Почетна КОЛУМНИ Гордана нема да молчи!

Гордана нема да молчи!

Обично способноста да се премолчи, да не се одговори на провокација, да не се преземат мерки кои можеби во иднина ќе предизвикаат негативни последици, во минатото, а и сега, се смета за карактеристика на мудрите. Но, со молчењето не е секогаш така, посебно не кога постои неправда, кога гледаме како масовно се прекршуваат човековите права и се злоупотребува власта за криминал и корупција. Не смее да се биде нем сведок кога отуѓена и недемократска власт спроведува политика за реализација на туѓи интереси и која форсира обезличување на цел еден народ. Таква беше состојбата последните неколку години во Македонија. За жал, досегашниот претседател  ги премолчи сите овие работи, а за повеќето има и негова инволвираност во нивното противуставно и антицивилизациско спроведување.

Пред некој ден, додека бевме во посета на граѓаните во населбата Зелен рид, со цел да побараме поддршка за кандидатурата на професорката Гордана Силјановска Давкова, една жена, кога виде како приоѓаме до нејзината куќа, видно возбудена  ни кажа дека ќе даде поддршка за професорката затоа што таа нема да молчи (нема да ќути), како што досегашниот претседател практикуваше. Тоа го кажа многу гласно, очигледно револтирана од целокупната политичка ситуација во државата. Оваа емотивна порака, но и точна констатација на нашата сограѓанка е доволен поттик за сите нас да истраеме во изборната кампања која на крај ќе биде крунисана со избор на најдобриот кандидат, професорката Гордана Силјановска Давкова.

Гордана Силјановска Давкова нема да молчи додека се кршат одредбите на Уставот и законите. Секогаш ќе застане во одбрана на оние граѓани  кои се изложени на системско кршење на основните човекови права и слободи. Нема, во ниту еден случај, да биде замолчена од центрите на моќ кои во спрега со политичкото и криминалното подземје се главни двигатели на криминалот и корупцијата. Таа секогаш ќе води грижа за слободно егзистирање на плурализмот во државата и ќе се спротивстави на сите обиди за доминација на власта врз опозицијата. Претседателката Гордана Силјановска Давкова нема да стои настрана и да гледа како се врши агресија на државата однадвор, а со цел идентитетски инженеринг и асимилација на македонскиот народ. Како експерт за уставно право уште на самиот почеток од претседателскиот мандат, ќе ја ревитализира функцијата претседател на Република Македонија и ќе се бори против евентуалните обиди на Владата да доминира врз законодавната и судската власт. Со смена на власта после 8 мај ваквите системско-политички девијации нема да постојат, а за тоа како гаранција, покрај новата реформска влада на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе биде и Претседателката Силјановска Давкова. Таа  заедно со другите власти  ќе работи на унапредување на безбедноста, стабилноста и демократскиот развој на Република Македонија.

Luxury Catering Service

Преку изборот на граѓаните на професорката Гордана Силјановска Давкова за прва претседателка на Македонија, ќе добиеме силен и решителен поборник за зачувувањето  на унитарниот карактер на државата. Личност која ќе ја обедини нацијата преку автентично дефинирање и артикулирање на јавниот интерес  и редовна  пракса на традиционалните либерални  вредности, кои надградени со македонска содржина, ќе бидат силни инструменти во заштита на правата на секој граѓанин и домашно лепило за градење на соживотот, по принципот на рамноправност и взаемно почитување.

Дејан Ристов
политиколог

Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на ПЛОШТАД. Затоа ПЛОШТАД не сноси одоговорност за содржината на истите.