Замислете жена која е инспирирана од „златните момчиња“ од мундијалот во Чиле, 1987 г., да има членска карта на Делије од 18 годишна возраст, да е пример за помладите како да се хранат и живеат здраво и притоа да не ги нервира Гробарите, составувајќи го својот фудбалски дрим тим. Тоа е Анета!
1. Стеван Дика Стојановиќ
Роден во Титова Митровица (денешна Митровица), 1964 година. Фудбалски голман, доаѓа во Црвена Ѕвезда во 1979 год., каде ги поминува сите возрасни категории, од пионер до голман на првиот тим. На Маракана го добива прекарот „малиот Дика“, подоцна само Дика и достоинствено го додава на своето име и презиме. Со белградскиот тим ја освојува шампионската титула на Европа, на 29 мај 1991 во Бари, кога на пенали Црвена Ѕвезда го победи Олимпик Марсеј.
Популарниот Дика, спортските новинари го нарекувале „легендата од Маракана“.
2. Бранко Брновиќ
Роден во Титоград (денешна Подгорица), 1967 година.
Кариерата ја започнува во родниот град, настапува за тимот на Будуќност, во сениорска конкуренција, подоцна преминува во белградски Партизан. Игра во одбрана и средина (врска/веза). Звездениот сјај го доживува на мундијалот во Чиле, во 1987 год., како припадник на тимот „Златни чилеанци“, кои го освојуваат шампионскиот трофеј.
Брновиќ по завршувањето на активната играчка кариера, продолжува во тренерски води, каде успешно ја води репрезентацијата на Црна Гора.
3. Роберт Јарни
Роден во Чаковец, 1969 година.
Кариерата ја започнува во родниот град, подоцна заминува во сплитски Хајдук (1986 – 1991). Игра на позиција лев бек, повремено и на средина на теренот. Во екипата која е дел од „големата YU 4 – ка“, прераснува во врвен фудбалер, препознатлив по својата брзина и виртуознoст, особено истакнувајќи се во успешно поврзување на соиграчите и прецизно додавање. Извесно време го носи епитетот – рекордер по бројот на настапи за „ватрени“, репрезентацијата на Хрватска, вкупно 81 настап, а има еден настап и за СФРЈ.
4. Среќко Катанец
Роден во Љубљана, 1963 година.
Игра на дефанзивна позиција, врска/веза, познат по својата смиреност и толеранција, играч кој е почитуван од соиграчите и публиката во поранешна Југославија. Фудбалската кариера ја започнува мошне рано, 1981 год., во родниот град, во НК Љублана, продолжува во посилната прволигашка екипа Олимпија, потоа во Динамо Загреб. Кога преминува во белградски Партизан, достигнува кулминација во својата кариера, со шампионската титула во YU – лигата. Катанец беше селектор на македонската репрезентација (2006 – 2009 год.)
5. Синиша Михајловиќ
Роден во Вуковар, 1969 година.
Српскиот фудбалер и југословенски репрезентативец, својата кариера ја започнува во клубот Војводина од Нови Сад, на позиција лево крило. Младиот и талентиран фудбалер преминува во Црвена Ѕвезда, каде се вивнува до шампионски височини. Со своите колеги ја освојува Европа и светот во 1991 година. Настапува за Рома, Сампдорија, Лацио, Интер…Кариерата ја продолжува како тренер, оставајќи значаен белег во Италија, почитуван и ценет во спортската јавност. Неговиот живот згаснува прерано, замина по кратка борба со најтешката болест, во 2022 година, во Рим, каде живееше со семејството.
Михајловиќ е прогласен за заслужен граѓанин на Нови Сад, признание кое има посебно место во неговата богата ризница на трофеи.
6. Владимир Југовиќ
Роден во Милутовац, во близина на Трстеник, 1969 година.
Од рано детство започнува да игра фудбал во ФК Трстеник. До 15 годишна возраст, покрај училишните обврски паралелно тренира и настапува на официјални натпревари. Постигнува врвни резултати и тренери од младинската школа на Црвена Звезда, го забележуваат младиот Југо (прекар кој го добил од своите соиграчи), така заминува во Белград. Стартува во јуниорскиот тим на Звезда, потоа го позајмуваат во тимот на Рад, каде ги прави своите први професионални чекори. Позната е неговата изјава: „Jувентус е моја инспирација, бидејќи претставува гордост на Италија!“
7. Роберт Просинечки
Роден во Шевеннинген, Германија, 1969 година.
Кариерата ја започнува од „мали нозе“, во родната Германија, стартува во младинските тимови на Штутгарт Кикерс и Динамо Загреб. Познат е по прекарот Жути.Роби е дел од „чиленската златна експедиција 1987“, година во која до небо се вивнаа младите југословенски надежи и дел од најтрофејниот фудбалски клуб од Србија, Црвена Звезда, каде работеше и како тренер неколку сезони.
8. Звонимир Бобан
Роден во Имотски, во 1968 година.
Од рано детство почнува да тренира фудбал, поминува низ три младински школи: Мрачај Руновиќ, Хајдук Сплит и Динамо Загреб. Своето деби во југословенскиот дрес го доживува на 20 годишна возраст, во 1988 год. Најголемиот дел од кариерата го поминува во италијански Милан, освојува 4 титули во Серија А и 1 трофеј во Лигата на шампиони на Европа, со црвено – црниот тим.
9. Предраг Мијатовиќ
Роден во Титоград (денешна Подгорица), 1969 година.
Мијатовиќ го паметам како вистински мајстор на теренот, брз напаѓач, талентиран техничар со врвни голгетерски способности, имаше одлична прегледност и осет за додавање топка до своите соиграчи. Во текот на професионалната кариера честопати менува позиција и тоа доста успешно. Настапувал за клубовите: Будуќност, Партизан, Валенсија, Реал Мадрид, Фиорентина и Леванте.
Темпераментен и надвор од теренот, за него сведочат бројни статии, миленик на навивачката група „гробари“.
10. Драган Стојковиќ – Пикси
Роден во Ниш, 1965 година.
За него слободно може да се пишува само во суперлатив, фудбалски велемајстор, Звездина „ЗВЕЗДА“!
Своето патување низ фудбдалскиот свет го започнува на 14 години, како пионер во Раднички Ниш. Заминува во Црвена Звезда, во 1986 год., како млад и перспективен играч, веќе технички изграден, тимски играч, вистински лидер и репрезентативец. Позиција – играч на средина, со посебни напаѓачки карактеристики, одличен стрелец и изведувач на удари од прекин.
Историјата памети неколку негови епохални голови, лично го паметам голот од 81 вечно дерби, кога Црвена Звезда го победува Партизан со 3:2 и ја освојува шампионската титула.
Пикси дава гол директно од корнер, на радоста и нема крај.
Во црвено – белиот дрес настапува во 159 официјални натпревари, стрелец на 65 гола. Три пати е прогласуван за најдобар спортист на спортското друштво од Белград, во изборот на Звездина ревија, 1987 – 1989 год.
Два пати по ред ја носи титулата – најдобар фудбалер во првенството на Југославија, 1988 и 1989 год.
Од „својата“ Звезда се збогува во 1990 год, по освојувањето на дупла круна. Моментално е селектор на српските “орлови”.
11. Давор Шукер
Роден во Осијек, 1968 година.
Фудбалски уметник, единствен играч од поранешна Југославија кој се наоѓа на официјални ФИФА листи меѓу 100 најдобри фудбалери на сите времиња, покрај легендите, Пеле и Марадона.
Во негова сопственост се повеќе вредни трофеи, ќе спомнам само некои:
Златна копачка на СП во Франција, во 1998 год., за најдобар стрелец, каде ја вивнува Хрватска до трето место, Сребрена топка за втор најдобар играч на СП и Бронзениот трофеј на ФИФА за трето место за играч на сезона, избран по гласањето на селекторите од сите светски репрезентации.
Давор е офанзивен играч, со софистицирана техника, според мене уметник кој „везеше“ на терените, со силен топовски удар, темпераментен играч кој многупати ризикуваше за да стигне до противничкиот гол. Поседуваше одлично чувство за тимска игра, несебичен мајстор кој знаеше да протне топка таму каде другите не можеа.