Почетна СТЕТОСКОП Моќта на дишењето: Патот до мир и самоповрзување

Моќта на дишењето: Патот до мир и самоповрзување

Секој здив носи приказна – приказна за животот, промените, смиреноста и будењето. Често, во налетот на секојдневниот живот, забораваме на силата што ја носиме во себе, на силата што доаѓа од нашиот здив. Дишењето е нешто што изгледа толку обично, автоматско, а сепак, во неговата едноставност лежи неисцрпна моќ. Дишењето е единственоот процес од автономниот нервен систем. Впрочем, тоа е првото нешто што го правиме кога ќе дојдеме на овој свет и последното кога ќе заминеме, зарем не?

Замислете момент кога сте напнати. Рамената ви се подигнати, мислите ви се тркаат, а вашето тело се чувствува стегнато и напнато. Сега, земете еден длабок здив… Здив што го исполнува вашето тело со светлина и ослободува напнатост при секое издишување. Забележете како секој здив полека го ослободува товарот на денот, го носи целиот оној тежок товар што го носите на својот грб, а кој можеби и воопшто не е ваш. Ослободувачки е, нели?

Дишењето не е само физиолошки процес; тоа е нашиот мост помеѓу умот и телото, помеѓу сегашниот момент и внатрешниот мир.

Luxury Catering Service

Дишењето е како лек за душата. Кога свесно дишеме, се враќаме кон себеси. Преку секој длабок и свесно воден здив, стануваме поприсутни во моментот, поповрзани со сопственото битие. Во свет во кој што сме обземени од обврски и грижи, свесното дишење може да биде нашиот излез од вителот на стресот. Како кога го притискаме копчето за пауза, дишењето не потсетува дека постои момент во кој можеме да застанеме, да се слушаме себеси и да најдеме смиреност, а во онаа пауза помеѓу вдишувањето и издишувањето се крие еден цел мал универзум. Тоа нè потсетува дека е во ред да земеме пауза, да одделиме време за себе. Всушност, тишината е таа која ѝ дава убавина на музиката, на животот, го заокружува и го прави потполн и целосен. Таа го кажува она што зборовите не можат, а срцето го разбира.

Замислете како секое издишување носи со себе грижи, а секое вдишување носи чувство на благосостојба. Во тие моменти на дишење, телото добива шанса да се регенерира, додека умот добива бистрина.

Добро е да се знае дека дишењето е една од ретките функции на нашето тело која е дел од автономниот нервен систем, но над која имаме свесна контрола. Автономниот нервен систем ги контролира нашите основни функции, како што се срцето, варењето и дишењето, и е поделен на два дела: симпатичен (кој е виновен за одговорот „бори се или бегај“) и парасимпатичен нервен систем (кој е одговорен за одмор и регенерација). Иако повеќето од овие функции работат без наше активно учество, дишењето е специфично затоа што можеме свесно да го успориме, забрзаме или продлабочиме. Оваа моќ ни дава способност да дејствуваме на автономниот нервен систем и директно да влијаеме на тоа како се чувствуваме. Кога свесно го контролираме дишењето, можеме да го смириме симпатичкиот нервен систем и да го активираме парасимпатикот, што не доведува во состојба на длабока релаксација. Ова помага при стрес, анксиозност, па дури и физички симптоми на напнатост во телото. Свесното дишење е алатка која можеме да ја користиме во секојдневниот живот за одржување на внатрешна рамнотежа и управување со стресот. Преку дишењето имаме можност не само да го следиме, туку и активно да влијаеме на нашето тело и ум, враќајќи ги во хармонија.

Преку свесното дишење, можеме да влеземе во подлабока комуникација со себе, а смирувајќи го нервниот систем и да му дозволиме на телото да ја ослободи напнатоста. На работилници за свесно дишење можете да ја отклучите вашата внатрешна моќ. Дишењето, кога му се пристапува внимателно, може да биде алатка за лекување, трансформација и личен раст.

Преку работилниците за свесно дишење, создаваме простор каде што учиме како да го користиме здивот за подобро здравје, смирување на умот и поврзување со сопствената енергија.

Секоја работилница е можност да ги истражите длабочините на вашето битие преку водени техники, да влезете во хармонија со себе и да се ослободите од стресот.

Ве поканувам заедно да ги откриеме тајните на свесното дишење и да ја ослободиме моќта што лежи во секој здив. Дозволете си го овој подарок – момент за вас, момент во кој дишењето станува ваша најмоќна потпора на патот кон внатрешниот мир.

Во следната статија ќе навлеземе подлабоко во темата за свесното дишење и ќе ги откриеме неговите многубројни придобивки за умот, телото и духот. Ќе дознаете како оваа едноставна практика може значително да го подобри вашето секојдневие и да ви донесе внатрешен мир и рамнотежа. Следете нè и научете како да го зајакнете вашето здравје и квалитетот на животот преку здив.

До следното читање ви посакувам мир, многу љубов и сетете се да дишите.

Продолжува…

Фросина Здравковиќ
III МУБ бр. 35 (по скали до градска пекара)