Почетна СТАРО КУМАНОВО Некогашната пространа Тумба, срцето на градот

Некогашната пространа Тумба, срцето на градот

Јован Хаџи Васиљевиќ бележи дека Куманово е град со земјоделски и занаетчиски белег и со развиена чаршија. Кумановската Тумба (денешен градски плоштад) претставувал средиште на речиси целокупниот деловен живот во градот. Тука биле пазарите, занаетчиски и трговски дуќани, кафеани и чајџилници, магази и куќи со карактеристична градска архитектура.

Сл. 1. Тумба и општинската зграда – Беладието, 1915 г.

Куде год да се најде кумановац, одма га препознавав по „језик“, а Куманово по Тумбу и Четири бандере…

Наши чукундедовци га наќертиле град на ептен наместичаво место, у које за бељу, на срет се нашла некоја врагодинка – тумбарка, од коју за турско време никнало име „Тумба“ – вели во еден дел од фрагмнетот за Тумба, Киро Крстевски – Бабаружа.

Во некои претходни статии рековме дека сите сокаци во „старо Куманово“, трасирани и формирани во 19 век, воделе кон пространата Тумба. Тумба во градот претставувала јазол, каде сите главни сокаци во тогашното мало гратче Куманово, завршувале или почнувале од неа – од пространата Тумба.

Luxury Catering Service

На Тумба се случувало сè. Тумба била срцето на градот.

Сл. 2. Некогашната пространа Тумба, во доцните педесетти години на 20 век

Како што вели М. Арсовски – Болто (2005), Тумба како средишен дел на чаршијата претставувала највозбудливо место во градот. Тука во исто време се работело и тргувало, се разговарало и договарало, се јадело и забавувало. Тумба било средиште каде се формирало јавното мислење. Со еден збор, во минатото Куманово живеело свој живот, којшто најмногу се одвивал на распространетата Тумба.

Дојде ли пазаран д’н, она живне, прокрчка и около пладне клокоти. Туј са наредени без ред серије и још од сабајле започнује џагарење. Купује се и пазари башчеванџал’к, аз’рски минтани, дудуци, ќебапи, оглави, канате, јареќко печење, суџук, маџун, жито, афионски катран.

Шикерџије, лимонатаџије, бозаџије, симитчије, ситничари, торбари – сви углас викав муштерије, се надоврзува во својот фрагмент Киро Крстевски – Бабаружа.

Сл. 3. Познатиот кумановски пазар за добиток и жито, 1930 г.

Тумба секогаш во пазарните денови била зовриен казан, секаде клокотело, се слушале извици, гласно пазарење, рекламирање на стоки, коњски врисоци, блеење на овците, мукање на говедата, сето тоа измешано со звуците на кавал, дудук, шупелка, гајда, тапани и зурли, затоа што тука имало работа и заработувачка за секого.

Тумба била една голема стоковна куќа, само под ведро небо, затоа што тука можело да се набави сè, како што се вели „и од пиле млеко“.

Тука се наоѓал Ат-пазарот, потоа Житниот пазар, па Грнчарскиот пазар, пазарите на зеленчук и на продавачите на остени.

Ат-пазарот претставувал пазар за добиток и жито.  На Ат-пазарот можело да се видат куп коњи, мали планински, пргави и жилави, многу издржливи, доведени од планинските села на Карадак, Козјак и други планински предели. Тука се продавале и купувале и крупни коњи, за товар, за коли, за орање и за јавање, за уживање. Близу до коњите имало волови, магариња, понекоја маска, телиња. Имало голем број на џамбази – трговци со коњи и препродавачи.

Сл. 4. Тумба и Ат-пазарот

Близу до Ат-пазарот се продавале овци, кози и јаганца. Тука се продавала и волна, кожи, а малку понатаму млеко, сирење, урда, масло, јајца, живина, ракија, вино, а во близина и овошје и зеленчук, мед, восок, свеќи и многу други производи.

На Житниот пазар на Тумба, кој се простирал во средишниот дел, се продавала Овчеполската и Шлеговската пченица.

Сл. 5. Житен пазар на Тумба

Во горниот дел на кумановската Тумба, во еден подолг временски период, се простирал и Грнчарскиот пазар. Тука се продавале разни земјени садови, бардаци, тави, каленици, стомни наречени канти, ќупови…

Малку погоре од Грнчарскиот пазар се наоѓал пазарот за продавање на производи од дрво, особено на остените.

На пространата Тумба, исто така, берберите ги бричеле луѓето на отворено, седнати на сандалија (стол), на некој камен или сандук.

Интересно е да се напомене дека на Тумба, на просторот каде денеска се наоѓа Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ бил лоциран Пајтонџискиот ан. Во него, преку ноќ, пајтонџиите ги оставале своите пајтони, за наутро да ги земат и да ги извршуваат секојдневните работи.

Од поистакнатите објекти кои се наоѓале на Тумба треба да се спомене и општинската зграда – Беладието.

Еден од најстарите објекти на Тумба бил еден многу стар турски конак, кој подоцна бил преправен во зграда на Општината – Беладието. Зградата била на кат. Во приземните простории се наоѓала градската аптека, додека во просториите на спратот во четири одделенија, каде се наоѓале канцелариите, работела администрацијата на Општината.

Во Салнамето (годишна книга) на Косовскиот вилает од 1886/87 година, меѓудругото, се споменува и овој конак: „…Во касабата (Куманово) има две чесни џамии, едно средно училиште (руждие), еден обновен и прекрасен владин конак…“. Во зградата оптрвин било сместена општинската управа, потоа како општинска зграда постоела и за времето на Првата светска војна, па во Кралството Југославија, сé до 1930 година, кога тогаш била урната и започнала изградбата на денешната општинска зграда.

Овој објект исто така е познат и по тоа што во него се случиле познати настани од 1920 година, кога тогаш на општинските избори победиле комунистите.

Сл. 6. Општинската зграда – Беладието со пазарот

Исто така треба да се спомене дека зградата на првото Народно читалиште се наоѓало на просторот непосредно пред сегашната зграда на УЈП (поранешна Народна банка).

Интересно е да се напомене дека првата бензинска пумпа во Куманово се наоѓала токму на пространата Тумба. Сопствениците на пумпата биле Оцко Џимревски и Борис Атанасовски – Златнозупче, а била лоциран пред нивниот бакалски дуќан. Работела рачно на галони, односно еден галон изнесувал четири литри бензин.

Во текот на турското владеење, на Тумба се наоѓале околу 25 разновидни дуќани, сопственост на Турчинот Асан-Ефенди, богат човек-рентиер, кој дуќаните ги давал под закуп. По неговото име тој дел бил познат како Асанова чаршија.

На Тумба, пред Дишковата бакалница исто така се наоѓале и познатите „Четири Бандери“ кои биле поставени во 1926 година, кога Куманово било електрифицирано.

Треба да напоменеме дека во поранешната зграда на кино „Козјак“, во непосредна близина на Тумба, се наоѓало првото современо кино наречено „Едисон“.

Од горната страна на Тумба, во времето на турското владеење постоела пространа грнчарска работилница со фурна за печење грнци, сопственост на Марија Ѓуревица (1841-1903). Пред смртта оваа средовечна и побожна жена, севкупниот имот го подарила на тукушто изградената нова кумановска црква „Света Троица“. Оттука овој имот меѓу граѓаните е познат како црковен имот.

Сл. 7. Тумба во првите години по ослободувањето

На поширокиот простор на Тумба, Цветко, познат еснафлија и човек со авторитет во чаршијата продавал риба и сол на големо (оттука и презимето на семејството Соларци).

На старата кумановска Тумба долго време доминирал современиот и модерен, за тоа време, шивачки салон на познатиот мајстор Коста Дајлевиќ, кој бил и претседател на Општината од 1920 година.

Првата атлетска трка во Куманово била одржана во 1924 година. Група младинци трчале од Тумба по Велешкиот сокак до крајните куќи. Победил Ќира Петковиќ од Романовце, а втор пристигнал Методие Балкански.

Сл. 8. Првата атлетска трка во Куманово, на пространата Тумба, 1924 г.

Стара Тумба повеќе не постои. На нејзино место се наоѓа дел од Градскиот плоштад, на кој е лоциран Споменикот на Револуцијата со „Горда Македонка“.

На 11 октомври 1962 година, на 21 годишнина од востанието на народот во Македонија, бил откриен монументалниот Споменик на Револуцијата, „Горда Македонка“.

Споменикот во Куманово уметнички го обликувал академскиот вајар од Загреб, Коста Ангели Радовани. Тоа е ритмичка композиција изведена на три големи мермерни блока, над кои се издигнува централна фигура – „Горда Македонка“ исклесана од црн базалт.

Заедно со постаментот, споменикот е висок 8 метри.

Архитектонското решение го дал инж. арх. Маријан Хаберле, а фигурите и релјефот ги извел Стјепан Вучетиќ.

Сл. 9. Споменикот на Револуцијата со „Горда Македонка“

И последниот фрагмент за стара Тумба.

Бошко Величковски – Делибоше „купује“ јајца. Сељанка му ги брои и реду у појас што га придржује с’с обе руке и к’т жена испразни крошњу, на њега како т’к да му текна:

– О, мори снашке, ја зафати руке, а не ти плати…Бркни у џеп од чакшире и земи си паре!

Сирота жена, загнете руку у џеп и – одма џапна руку наѕад. Делибоше, не само што немаше џеп, тики и немаја под чакшире и дољњи гаќе.

Мајтапчија апаш!

Тумба и старите кумановски сокаци кои почнувале и завршувале на неа, биле една неразделна целина, каде се случувале главните збиднувања во градот, претставувале крвотек на животот на Куманово.

Сл. 10. Градскиот плоштад на почетокот на шеесеттите години на минатиот век

Користена литература:

 

А. Урошевић – Куманово, Годишен зборник на филозофскиот факултет; кн.2, Скопје, 1949.

М. Арсовски – Болто – Куманово 1519 – 1994, Народен музеј Куманово, Куманово, 1994.

П. Трајковски – Старо Куманово: луѓе – обичаи – настани, Печатница Просвета, Куманово, 1997.

М. Арсовски – Болто – Тумба, Списание Корени (Год. 4, бр. 16, декември 2005, стр. 2606-2612)

Д. Масевски – Куманово : време во времињата на Кумановскиот крај, 3., дополнето и изменето изд., Куманово : Парадигма, 2010.

 

Подготвил: проф. Филип Ѓошевски, научен соработник