Ќе смее ли Америка на Трамп да си дозволи остварување на неговите ветувања?
Во политиката, многу слично како во животот, една од најважните работи е предвидливоста. Некои луѓе сакаат неизвезност, им се чини возбудлива и забавна, но таа може да е таква само ако не заврши со „крвав нос“. А, никогаш нема гаранција како ќе заврши. Затоа е неизвесност.
Проблемот со Доналд Трамп како претседател е токму тоа: сомневање во предвидливоста. Што еден толку голем нарцис и аналфабет ќе направи со институциите градени со децении и гаранти за каква-таква стабилност, барем во САД и со Европа?
Јас не верувам дека тој ќе го распушти НАТО, ниту дека ќе ги намали воените издвојувања од националниот буџет, бидејќи американската воена сила и нивното присуство секаде во светот, многу придонесуваат за позицијата на водечка економска сила. Најмногу од сѐ, благодарение на тоа што се моќни (вклучувајќи воено), нивниот долар е главната светска валута. Ако западнат во изолационизам и се откажат од улогата на водечка сила, доларот ќе почне да ја губи важноста.
А, само тие имаат право да го печатат. Генерално, печатење на својата валута над стапката на инфлација е опасно за економијата, затоа што ја зголемува веќе постоечката инфлација, а кога е во поголем обем доведува и до тонење на домашната валута. Постарите, па и луѓето од средната генерација кај нас, се сеќаваат како изгледа кога цврстите валути растат секој ден, исто како и цените на производите во продавниците. Во Југославија од пред 35-40 години тоа беше последица на неконтролираното печатење динари. Американците можат да печатат долари, бидејќи тие се барани низ целиот свет, одат насекаде, па во САД може да се живее и од печатење пари, што во секоја друга економија би нанело огромна штета. Затоа велам, ако дозволат да се загрози таа позиција на доларот, веќе нема така лесно да се толку богати. Некои тоа го нарекуваат „финансирање на дефицитот“, но во суштина е истото, зашто значи – печатење пари.
Ова е само еден аспект од опасностите на “America first” за самата Америка. А за светот… И тоа е еднакво деликатно прашање, можеби и уште повеќе. Интересно е што САД успеаја да му наметнат на останатиот дел од планетата многу свои работи: јазикот, холивудските блок-бастери, хамбургерите на Мекдоналдс, Кока-колата, рокенролот, кошарката, сликата за тоа што е убав живот произлезен од „американскиот сон“… Многу работи не успеаја да му ги продадат на останатиот дел од човештвото, барем не во толкава мерка: кантри музиката, бејзболот, американскиот фудбал, бизарната религиознот од нивната провинција…
Но, она во што најмногу потфлија во убедувањето на светска јавност е дека не се единствените виновници за сите проблеми во светот. Некаде ќе избие војна – „Америка ја направи“, ќе биде извршен државен удар – „Америка стои зад него“, диктатор ќе укине основни демократски слободи на своите граѓани – „Се брани од Америка, која сака да го освои“, ќе дојде до демонстрации и барање поголеми слободи и права – „Америка ги организира, се меша секаде“…
Не дека во овие критики нема вистина, но далеку од тоа дека сѐ е баш така. Како и секој друг, и САД ги гледаат најпрво своите интереси, со еден значаен момент, барем кога се однесува за Европа – интерес на вашингтонската политика секогаш досега беше континентот да биде стабилен. Македонија е еден од примерите.
Не сум ги видел тие анализи лично, но за нив ми зборуваше човек (Македонец, не Американец), во чиј кажување најчесто имам доверба, а имал увид во документите. Тој ми рече, кога почнало да се наѕира дека во Југославија може да се случи нешто многу лошо, во 1989 година, тогашниот американски претседател, Џорџ Буш постариот, побарал од нивните агенции да му изготват анализа за тоа која точка од СФРЈ е најопасна. Резултатот од анализата гласел – Македонија. Поточно: ако дојде до нешто екстремно опасно на нашиве 25.000 квадратни километри, нема шанси тоа да остане без вмешување на соседните држави. Дека во ова многу веројатно има вистина, укажува реториката на Грција и на Бугарија во политичките спорови што ги имаме со тие земји: „Македонија е грчка“, „Македонија е бугарска“. А и другите два соседи, ако им затреба, може да измислат слични „аргументи“.
Затоа, Америка води конзистентна политика во овој регион, чиј еден од аспектите е – Македонија мора да остане стабилна и во постојните граници. Тој американски интерес секако не би требало да ни пречи, бидејќи не се коси со нашите интереси.
Кога зборуваме за улогата на САД во стабилноста на Европа, ќе наведам и цитат што своевремено го слушнав од еден стар црногорски новинар: „Европа ќе гореше уште барем двапати по Втората светска војна, да нема присуство на американската чизма во Германија“. Значи, нагласено „во Германија“. Не во Англија, Франција, Италија…, туку баш во Германија. Може да ни звучи претерано (мене ми е претерано дека Европа би горела двапати по ВСВ), но историјата и искуството нѐ учат дека треба да се биде претпазлив.
Европа, по Втората светска војна си живее живот и се однесува како богаташка ќеркичка (или синче), која има задача да носи добри оценки од школо, а за возврат сѐ ѝ е обезбедено. Нека го набуба тоа што ѝ го задале наставниците и може да ужива. „Таткото“ (САД) се грижи за крупните работи, а особено за безбедноста. Таа улога му одговараше и на „таткото“, бидејќи тој трошеше многу пари за одбрана на „ќерќичката“, но заработуваше уште повеќе од својата позиција на најмоќна сила (приказната на почетокот на текстов за печатењето долари). Ако дојде до посериозна промена на ваквата политика, многу работи што ги знаеме досега ќе бидат ставени на коцка.
Прво, Европа не покажува зрелост да се грижи самата за себе како што би требало. Веќе осум години, од првата победа на Трамп, се зборува дека континентов мора да преземе поголема улога за својата безбедност, прават некакви напори, се договараат нешто, ама изгледа како да нема големо поместување од почетната точка.
И второ, Европа е екстремно компликувана: многу народи, многу јазици, многу религии, многу историја, многу стари непријателства и пријателства…, многу, поточно, премногу од сѐ. Ако се напушти сегашната политика на умереност, и ако власта ја преземат екстремни политички сили, може да стане опасно. А крајната десница веќе освојува поединечно најмногу гласови во неколку земји (Австрија, Шведска, Финска, Италија…, а да не зборувам за некои бивши социјалистички). Така било во Германија во 30-тите години од минатиот век. Хитлер никогаш не освоил апсолутно мнозинство на избори, односно не добил таков мандат од германските граѓани. На власт дошол со она го нарекуваме „коалициски договор“, при што другата страна верувала дека таа ќе го изигра него. Се покажало обратното, и со политички маневри, а не со добиени гласови станал диктатор на Германија. Остатокот од приказната го знаеме.
Денес може да ни се чини тоа многу далечно и невозможно, но јас би бил крајно претпазлив. Најопасното ти се случува баш кога мислиш дека опасноста е невозможна. Да се сетиме на поранешна Југославија: кој веруваше, дури и во почетокот на 1991-ва дека само неколку месеци подоцна ќе почне војна на „братските народи и народности“, па и уште толку долга и крвава? Екстремните сили не мора да освојат 80 отсто гласови на изборите. Понекогаш се доволни и 20 проценти или само малку повеќе. Апстиненција на дел од електоратот, коалицирање со некого, кој „за момент ќе се откаже од своите принципи“, и ете ти мнозинство во националниот Парламент. А потоа, сѐ е можно. Историјата ни покажала.
Затоа е многу важно да не се нарушува целосно сегашниот систем. Тој е со многу маани и слабости, но без него иднината е крајно неизвесна. Ако Америка реши да се препушти на изолационизмот, ќе загуби многу, особено на економски план. Ако Европа биде оставена сама, не верувам дека ќе знае да се снајде, и ќе се отворат патишта за далеку повеќе диктатури отколку што ги имаме денес.
Од нашава позиција на мала држава ни преостанува надежта дека свеста за тие две работи ќе направи такво нешто да не се случи, односно да не биде дозволено.
Миодраг Мишолиќ