Нашиот сограѓанин Душко Јовановиќ – Кепо е жив пример и доказ дека издржливоста на човековото тело нема граници и дека таа граница од деценија во деценија сé повеќе ги померува своите граници, па тој во тој контекст успеа како активен фудбалер да опстане цели 48 години (1967 – 2014).
Душко Јовановиќ за прв пат почнал да игра фудбал во далечната 1967 година на својата 16 годишна возраст за својот клуб ФК ”Борац” од селото Горно Којнаре, за да потоа по само две години, поточно во 1969 година, како талентиран фудбалер помине во тоа време во еден од најдобрите клубови во Куманово, ФК „Металац“ што во тоа време важел за втор најдобар клуб во Куманово, веднаш зад фудбалскиот клуб ФК „КСК“. Во новиот клуб кој во тоа време се натпреварувал во Вардарскиот фудбалски регион, Душко успешно настапувал цели 10 години и во 1979 година тој повторно се вратил во својот матичен клуб ФК „Борац“ за кој што и покрај своите поодминати и ветерански години активно и успешно настапувал до 2014 година. Taa 2014 година, тој на своја 63 годишна возраст го одиграл и прошталниот натпревар во својата богата фудбалска кариера, а натпреварот на кој што ги одиграл сите 90 минути како доказ целосно бил снимен од страна на локалната кумановска телевизија ТВ Зора. Натпреварот е снимен на ЦД. Кога сме кај фудбалскиот клуб ФК „Борац“, само да споменеме дека Душко Јовановиќ воедно е и човекот кој му го дал името на клубот, а тоа го сторил инспириран од името на фудбалскиот клуб ФК „Борац“ од Бања Лука кој во тоа време бил член на првата југословенска фудбалска лига.
Со својата речиси пет децениска спортска кариера како фудбалер, атлетичар и борач него можеме слободно да го вброиме дури и во еден од најуспешните спортисти во државата.
Можеби малкумина љубители на спортот од Куманово, но и од државата за него знаат дека и покрај тоа што тој до денес има фудбалска кариера долга 48 години, нјадобрите спортски резултати ги има постигнато во атлетиката и борењето.
Имено, паралелно со фудбалот тој бил страствен вљубеник и во атлетиката со која што почнал да се занимава уште од својата 14-та година, односно од 1965 до 1978 година, како член на атлетските клубови АК Куманово и АК Работнички од Скопје. Негова омилена дисциплина во атлетиката била трчањето на долги патеки и тоа на 3.000, 5.000 и 10.000 метри во кои што во тоа време бил и првак на Македонија, а на ниво на тогашна Југославија во своите дисциплини секогаш бил меѓу најдобрите осум атлетичари кои во тоа време биле предводени од познатиот југословенски атлетски ас Дане Корица, кој по завршување на атлетската кариера бил и селектор на Атлетската репрезентација на тогашна Југославија.
Кога во 1978 година Душко престанал да се занимава со атлетиката, се зачленил во боречкиот клуб БК „Куманово“ од Куманово и за само една година успеал да стане член на Боречката репрезентација на Македонија во категоријата „слободен стил“ до 52 и 57 килограми. Во борењето останал до 1990 година и оттогаш па сé до 2014 – тата година се посветил на фудбалот и во таа 2014 година во својот матичен клуб ФК „Борац“ ја завршил и својата долгогодишна фудбаласка кариера која траела ни помалку ни повеќе туку точно цели 48 години.
Неговото животно мото отсекогаш било „Во здравото тело – здрав дух“, а неговата девиза за успехот во спортот за секој успешен спортист тој ги гледа во напорната работата, посветеноста, упорноста и спортскиот живот без конзумирање на цигари и алхохол и се разбира на недозволените супстанци кои за жал денеска ги користат и некои врвни спортисти. Дека Душко во текот на својата долгогодишна спортска кариера бил строго дисциплиниран, принципиелен и одговорен говори и податокот дека тој во неговиот живот не испил ниту една капка алхохол ниту пак запалил ниту една цигара. Тој за време на својата долгогодишна спортска кариера од пијалоци конзумирал само кока кола, млеко и природна негазирана вода што само по себе говори за неговиот карактер и за неговата принципиелност како спортист, личност и воопшто како човек.
Инаку во неговиот живот Душко освен во спортот бил голем вљубеник во азискиот континент поради што повеќе од триесетина пати патувал во азиските држави Кина, Тајланд, Индонезија, Лаос , Камбоџа и Виетнам каде што стекнал многу пријателства и од каде што донел многу убави спомени и инпресии, пренесувајќи ги подоцна на своите роднини, другари и пријатели.
Душко Јовановиќ – Кепо по занимање е дипломиран професор по физичка култура а дипломирал на факулетот за физичка култура во Скопје во 1990 година на тема: -Групи, општествени односи и насилство во физичката култура.
Би било тешко да се опише со еден збор ваква личност, зар не? Сепак, да се обидеме: импресивна, во секој поглед.
Т.Д.