Почетна ИНТЕРВЈУ Иле Наумов: Мојот боемски код го преточувам во поезија! 

Иле Наумов: Мојот боемски код го преточувам во поезија! 

Иле Наумов е, веројатно, најспецифичниот кумановски поет, од чие боемско перо излегле прекрасни книги, полни со емоции.

А во своето творештво да бидеш тоа што си, е богатство што не секој го поседува. Низ тие редови да ја запознаете целата негова душа, е привилегија што не секој ви ја дозволува.

Боемштината го обзела уште од млад, а како велат – она што ќе нѐ импресионира во детските и младешките години, тоа понатаму ни станува насока според која го креираме сопствениот живот.

Овој создавач на убави стихови два пати ја преставувал Македонија на Интернационалниот поетски фестивал „Валентиново” во Загреб. Бил победник во Санкт Петербург на интернационалниот натпревар за краток расказ за млади. Учествувал и на Струшките вечери на поезијата.

Luxury Catering Service

Но, тој е повеќе од поет, тој е и филантроп и хуман човек.

Господин Иле, в раце ги држам Вашите две стихозбирки, со описни наслови, Боемска рапсодија во црно” (2015) и Боемски блуз” (2016) …

– А, сега доаѓа третата, која ќе се вика „Боемски код”, со која ќе се заокружи оваа трилогија.

Веднаш ќе прашам, дали треба да нѐ асоцира на она кумановското? Кумановци ги бие глас на боеми и шегаџии.

Тука има само боемштина. Мајтап и шеги многу малку, бидејќи животот што сега го живееме сѐ помалку оди на мајтап и шега, а сѐ повеќе оди на тага, жал, љубов и другите придружни работи.

Од каде произлегуваат овие наслови? Вие се чувствувате како боем?

– Цел живот сум боем. Цел живот!

Во која смисла?

– Па во смисла на тоа опкружувње во кое пораснав, а тогаш беа актуелни игранки, кафеани и музика. Јас во свое време бев и музичар, свирев на тапани во повеќе кумановски рок групи, „Тангал бенд”, па едно време се викавме „Алкохол”. Свиревме и на гитаријадите и по некои кафулиња, па и на игранки. Свиревме и во помали гратчиња. Убава беше младоста, убаво беше дружењето. Така се живееше. Тоа беше еден вид модерен живот. Цел ден ќе работиш, навечер ќе излезеш.

Но боемското, велите, уште од тогаш Ви остана како една нијанса во душата

– Онаа златна нишка што се вели, што и да замоташ на неа, злато си останува злато. Кај мене така, боемштината си останува боемштина.

Позитивна боемштина имавте?

– Позитивна. Тоа може да се види и од моите песни. Да, порано имаше повеќе шеги, смешки, но, како созрева човекот, така му се развиваат и чувствата, така доаѓа љубовта, а кога љубовта ќе дојде тогаш не е веќе толку смешно, тогаш надоаѓаат некои други чувства што едноставно го тераат боемот да биде боем. Во моите песни извираат чувствата.

Носи ли боемот во себе повеќе болка, отколку љубов?

– Боемот носи чувства, а чувствата се љубовта и болката и радоста и среќата и тагата. Сѐ во едно, тоа е боемштина. И најчесто луѓето грешат, мислат дека боем е пијаница. Боемот треба да пие, а да не се напие.

Да љуби, а да…?

– Да љуби, а кога љуби да се даде целиот, кога пие да остане човек, да е свесен, бидејќи ако не е свесен тогаш не е боем, е тогаш е пијаница.

Кој беше најголем градски боем кога Вие сте растеле?

–  Тамбурашот Драгомир Шојиќ. Шојиќ беше нешто што не може да се измери со зборови, не може да се каже. И душа од човек, човек кој ќе ти помогне, човек кој ќе те упати, човек кој ќе ти најде тезга за свирење, човек кој ќе ти го покаже вистинскиот пат. И секогаш имаше топли зборови. Не само за мене, за сите. Шојиќ беше „људина” од човек, вистински боем.

Имавте можност да соработувате?

– Да, сум соработувал на некој начин. Во поранешна Југославија седум, осум пати одевме на манастирот Прохор Пчински со шатори и таму се палеше логорски оган, па се дружевме, пиевме, скара, романтика, девојки…

Понатаму, од музичар станавте поет. Како Ви дојде идеја дека треба да пишувате поезија?

– Јас пишувам од дете и секогаш сум го пишувал тоа што го чувствувам. Немам многу песни како што имаат некои луѓе, илјади. Имам некаде околу 200 песни, во кои тоа сум јас. Знам, ни тоа не е малку, иако според моите години сум можел да напишам и повеќе.  И не сите мои песни се ставени во книгите, бидејќи некои се премногу лични и не би сакал да излезат во јавност. Карактеристично е што во секоја збирка, по една песна си имам посветено на себе. Во првата „Друмска кафана”, во втората „Колекционер”, па и „Маска”. Првата оди вака:

– Во времиња тешки и тажни

крај патиштва калливи и влажни

ќе наидеш на куќичка

топла и без мана

весела и распеана

друмска кафана…

Ако по една песна во книга си посветувате на себе, на кого се посветени другите?

– И другите повеќето ме опишуваат мене, директно и индиректно, во нив ќе прочитате за мојата љубов, за моите таги. Секоја моја песна е откината од мојата душа. Поточно, од секое парче од мојата душа. А во овие две збирки целосно ќе ја видите мојата душа.

Во кој дел од денот најмногу пишувате?

– Најмногу сум пишувал ноќе, кога сите ќе спијат. Можам и тука песна да напишам (се мисли на кафеана н.з.), еве последната песна ја напишав на салфетка за три минути, побарав пенкалце од келнерот и ја напишав на маса. Тоа место ме потсети на мојата сопруга, која почина пред осум месеци, ми дојде тага, ми дојде жал, затоа што минатата година заедно бевме таму, а сега неа ја немаше.

Откако седнавме да разговараме, со секој Ваш одговор добивам и рецитирање на Вашите стихови. Како ги паметите? Многу од поетите ни насловите не си ги знаат.

– Па, јас си ги пишувам, затоа. А пак боемските, кога ќе седнеме, кога ќе почнам… „Не чувствувам ништо денес, нема болка нема мака, нема љубов, нема живот, ни твојата топла рака. И осмата чаша стаса, не ја испив само седам на оваа празна маса, се замислив колку вредам. Еј цигани, вие браќа свирете ми песна тажна, да потече солза машка, за љубовта болна лажна”…

Каде најчесто ги интерпертирате своите стихови?

– Порано многу повеќе се дружевме. Веројатно познато Ви е дека јас сум и еден од основачите на Здружението на поети и писатели „Манускрипт”, заедно со Драган Таневски, со Снежана од Битола, со Розита Христова, со Ружа Спасовска, Славица Митровска Цаци и други. Одевме кај Драган Таневски во Скопје, во неговата фирма, а најмногу одевме кај Марија Среброва во кафе – книжарница „Вештица” на Боемска улица. Таму имавме свој термин и секогаш кога ќе отидеме Марија беше среќна и весела и ги повикуваше сите нејзини пријатели. Рецитиравме наша поезија, пеевме, се натпреварувавме кој повеќе ќе каже. Еднаш со Драган Таневски (се премислува н.з.) но, ајде за тоа друг пат …Таму се дружевме со Јовица Цветковски, Слаѓана Ставревска, Лидија Максимовиќ, Зора, Даница Дани, според мене најдобрата готичарка, потоа со Анита Бошкова, Ана Цветановска, Јулија и Гила Китинска, Софија Александар, Панче Младеновски…

Прекинаа тие дружби, не постојат веќе?

– Не постојат бидејќи „Вештица” се затвори, а и тогаш се случи немилиот вооружен конфликт во Куманово. Имам напишано многу убава песна за загинатите херои, во 2016. А песната? Многумина велат е една од најубавите патриотски песни напишани за Македонија.

Би Ве прашала сега за третата стихозбирка којашто допрва треба да дојде

– Таа истотака е боемска. Во неа ќе ставам и некои од песните од првата и од втората стихозбирка за да ја заокружам. Ќе се вика „Боемски код”. Знаете што е код? Кодот е нешто што го прави човек таков каков што е. Во неа им објаснувам на луѓето и што е боем, бидејќи, реков на почетокот, кога ќе кажеш боем тие мислат на пијаница, неранимајко. Боем е човек – интелегентен. Има луѓе со факултет, но едноставно немаат такви манири, немаат такви чувства. Боемштината не се учи. Со боемштина се раѓа и со боемштина се умира. За жал, сѐ помалку нѐ има.

Интересно. Вие сега сте пензионер. Што работевте како професија?

– Јас сум електротехничар. Но отсекогаш многу сакав и многу читав поезија. И се запишав во гимназија, но татко ми ме отпиша и ме презапиша на електро, сакаше да ми даде занает. Јас пак, продолжив со литературата, и можеби по другите предмети имав и послаби оценки, ама по македонски секогаш имав петка.

Ја читавте тогашната расположлива литература?

– Цела литература, читав сѐ по ред, од Алекандар Дима, Толстој, Пушкин. Покојната Афродита Тоцили ме викаше македонскиот Есенин.

А Хрватите и Србите како Ве нарекуваат?

– Хрватите – македонскиот Тин Ујевич, поточно така ја нарекуваат мојата поезија, а Србите – Ѓура Јакшиќ. Па само јас и Ѓура пишуваме песни по кафеани и на салфетки.

Тоа Ви се случува и кога имате поетски дружења?

– На дружења, на поетски манифестации, секаде. Кога одевме на „Струшки вечери” на „Ноќ без интерпукција”, тие правеа струшки вечери, ние правевме струшки зазорувања. Имаше една кафеана „Свети Никола” во Струга и таму „владиците кумановско – струшки Иле и Давор (Крстевски) држат литургија”, така велеа поетите. И Давор е од Куманово, но има друг стил на пишување, ама се совпаѓавме во заедничко рецитирање до зори.

Вие сте и познат крводарител, имате дадено крв преку сто пати

– 137.

Голем рекорд и голема хуманост од Ваша страна. Само човек со широка душа може да го направи тоа

Во разни ситуации сум бил. Сум давал крв од рака на рака. Не ми било тешко. Секогаш императив ми била душата, човек да остане човек. Не е битно која националност е, ксква боја на кожа има, битно е да е човек, затоа што и тој, другиот, е на некого син или ќерка. И тој има мајка и татко. И тој има фамилија и него го сакаат како мене што ме сакаат.

Вашата фамилија како Ве доживува како поет, што велат најблиските за Вашето творештво? 

– Имам две ќерки и син, сите талентирани за пишување, но не се во светот на поезијата. За објавување на првата збирка ми помогна мојот син. А за втората, татко ми.

Аха, сепак семејството пружило рака. Како им се оддолжувате штом толку Ве поддржуваат?

– Со љубов. И со нега. Со грижливо чување. Татко ми живееше 84 години, тој беше слеп, јас него слеп го водев на риболов. Ми беше повеќе другар, отколку татко. Сега се грижам за мајка ми која има 87 години, постојано сум со неа, ја негувам.

Која е Вашата најголема желба во поезијата?

– Да си најдам другари како порано и да си се дружиме!

Преку поезијата мислите ќе ги најдете?

– Јас веќе ги најдов преку поезија. Но животот е чудна работа, кога малку ќе пркнеш, како што велиме ние кумановци, кога малку ќе излезеш над некое ниво и тогаш… Е, тогаш на виделина излегуваат оние страсти, оние скриени работи што човекот ги потиска во себе, а пред тоа ги покажувал само оние добрите…

Кај одредени луѓе е така, не кај сите. Но, Вие барате боемско друштво, а вистинските боеми не се такви.

– Многу добро се разбираме. Знаете што? Ти не можеш одеднаш да му ја прочиташ душата на човек. Човекот се чита со време, како книга, го читаш на грешки, на гестови, меѓу редови. Најмногу меѓу редови…а чашката таа не лаже, таа кажува сѐ. Со неа луѓето се отвораат и кажуваат повеќе, кажуваат сѐ што им лежи… Затоа Ви велам, во кафана ќе ги дознаеш сите чувства, нечии и свои.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго