Почетна ИНТЕРВЈУ Боби Серафимовски: Сонувам да бидам новиот Енио Мориконе во светот на филмската...

Боби Серафимовски: Сонувам да бидам новиот Енио Мориконе во светот на филмската музика!

Изврвен многу долг пат стои зад грандиозниот, а толку тивок, успех на познатиот автор, кантавтор, мулти-инструменталист, високоедуциран музичар и продуцент, Боби Серафимовски. На раб на – верувале или не…

 

Роден во Ужице во 1969 година (каде татко му Македон како војно лице бил на служба), свири од свои 14 години, живее во неговото Куманово, а гради кариера на повеќе меридијани, од Америка до Индија.

Luxury Catering Service

Тој е доказ дека со својот талент полесно ќе успееш некаде во светот отколку кај нас.

Многуте остварувања, некогаш на Балканот, беа увертира во остварување на неговиот американски сон потоа, кој преведен во музика значи- четири албуми досега, соработка со врвни светски имиња, саундтрак за два познати филма и надеж дека неговата филмска музика ќе му донесе и Оскар, еден ден.

Птиците летаат во јато, но орлите летаат сами“, означува некој кој сам храбро се вивнува во височините. Несомнено, тоа сте Вие. Уште од Вашата насловна страница на Екран, насетивме дека тогаш надежниот музичар ќе направи нешто, но ниту во нашите најсмели мисли не помисливме на толку големо, како што стојат работите сега. Да нѐ посетите, како ја добивте честа за насловната на Екран“?

– Во тоа време, во деведесеттите, да се појавиш на насловната страница на „Екран” беше навистина успех, бидејќи беше респектирано списание, а јас веќе имав добар бекграунд. Поводот беше тоа што во 1991 година излезе мој деби албум „Ивона”, за продукцијата на Македонската радио телевизија. Меѓутоа, пред тоа, што е многу важно за мене, покрај тоа што учествував во кумановски бендови со кои свиревме на „Рок фест” и „Гитаријада” во Куманово, чувствував дека можам и како композитор и како креативец да направам нешто повеќе. И, инспириран од тогашната екс ЈУ сцена, на српско-хрватски јазик ја снимив истоимената нумера, „Ивона”, љубовна тинејџерска приказна која направи вистински бум. Ја снимив во Ниш во студиото на Брацо Стефановиќ, во 1988/ 89 година. Се сеќавам со другарите патувавме со воз. Не можам да ви објаснам какво беше чувството кога прв пат влегов во студио. Мислев дека сум ја направил најдобрата песна. Меѓутоа се покажа дека „Ивона” навистина била добра. Во тоа време на „Белград 202″, која беше главна промотивна радиостаница во Југославија, имаше една емисија „Неки нови клинци – неки нови снимци” со Дубравка Дуца Марковиќ. На топ листата на таа емисија од сто песни,„Ивона” влезе во најдобрите пет. Кога потоа, слушнав дека е на прво место, здивот ми запре.

Без никаква заднинска поддршка?

– Апсолутно. Никаква протекција. Како победник на таа топ листа, по две недели бев повикан да гостувам во „Ноќен клуб” на Радио Белград. Тоа кај мене создаде навистина неверојатна позитивна енергија, радост и среќа. Што се случува понатаму? На емисијата „Неделно попладне”, објавија конкурс за млади бендови, за рубриката „Први пут на ТВ”. Повторно ја испратив „Ивона” и од сто песни повторно ја избраа неа. Замислете, јас се појавив прв пат на ТВ на „Неделно попладне” во Нови Сад, што беше отскочна штица за голем успех. Меѓутоа, за жал, се растури Југославија, и пропадна сѐ, а и преговорите да работам за албумот на Оливер Мандиќ за ПГП РТБ.

Како го воспоставивте контактот со Мандиќ?

– Бев гостин на „Београд 202″ кај еден многу јак новинар Марко Јанковиќ. Правевме интервју најгоре на највисоката зграда, „Београѓанка”. Таму бевме јас, Бајага, Кики Лесендриќ од „Пилоти”. Уф, која еуфорија беше тоа. Тоа се некои моменти кои никогаш не можам да ги заборавам. И автоматски влегуваш во некои кругови каде што веќе сѐ е поинаку и лесно добиваш препораки и контакти. Но, кога се растури Југославија, јас го снимив албумот за продукцијата на Македонска радио телевизија… Во тоа време немаше избор на телевизии и целата промоција одеше преку нив. Еден од најголемите успеси ми беше исто, ако не се лажам во 92/ 93 година, што на МТВ мојата песна „Среќна Нова година”. Беше емитувана точно на полноќ, во 12 часот… Со моја песна им се честиташе на цела Македонија. Следното, беше објавувањето на албумот “The Best of Bobi Serafimovski”, па снимивме една со Чапај „Ајде ноќва да се напиеме” и направив и други комерцијални работи од егзистенцијални мотиви.

Во меѓувреме, општо како ги поминавте во деведесеттите?

– Многу беше бурно, многу беше стресно, многу надежно и имаше и многу разочараност. Тешки времиња беа. Многу сакав да заминам, меѓутоа не ми било судено. Подоцна отидов во Чикаго на одредено време, но повеќе приватно. Музиката ми беше на прво место, сѐ сум работел за да опстанам, затоа што трагично е тоа што кога бев најпопуларен кај нас, бев најсиромашен. Тоа е нашата реалност. Разни работи сум работел, на почеток бев професор по музика, па магационер, продавач на градежни материјали, дистрибутер на кафе на чај, менаџер на обложувалници, новинар во телевизија во Куманово каде нагостив јаки ѕвезди: Здравко Чолиќ, Влатко Стефановски, Симон Трпчески, Тоше Проески, Калиопи, Дарио, Северина… Нема што не сум поминал и секаква музика сум свирел – од најголеми народњаци, до најголеми класични дела и пијано свирки. Сега повторно сум професор.

На почетокот на милениумските години за МРТВ објавено е вашето ЦД I love You Macedonia” (2000/2001), кое носи импресивни наслови на темите: Сонце на љубовта“, Непресушни корени“, Бериќетни дождови“,Солзите на дедо ми“, Длабоко во душата“…

– Во сите нив се чувствува она македонското. Тој албум беше препознатлив за МРТВ, а потоа сакаше да го издаде и Макса Чатовиќ од белградска „Комуна”, кој ми даде предлог гостин да ми биде еден наш реномиран гитарист и Радомир Михајловиќ- Точак. За жал, не добив позитивен одговор од нашиот гитарист. А голема работа е да пружиш рака на оние кои стартуваат, јас барем така настапувам во животот…

Во таа декада, хронолошки гледано, доаѓа песната Од тебе не знам да се опоравим“, која ја слушнавме на албумот на Цеца Горе од љубави” (2004)

– Таа песна беше направена по повод Меѓународниот ден на Ромите и стана нивна химна. Ја направив оригинал на ромски. Песната случајно ја слушна менаџерката Лилјана Петровиќ и таа ја зеде, фактички сакаше да ѝ ја даде на Ребека. Требаше да бидам и дел од тимот кој што ќе работи за Тоше, си фативме рака за 3-4 песни, но, ете, судбината замеша прсти. Уште ги имам во компјутер. А Лилјана на посета во Белград случајно ѝ ја пуштила песната на Марина Туцаковиќ. „Ова е нешто неверојатно”, рекла Марина и песната ја однела кај Цеца. Кога ми се јави Лилјана, со зборовите „Боби, Цеца ќе ти пее песна”, јас не верував. Меѓутоа кога излезе албумот ми се јави Цеца лично и отидов кај неа дома и потпишавме договор. Таа беше уште поголема ѕвезда отколку што е сега. Беше поим кога отидов на нејзината промоција, каде се сретнав со Марина, со менаџерот Саша Драгиќ…

Што друго излезе од Вашата работилница во тие години?

– Многу работа, многу енергија, многу песни направени од душа, но и многу ветувања од други. После Цеца бев решен да направам нешто. Тогаш со Рака Мариќ „Мјузик стар продакшн” (менаџер на „Бијело дугме”, организатор на концерт на „Ролинг Стоунс” н.з.) потпишав договор да бидам композитор. Имав контакти, патував секоја втора недела за Белград, спиев по хотели, одев на состаноци, воедно направив многу добри песни за Здравко Чолиќ, Харис Џиновиќ, Кеба, Саша Матиќ, Жељко Самарџиќ, Северина. Се среќавав со Џеј… Но многу тешко се влегува, затоа што тоа е голем бизнис. Таму парите се на маса, но многу кратко време стојат и се знае ќе ги земе. Ако ти се врти песната, во прашање се големи хонорари за авторите, а ако влезеш, значи дека веќе им чепкаш од колачот. И, знаете, можеби мојот патријархален став кон животот и мојата коректност е причина што не знаев да се „избуткам”. А во тој свет поинаку се игра.

Нешто од понуденото се реализираше?

– Се сними „Од тебе не знам да се опоравим” – Цеца, „Студ”- Малина и Азис, „Сичко е љубов”-Татјана, „Тамо где љубав почиње”- Соња Тарчуловска, „Лечи ме од спомени”- Нино Величковски и некои други.

Тие што Ви останаа, нема да ги снимите за себе?

– Не ни размислувам. Со Рака Мариќ разговаравме неколку пати и ми вели „Боби што сега ќе снимаш ти, ти си веќе стар”. А јас тогаш имав 35 години. Вели „Дај да работиме нешто, ти само компонирај”. Тоа е завршена прикаска со пеењето. Кој ќе ме гледа сега мене на овие години? Како композитор е друго.

Како композитор ги остварувате Вашите златни успеси. Ако деведесеттите беше Македонија, 2000-те Србија, од 2010 година е Америка и почеток на Вашата светска кариера

– Јас кога сфатив дека нема повеќе да правам кариера како пејач и кантавтор, нема да биде нескромно ако кажам, сфатив дека навистина сум добар како мулти – инструменталист, композитор и продуцент и дека тоа треба да го искористам. Нема што не свирам – кларинет, клавир, гитара… Тогаш во Лондон и Јужна Кореја ми излезе албумот „Macedonian traditional music in jazz”, кој сега ќе се реиздаде за светскиот пазар, со традиционални македонски песни “Калеш бре Анѓо”, “По друм одам мајче”, „Налеј, налеј”,„Македонско девојче” и други, направени во џез варијанта. Потоа почнав да работам инструментална музика со којашто сакав да се пробам и како артист и како пијанист и веднаш бев на радио станици во Америка со Piano revolution, Sunrise on the beach…

Голем скок. За да дојдете до радиостаници во Америка, сепак, мора некој да застане зад Вас, зар не?

– Па, немаше никој зад мене. Имате добра музичка композиција, имате интернет, имате комуникација и ја нудите. Додека го потпишав првиот договор за познатата „Music on mack avenue” во Лос Анџелес, јас испратив речиси 10.000 мејлови.

10.000? Како е можно?

– Секој ден праќав на разни компании. Нон-стоп тоа го работиш, компонираш и нудиш. Треба да бидеш упорен. Првото „фаќање риба” ми беше кога „Music on mack avenue record” ме зедоа за лиценцирање на мојата музика за комерцијални програми. Во меѓувреме работев и дење и ноќе, такво е правилото. Знаете, многу интересна и стресна работа е, те откачуваат, некој ќе те потцени, некој ќе те пофали, но на некој начин со тоа ти работи адреналинот да направиш нешто… Потоа барав компанија која што ќе ме земе да бидам композитор за филмска музика. Пуштав мејлови, вртев телефони и се појави првата личност која ми понуди да работам за филм “Snow Black” (2021), во којашто глуми актерката Глорија Хендри (првата црна дама која се има појавено во филм за Џејмс Бонд). Режисер е нејзиниот братучед Роберт Пархам (кој соработува со актери од  „Змаево гнездо”, со Чак Норис и Брус Ли). Тоа беше моето првенче со кое влегов во светот на филмска музика. Потоа дојде музиката за филмот “Why not”…

Во Америка имате и четири албуми. Кој ги објави?

– Тоа беше независна продукција и на нив свират најпознати музичари, кои свиреле и со Род Стујард, Карлос Сантана, „Tears for fears”. Едниот албум „Bobi and friends” целиот е со гитари и саксофони. Имам и повеќе синглови, на дел од нив ми свиреле Италијани, но и Џон Фрејзер, Кејан Вилијамс, Роберт Ли, Магдалена Чованчова, Лео Касино, како и мошне познатиот Џемс Колак. Што се однесува до следниот албум „Happiness in my heart” на него менаџер и продуцент ми беше Т. С. Томпкинс, кој во осумдесеттите, кога бил главен на Си Би Ес мјузик работел на седум албуми на Мајкл Џексон. Меѓутоа со Т.С. Томпкинс ништо посебно, тој не успеа да направи добар фидбек со мене, за да направи бизнис. Сакам да кажам – нема правила. Отсвирев и неколку синглови. Катја Рихерман ми свири на една композицијата. Станува збор за светски уметник. Таа му е родена сестра на басистот на познатата група „Шкорпион”, германка која живее во Лос Анџелес, и свири со Род Стјуард на сцена… Со неа направивме инструментал со кој бевме на прво место на една од радио станиците во Тексас. Таа ми свири саксофон и на песната, за која јас го напишав текстот, ја пее Адин Чрч од Канада, а придружни вокали сними Кате Мицанова. Инаку во една композиција гостин ми е еден од најпознатите светски глумци Дон Скајмер од Л.А. којшто пак глуми покрај Ерик Робертс (братот на Џулија Робертс).

Многу соработки и многу ѕвездени имиња на едно место. Заработивте ли доволно?

– Од ова не. Само од филмската музика што ја работам и што продавам мои композиции. Меѓутоа, веќе станав забележан во светот. Веќе имам добро CV, а Боби Серафимовски го променив во Боби Серафимо, како уметничко име кое што понатаму ќе ме претставува во филмската индустрија.

 

 

Кој е Вашиот најголем пробив во сиве овие неверојатни успеси?

– Може да се рече тоа што сега сум меѓу дваесетте светски композитори во “The Kaufman Agency” од Лос Анџелес. Чекав пет години да влезам во таа реномирана компанија, влегов и сега очекувам да ми дадат ангажман.

Не се отселивте своевремено, меѓутоа Вашата музика Ве однесе на многу големи далечини. Но во Македонија луѓево некако не ја знаат баш приказнава“…

– Си ја сакам Македонија, јас сум  Македонец, меѓутоа кога зборуваме за дела, за соработка, да ви кажам најдругарски, во Македонија сум разочаран од сите било какви професионални контакти и затоа не се промовирам по медиуми. Каде што сум пробал да направам нешто, каде што сум чукнал, сум бил одбиен и од познати музичари и од режисери. Знаете што е најголем проблем? Што луѓето овде не сакаат ни да слушнат што им нудиш.

На Вашите албуми наскоро им се придружува и новиот, India forever”…

– Откако направив музика за еден индиски филм, потпишав договор со „Nemoros group” од Прага, кои што имаат „лејбел”и во Лондон, и коишто ќе го издадат мојот албум „India forever” и за некој ден ќе се појави на глобално ниво. Спој е на индиска музика, спој на македонска музика, спој на европски, џез и на ориентален звук, сѐ спакувано во едно многу симпатично емотивно музичко патување кое се вика „India forever”. Индија ми е предизвик, Боливуд е многу интересен и голем пазар, а воедно мислам дека источната музика и тој ориентален звук и ние македонците го имаме во себе.

Се изборивте да станете и професор, тоа е за почит.

– Имам завршено нижо музичко во Куманово, средно музичко и една година Музичка академија во Скопје, а пред пет години дипломирав за џез гитара на Академијата во Штип, патем и одлично свирам и блуз. Јас сум мулти – инструменталист. Моето прво работно место во 1989 година беше професор по Музичко образование во едно основно училиште во кумановската околија. Сега предавам гитара во нижото музичко училиште „Панче Пешев”. Со сопругата од 2016 до 2019 година имавме и едукативен музички центар со многу ученици. Меѓутоа како професор навистина се гордеам што и учениците и родителите ме почитуваат, затоа што искрено им го давам она знаење кое што го имам. Добар педагог сум и  секогаш сум отворен за моите ученици, ако побараат од мене во секое време ќе  добијат совет и добра мисла.

Што е следно?

– Во изминатиов период дадов доста интервјуа за поткасти, дури и за национално SBS радио во Австралија, за програмата на македонски јазик. Го совладав англискиот јазик и веќе не ми е пречка, пишувам и песни на англиски јазик, давам интервјуа, а наскоро ќе ми прават интервју за насловна страница на еден онлајн магазин од Њујорк.

Одушевувачки е како со упорност ја промовирате вредноста на Вашата музика... 

– Мојата идеја во ова што го работам е „Никогаш не се предавај, секогаш стрпливо работи, верувај во себе и надевај се! И секогаш нуди, обидувај се да направиш нешто. Пробувај, можеби следниот чекор ќе биде тој, никогаш не знаеш кога ќе го допреш успехот, меѓутоа не треба да се откажуваш. И кога е најтешко, пак треба да се бориш и треба да бидеш многу упорен. Мора да го погодиш еден ден, можеби нема да се случи сега, но можеби утре”. Битно е да се обидуваш да го направиш, за да не ти биде криво што не си се обидел.

Се радувате што станавте успешен во ваков размер?

– Драго ми е сѐ, многу сум релаксиран. Мислам дека заслужувам многу повеќе и мислам дека допрва треба да се случат убавите работи. Меѓутоа, во животот мора да имаш среќа, не е само да бидеш добар. Ако немаш среќа ништо не си направил.

Која Ви е главната цел?

– Главната цел ми е да влезам во некој јак филм на некоја јака продукцијата и да направам музика за истиот. Енио Мориконе беше светски композитор, јас го почитувам затоа што имаше интересни теми и во секоја тема го вметнуваше тој италијански сенс. Сакам во Холивуд јас да го однесам македонскиот набој и да освојам Оскар како композитор. Тоа ми е целта.

Генерално што извлековте како главен заклучок од сето ова што го работите сиве овие години?

– Прво сум среќен што ете Господ ми дал дарба да се занимавам со музика и сфатив дека вистинскиот музичар треба да биде емотивен човек. Ако не го работиш тоа емотивно, нема да има резултат. Сѐ што работиш емотивно ќе има резултат, сѐ што е површно, не може да помине. Друго, музиката на некој начин ме возвишува, ме храни, ме смирува и понекогаш ме вознемирува, меѓутоа сите мои чувства ги преточувам во музика. Доколку како тинејџер, ваков каков што сум јас, бев во Америка, ќе направев светски успех. Но, верувам дека доаѓаат подобри денови за мене, затоа што навистина мојот сон е да бидам дефинитивно светски музичар, само некако како што поминуваат годините, не дека губам енергија, ама станувам по малку и пононшалантен. Меѓутоа, сепак уште има жарче во мене. И многу битно, имам семејство и сакам да направам тие да живеат подобро. Најголемата поддршка ми доаѓа од сопругата, затоа и сите песни ѝ ги посветувам нејзе. Син ми е апсолвент на Природно-математичкиот факултет во Скопје, а ќерка ми убаво пее, но нема јас да бидам тој што ќе ги форсира. За нив вреди секој ден одново да се докажувам и да пробам да го остварам мојот сон – Оскар за филмска музика.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго