Почетна Дрим Тим Дамир Вујадиновиќ Поранешен спортски коментатор и спортски работник

Дамир Вујадиновиќ
Поранешен спортски коментатор и спортски работник

Да се направи тим од најдобрите фудбалери од некогашната Југославија е извонредно тешка задача, бидејки играа еден куп страшни играчи уште од време кога почнав да пратам спорт, фудбал посебно од крај на 70-тите години. Ќе ги ставам само играчите кои што сум ги гледал како играат и ги паметам добро. Ќе се обидам да објаснам и по кои стандарди е изберен играчот, можеби ова и не е најреален можен список по сите параметри, но секогаш сум отворен за дискусија.

1. Томислав Ивковиќ

Зошто баш Ивковиќ, иако имало и подобри голмани во тоа време? Веројатно неговите 38 настапи за репрезентацијата и одбранетиот пенал на Марадона на Светско 1990 година си имаат своја тежина. Сега секако дека би го одбрал Облак од Атлетико, ама тој е за некој друг список.

Luxury Catering Service

2. Вујадин Станојковиќ

Нормално дека мора да бидеш и локал-патриот, Станојковиќ е не само легенда на Партизан, туку и на Куманово. Вујадин сигурно не бил прототип на денешен модерен, фул-бек, да биде брз како молња и да знае сé со топката, но беше неверојатно сигурен во игра, сигурен пас, имаше добар центар-шут и секогаш неуморно шпарташе по десната аут линија да затвори и кога играше поофанзивно на противничката половина. Можеше да има и релативно подобра кариера во странство од шведските екипи за кои настапуваше до крајот на кариерата, но сепак, останува засекогаш во нашите сеќавања како легендарна двојка на Вардар, Партизан и Југословенската репрезентација.

3. Роберт Јарни

Роберт направи феноменална кариера, благодарение на своите физички способности, брзина, експлозивност, неверојатен осет за игра на позицијата на која играше. Често знаеше да се уфрли по левата крилна позиција и да упати опасен центаршут, кој што не ретко завршуваше со сигурна реализација на напаѓачите. Беше член на легендарната генерација на јуниори, познати како „Чилеанци“, селекција која што триумфираше на СП во Чиле во 1987 година. За жал, иако играше за Јувентус и Реал, не остави ниту во Торино ниту во Мадрид некој посериозен печат во тек на својата интернационална кариера, најдобрите партии ги прикажуваше во Севиља како член на Бетис.

4. Синиша Михајловиќ

Невозможно е да не се најде место за Синиша во едно вакво друштво, првенствено зашто човекот освои сé што можеше да се освои, а и беше вистински универзалец, играше лево крило во Војводина, па тренерскиот лисец Вујадин Бошков го стави на лев бек во Рома, за да заврши кариера како штопер во Лацио и Интер. Левоногиот бомбардер беше еден од најдобрите изведувачи на слободни удари на сите времиња. Подобрите познавачи на фудбалот се сеќаваат сигурно на скршениот зглоб на Алваро Рекоба, или искршените ребра на Јирген Клинсман од силината на ударот на Синиша. Во едно интервју Синиша откри и дека ги има нокаутирано и својот најдобар другар од детството, како и мајка му, од силината на шутот. Другарот му прости, а мајка му го има истепано штом се освестила од ударот. Замина прерано, иако долги години се бореше со подмукла болест.

5. Илија Најдоски

Илија „Громовник“ Најдоски е вистински пример како напорната работа, во корелација со физичките предиспозиции може да донесе резултат. Секаде кај што играл носел со себе заразна борбеност, бескомпромисност и срце и така компензирал за малку поскромна техничка поткованост. Бил и страв и трепет за противничките напаѓачи, зашто човекот со старт можеше да крене играч во воздух, и додека да падне топката веќе ќе беше на противничката половина.

6. Среќно Катанец

Вон теренот можеби тивок и повлечен Словенец, на теренот маркантна фигура со своите 1.90цм, секогаш изнаоѓаше едноставни решенија на средината на теренот, дури и да даде завршен пас за гол во празен простор, како одлика на вистински тогашен техничар на средината на теренот. Сепак, неговата примарна задача беше да ја расипе противничката игра и како и секој дефанзивно ориентиран играч на средина, имаше неверојатен радиус на движење во текот на мечот. Извонредно благодарен играч, кој што секој би сакал да го има во својот тим.

7. Предраг Мијатовиќ

Уште еден вонсеријски талент, член на популарните „Чилеанци“. Пеѓа го сврте вниманието на себе како член на ФК Будуќност, иако беше на чекор од трансфер во Хајдук, сепак на крај заврши во ФК Партизан, каде под диригентска палка на Ивица Осим играше неверојатен фудбал во сезоната 91/92. Поради војната во Југославија, замина во Валенсија, каде што станува играч на сезона 95/96, за да ја врати титулата Европски Шампион на Реал Мадрид по пауза од 32 години во легендарното финале постигнувајќи го едниствениот гол во финалето против Јувентус во сезоната 97/98.

8. Сафет Сушиќ

Сафет е играч од постара генерација од останатите во оваа моја селекција, и кумулативно го имам најмалку гледано. Но тоа не го оспорува, ниту намалува неговиот сув квалитет на теренот и лидерските способности со кои што ги предводеше ПСЖ и југословенската репрезентација со години. Играч кој што знаеше да сврти 3-4 играчи во јазол на средината на теренот, спојувајќи го напаѓачот со гол, а и самиот имаше завидни реализаторски способности. „Папе“, како и Катанец, Михајловиќ и Пикси Стојковиќ, имаше и добра тренерска кариера.

9. Давор Шукер

Уште еден екстра-талент од чилеанската генерација – Давор откако ги тероризираше противничките одбрани во југословенската лига замина во Севиља, каде што веднаш стана миленик на публиката. Ѕвеѕдените моменти ги доживеа како и Мијатовиќ во дресот на Реал, освојувајќи ја титулата на Европски Шампион и со Јарни, Бобан, Просинечки, заземајќи го третото место на СП во Франција 1998 година, со селекцијата на Хрватска.

10. Драган Стојкововиќ

Што да се каже за Пикси? Еден од играчите кои што секогаш сум сакал да беше на спротивната страна на Топчидерското Брдо. Виртуоз со топка, вистински лидер на теренот, неговата непредвидливост на своја кожа го почуствуваа и моќните Шпанци со два гола во својата мрежа на СП во Италија 1990 година. Следат релативно неуспешни излети во Олимпик Марсеј и Верона на позајмица. Успеа да ја ревитализира кариерата во Јапонија, каде што станува икона на Нагоја.

11. Дејан Савиќевиќ

Дејан на теренот беше единствена појава. Понекогаш дури изгледаше и како шарлатан, пробувајќи да ја издрибла комплетната одбрана на противникот, но кога играше сериозно, немаше технички посупериорен фудбалер од таа генерација. Знаеше да ги тероризира противничките одбрани, но знаеше и да изгледа како да џогира на теренот, особено во дресот на Милан во сезони пред крај на кариерата. Веројатно во сите фудбалски академии треба да се пушти снимка од неговиот настап на финале на КЕШ против Барселона во сезоната 93/94, веројатно најдоминатна партија на еден играч во финале на ЛШ на сите времиња.

Р.П.