Иако прераснува во најголем проблем на човештвото, екологијата сѐ уште не го добива потребното внимание. Некако, многумина сме свесни каква опасност носат климатските промени, а сепак кога ќе дојде момент за конкретна акција или промена, тешко прифаќаме барем мало откажување од стекнатите удобности. Уште многу потешко богаташите прифаќаат намалено зголемување на бројот на нивните милиони милијарди. Иронијата е во тоа што планетата Земја нема да пропадне, веројатно ни човечкиот род во целина, меѓутоа ако не се промени нешто драстично, и тоа многу наскоро (а веќе требаше), животот каков што го знаеме ќе стане минато. Еден од најдобрите примери до што доведува неодговорното однесување е Велигденскиот остров, чија приказна е застрашувачка и предупредувачка.
Велигденскиот остров беше голема мистерија со децении. Верувам повеќето луѓе во Македонија знаат за монументалните статуи, за камените фигури свртени кон морето, а за кои во еден период се веруваше дека се спуштени од небо, бидејќи на научниците им беше нејасно како било можно на така пуст остров некој да изгради, пренесе и постави статуи по сто, па и 200 тони.
За жал, одговорот на загатката е страшен. Подеталните истражувања покажаа дека островот некогаш бил полн со зеленило, имало винова лоза, банани, слатки компири, кокошки и други птици. Може да се рече дека за тоа време (13.-16. век), луѓето живееле релативно убаво. Но, се поделиле на племиња, избрале кралеви и свештеници и секое племе почнало да им оддава почест на своите предци, така што подигнувало камени статуи.
Тој култ на предците, веројатно понекогаш и измислени, прераснувал во натпревар, па малку по малку на островот се направени повеќе од 1.000 камени фигури, односно една на десет островјани. Секоја генерација статуи била поголема од претходната, барала повеќе работна сила, повеќе камен и повеќе дрво. Дрвата се сечени побрзо отколку што можеле да растат. Најстрашното е што на така мал остров сосема јасно можело да се види каде води таа некотролирана сеча на шумите. Целата сенка исчезнала, земјата се исушила, па дури снемало доволно дрва да се направат чамци за бегство од островот што умирал.
Почнале да избиваат војни меѓу племињата околу старите штици, ги изеле сите животни, нивите им пропаднале. Им останале само камените статуи, што им го проголатале животот. Кога пристигнале првите Европејци на почетокот на 18 век веќе немало никакви живеалишта, дури ни кровни греди, а луѓето живееле во пештери. Меѓу тие први посети на Холанѓаните, како и доаѓањето на англискиот адмирал Џемс Кук, 50-тина години подоцна, единствена новост била таа што островјаните завојувале и со предците – ги уривале камените статуи, а под камењата лежеле купчиња човечки коски. Екипажот на секој следен брод затекнувал сѐ помалку исправени статуи. Народот го довршувал своето востание против мртвите предци. Но, предоцна, бидејќи предоцна и го почнал.
Околу три века потоа, па и помалку, пред слична состојба е целата Земја. До пред десетина години и јас се убедував себеси (читај: се залажував) дека „можеби не е толку страшно како што предупредуваат научниците, дека можеби е тоа малку претерано“, и барав податоци за ваквото мое оптимистичко верување. Меѓутоа, веќе нема сомнение дека климатски промени се случуваат, и оти се многу опасни.
Зошто сѐ уште недоволен број луѓе не го прифаќаат тоа како последен аларм за дејствување? Најмногу поради пари, и тука не се во прашање само милионерите и милијардерите. Има и уште еден силен момент – идеологијата. Во катастрофалните поплави што пред неколку недели ја погодија Централна Европа (Словачка, Австрија…) тотално беше уништена работилницата на кожени производи на еден Словак. Комлетно сѐ: машините, материјалите за работа, готовите производи, објектот. И, дури и кога изгубил толку многу, речиси сѐ материјално, тој човек вели: „Не беше поплавата поради менувањето на климата. Земјата природно се загрева во одредени периоди, па потоа ќе почне да се лади. Ова со климатските промени е измислено“. Значи, мајстор за кожени производи од Словачка станал „експерт“ за климатологија, и е убеден во своето верување, дури и откако на сопствената кожа почувствувал дека тоа верување е опасно.
Ќе ви раскажам накратко уште еден илустративен пример. Земјоделец од Шпанија ги нарекува луѓето кои се залагаат за таканаречената Зелена транзиција – „еколошки фундаменталисти“. Во истиот телевизиски прилог, истиот земјоделец вели дека „никогаш досега немало таква суша во Шпанија, како во последните неколку години“. Па, кој е виновен за најголемата суша во историјата на Шпанија, „еколошките фундаменталисти“ или нееколошките фундаменталисти?
Се разбира, има една работа поради која земјоделецот е со право незадоволен и огорчен, а тоа е дека не смее целиот товар од Зелената транзиција да падне на неговиот грб. Тој работи онака како што знае, односно најчесто како што работеле татко му и дедо му, плус неке парче нова механизација. За промена на практиките во една толку комплексна област каква што е земјоделието, решенија мора да понудат оние кои знаат повеќе и имаат многу поголеми ресурси. Затоа постојат факултети, институти, научници, инженери и конечно – државните институции. Не може тие само да мудруваат и да носат закони, а оној што е најдолу во пирамидата да плаќа целосно за промените. Од тој аспект разбирлив е револтот на производителите, но и тие мора да сфатат дека гневот го насочуваат кон погрешната страна.
Притоа ни екологистите не се сосема без вина. Во некои европски држави, како Германија, дури станаа политичка сила и влегоа во Владата. Но, само по неколку години, ни за цел еден владин мандат, популарноста им е преполовена. Зошто? Бидејќи вистинската екологија не се заснова само на убави желби и на добри намери. Мора и тие да понудат решенија. Конкретни решенија. Не е доволно да е постави цел – нула емисија на стакленички гасови до 2050 година во Европа. Како ќе го постигнеме тоа? Со откажување од струјата, горивото за возилата, сегашната и онака не претерано голема заработувачка на земјоделците…? Ако е така, нормално е да не се согласат повеќето, та во својот очај да се приклонуваат кон популистите кои им велат „ма, сето тоа што ви го зборуваат за климатските промени е лага“. Зелената транцизија мора да се спроведе така што нема да биде загрозен сегашниот начин на живот. Одредени промени – да, но секако не „враќање во пештери“, што порача еден арапски шеик дека ќе му се случи на цивилизираниот свет доколку се откаже од нивната нафта.
Науката веќе има добар дел од решенијата, меѓутоа неопходно е да се изнајде доволно политичка волја да почне нивното применување во секојдневниот живот. А во последниве 30 и нешто години, главен проблем не само кај нас, туку и пошироко, е политичката волја. Нема светот политичари со визија, а уште помалку ги има со храброст, да се спротивстават на оние кои енормно се богатат од сегашниот економски светски поредок, и да им дадат приоритет на обичните 99 проценти од населението и на средината во која живеат тие луѓе. А доколку тоа не се направи што поскоро, се плашам дека се заканува судбината на Велигденскиот остров на многу поголем дел од планетата.
Миодраг Мишолиќ