мислам, концертот да траеше уште, со часови ќе седеа. Така што, испочитуван сум, со сите награди и со сите нишани. Ама една друга работа ќе Ви кажам, јас се гордеам, или Кумановци велат „дичу се” за две работи. Прво што сум еден од членовите на Октетот Куманово и што во ’87-88 што ја снимивме првата песна која остана химна како „Куманово во срцето”, Мичо музика, текст Ѓоко Ѓорѓиев. Потоа, во оваа „нова” Македонија направивме две песни со Миле Барбаровски и со Огнен Неделковски „Песна за Куманово” и „Ода за Куманово” каде што учествуваме сите пејачи од градов, јас, Маргица Антевска, Мартинијан, Марио, Ивона, Драгана, Чапај, Боби Серафимовски. Второ, што како идеен творец и основач на „Тамбурашкиот фестивал” континуирано го одржуваме, благодарејќи на Советот на градот и градоначалникот Максим Димитриевски, а пред него и градоначалникот Зоран Дамјановски, дури и кога имаше ковид пандемија. Ако не сте ја прочитале книгата на Драган Даутовски за автохтоната македонска тамбура, прочитајте ја, ќе видите што значела тамбура за нас. Не само во Куманово. Дедо ми Димо на тамбура има свирено на Прцорек, бидејќи е велешанец. Ова што го правиме ние има голема димензија за македонската музика.

Колку носачи на звук издадовте?

– Касети, цедеа, лонгплеј плочи имам девет, со Тамбураши сигурно не се помалку од пет, со Октетот сигурно се седум и да не ги бројам на фестивалите како солист.

Сега што снимате?

– Сега антологиската „костум боја шербетна” (со официјален наслов „Уште еднаш”) ја преснимив кај Дејан во „Кларион” со групата „Табиет” од Свети Николе, на толку јак микрофон на каков што пеела и Лејди Гага. Ќе ја слушнете, предобра е. А со мојот кумашин Младен Протиќ правиме проект „Гитара и вокал”, исклучиво со македонски народни песни „Кога падна на Пирина”, „Налеј, налеј”, „Гино Гино” и други кумановски кои сум сакал да ги пеам.

За Валандово”?

– Сите валандовски песни планирам да ги ставиме на цедиња, и таму ќе ја испеам мојата песна на животот со која ќе ги заокружам и завршам моите настапи на Валандово, само ќе се одлучам дали оваа или следната година…

Ама пак ќе продолжите да си пеете?

– Не, таму нема да пеам потоа. Доста е.

Кои највисоки награда ги имате освоено на таа сцена?

– Имам три први награди од стручно жири.  Едната е со „Уште еднаш” (2003) Миле Барбаровски, Огнен Неделковски, Анѓел Ќосев, другата е „Не се трпаат немири” (2005) Миодраг Мичо Божиновски и Огнен Неделковски и третата е „Ние двајца” (2008) која ја испеав со Мерима Његомир (Барбаровски, Неделковски, Ќосев). Во 2015 победив од публика со песната „Крстозбор”, за награда ми дадоа 20.000 евра, „27.000 непријатеља сам си натакнаја“, ха ха.

Ви ги дадоа парите?

– Од банка со придружба си ги земав.

Ама што јас Ви реков еднаш кога бевме во Етно село? По една гласачка СМС порака сите симпатизерки и работата е завршена, нели? 

– Овој пат со гласовите што ги имав, гласале сосе нивните фамилии ха ха… Со Јохан Тарчуловски заедно го гледавме преносот на гласањето и прв дојде да ми честита, пееше и неговата сопруга Соња. А некои од колегите се налутија, зашто ги сакаа парите, ха, ха. Награди имам втори, трети, за текст, за аранжман, за сценско движење – „а стоју у место“, за интерпретација – „а поје се на плејбек“, ха ха

Награди, како калинки на стебло. Имало и зошто…

– Кога Аце од Радио Роса ми даде награда за животно дело му велам „Што ми даваш за животно дело, знаеш дек ќе поју још дваесет године, знаеш какви недела имам направено ха ха ха”. Минатата година добив награда „Златна Буба Мара за трајни вредности” а имам и четири други награди, 11 Ноемвриска на Куманово, и со Октетот и сам, во 2019 година добив награда за пет века на градот, имам не дека немам …

Требало и за следните пет да Ви дадат. Што се пет века? Вака ќе поминат, за минут, ама ваков пејач нема да се роди. Не ми се завршува муабетењево, Нинка, но толку е времето денеска, жените треба да одат на славје, 8 Март е. А бидејќи Вам Ви се инспирација, им се оддолживте доволно или уште им должите?

– Уште им должам. Уште многу љубовни песни. И непресушен извор ми се, и мене како на пејач и на моите автори. Имам и повеќе песни со женски имиња. Жените го вртат светот. Но пред тоа мора да постои љубов. Љубов помеѓу маж и жена и жена и маж… Треба едно огромно давање, бидејќи тоа ќе ви се врати, нема љубов во една насока. Така што, јас им посакувам сѐ најубаво. И не еден ден да е, на жената, сите денови подеднакво треба да бидат, бидејќи жената е столб во секое семејство, жената е таа која е едноставно е муза и инспирација во сите уметности. Среќен празник, да сте ми живи и здрави драги дами и многу љубов и многу инспирација, а јас уште многу песни ќе ви отпеам!

 

Валентина Ѓоргиевска Парго