Почетна Спорт МРК Куманово обезбеди опстанок во првата ракометна лига

МРК Куманово обезбеди опстанок во првата ракометна лига

Во последното коло од годинашното ракометно првенство на Македонија, ракометарите на Куманово на гостувањето во Скопје ја совладаа екипата на МРК Мулти Есенс со а29:27 (18:14) и со оваа победа нашата екипа и официјално останува член на првата ракометна лига на Македонија.

До најважната победа во првенството, која што решаваше и за нашиот опстанок во елитната лига, нашите ракометари дојдоа благодарение на добрата игра и водството од првото полувреме од + 4 гола разлика (18:14), што во продолжението од натпреварот се покажа и како одлучувачко во однос на конечниот резултат бидејќи ракометарите на Куманово во второто полувреме со тактичка игра успеаја да го задржат водството од првото полувреме до крајот на натпреварот, за да на крајот сосема заслужено се радуваат и слават за овој навистина голем успех.

За овој успех, инаку, заслужни се подеднакво сите од клубот, почнувајќи најпрвин од ракоматарите, потоа стручниот штаб на екипата, а секако голема заслуга има и управата на клубот, која што пред почетокот на вториот дел од првенството, кога екипата  се наоѓаше во навистина незавидна и тешка ситуација, презеде ризичен потег со ангажирањето на четворицата нови ракометни интернационалци, потег што на крајот вроди со плод и се покажа како доста храбар и сосема исплатлив и оправдувачки.

Сега, на нашата екипа на МРК Куманово или поточно на стручниот штаб и на раководството на тимот им претстои голема обврска, да седнат веднаш во наредниот период и за следната сезона да направат стратегија и план за работа за да добијат на време.

Luxury Catering Service

Секако дека во реализацијата на планот и стратегијата на екипата за наредната сезона треба малку повеќе да се вклучи и да помогне и нашата општина како и многуте успешни стопанственици од градот, а од нив, се разбира, најмногу оние кои што го сакаат кумановскиот ракомет .

Редакцијата на порталот „Плоштад“ со нетрпение ја очекува следната сезона, следејќи ги во чекор успесите на МРК Куманово.

Т.Д,