Почетна ИНТЕРВЈУ Менаџирање на големо јавно претпријатие е економија – Ненад Стојановски, новиот директор...

Менаџирање на големо јавно претпријатие е економија – Ненад Стојановски, новиот директор на ЈП „Чистота и зеленило“

Улогата на директор на ЈП „Чистота и зеленило“ не ја доживувам како награда од движењето „Знам“,туку како логичен избор за функција според моите квалификации! – Ненад Стојановски,директор на ЈП „Чистота и зеленило“ за Плоштад

За наше Куманово, за наша Македонија – одработевте, велат најпосветено – па, како ја доживеавте позицијата директор на ЈП „Чистота и зеленило“, како градација на успех во кариерата по заслуга или како „немаме доволно кадар“, а Неце се потврди како „пар екселанс“ економист во даночното?

Најпрвин, би сакал да се заблагодарам на раководството на партијата Движење Знам за Наша Македонија затоа што бев кандидат за пратеник на овие парламентарни избори, и од срце да изразам благодарност за огромната поддршка која ја добивме од страна на сите мои сопартијци, роднини, пријатели, познаници и сите граѓани кои го дадоа својот глас за мене и Движење Знам За Наша Македонија. На позицијата В.Д. Директор на ЈП ,,Чистота и зеленило” сум поставен од страна на градоначалникот затоа што согласно закон градоначалникот именува директори на јавни претпријатија. Станува збор за најголемо јавно претпријатие на територија на Општина Куманово и негов став е дека со моето образование, способности и претходно остварени резултати успешно ќе го менаџирам претпријатието. Лично јас воопшто не го сметам за награда именувањето, напротив за мене тоа е огромна одговорност каде ќе се вложам максимално како човек за да ја оправдам доделената улога.

Luxury Catering Service

Размислувавте ли некогаш во животот дека еден ден ќе се грижите за цветен расад по малкуте зелени површини во најголемата општина или и тоа е само една равенка без непознати за Вас?

Менаџирање на јавно претпријатие е економија, без разлика на дејноста која ја врши самото јавно претпријатие. Не сум размислувал дека ќе се грижам за цветен расад и ќе ве корегирам: ,, во повеќето зелени површини”, а освен овој мал дел , ЈП ,,Чистота и зеленило” врши и многу други дејности предвидени со статутот на претпријатието и дејности кои дополнително му се делегирани, како што се:

– изнесување на смет;

– уредување на јавно прометни површини;

-оддржување на православните и муслиманските гробишта;

– оддржување на депонии;

– расад на дендроматеријал итн.

Станува збор за претпријатие кое е одговорно за хигиената и заштита на животната средина на граѓаните на град Куманово.

Во колку часот е најоптимално да поминуваат камионите за смет низ централното градско подрачје и дали претпријатието сеуште ги поседува старите цистерни за миење на улиците?

Нашата работа е 24 часа во текот на денот и се одвива во три смени. Ако централното градско подрачје се остави еден ден да не се помине, наредниот ден не би можеле да го изнесеме сметот.

Камионите се присутни цел ден, а најоптимално е чистење во раните утрински часови или во доцните вечерни часови, кога има минимум сообраќај и граѓани по улиците.

Имаме 3 цистерни, една постара и две понови и сите се во функција и најчесто ги користиме за миење на улиците, како и за полевање.

Луѓе отселени одамна. Нивните чукун дедовци почиваат на градските гробишта. Никој не пали ни свеќа, камоли да го одржува гробното место. Неплатено со години. Нема контакт со потомците. Нема веќе ни ниви за откуп. Што се прави во тој случај?

Сите граѓани плаќаат годишна такса за гробните места.

Оние кои се отселени или оние за кои нема контакт со потомците се оставаат така затоа што нема можност да им се наплати.

А, за делот со гробните места, превземени се сите чекори за проширување со нови парцели, кои се определени и општината треба да ги откупи.

Таа постапка е во тек, па очекуваме за брзо време да се реши недостатокот на гробни места.

Ако некој реновира дома и го остави стариот мебел покрај булевар, помислувате ли веднаш на а) немање граѓанска свест и одговорност, б) формирате комисија за утврдување на причините поради кои не постои место за кабаст отпад, в) се јавувате на луѓе кои беа/се одговорни за дислоцирање на депонијата „Краста“?

Имаме акции во тек на годината, каде со јавен повик ги повикуваме граѓаните да го изнесуваат овој тип на отпад на однапред определени локации како би можеле да го превземеме и бесплатно да го однесеме.

Втора опција е граѓаните сами да нѐ повикаат, да ни платат за таквата услуга, а ние би им го земале отпадот од дома.

И двете опции, за жал, многу ретко се користат од страна на граѓаните, а фрлање на истите на било кои локации е недостаток на свест и несанкционирање од страна на комуналната инспекција.

Сепак, и тој отпад го дислоцираме, не го оставаме така.

Вашата идеја за чист и зелен град е благородна, а Вашите заложби за уредување на јавни површини непосредно пред концерти и други настани од јавен интерес секогаш ќе бидат поздравени. Можеби нема потреба од секоја засадена темјанушка да се ставаат фотографии наофицијалниот фејсбук профил за да се покаже што е сработено. Како, во тој поглед, планирате да се разликувате од сите останати директори/раководители?

ЈП “Чистота и зеленило” работи  секојдневно, 24 часа, и не е точно дека се објавуваат сите активности на официјалната фејсбук страна.

Се објавуваат одредени активности за кои сметаме дека треба да бидат видливи со цел да придонесат за подигање на јавната свест, информации за нашата животна средина или нагласување на граѓаните да внимаваат и да се грижат за животната средина.

Воопшто не е значајна рекламата, најважно е да си ја вршиме нашата работа, а граѓаните да бидат задоволни.