Го прашавме Муарем Шакировски Ганди, дипломиран криминалист на Факултетот за безбедност – Скопје и магистрант по криминалистика на истиот факултет, што ќе прави денеска, среда, 20 ноември. Во најмала рака, импресивно за еден млад човек!
„Мојата работа се движи во рамките на два паралелни ангажмани: како консултант и правен монитор во Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“, Скопје, и како активист во НВО „Дром“, Куманово. Овие две области на активност не само што го оформуваат мојот професионален пат, туку и ја одредуваат суштината на моите обврски, што бара внимателна координација, стручност и посветеност.
Денот започнува со стратегиски пристап. Како и секој работен ден, денес ќе го започнам со кратко рассонување и брз, но енергичен појадок што ќе ми помогне да се подготвам за важните состаноци што ме очекуваат. Првиот од нив е координативниот состанок со моите колеги од Институтот „Ромалитико“, кои се соработници во Куманово. На оваа средба што ја водам, ќе го разгледаме напредокот на тековните активности и ќе ги утврдиме задачите и насоките за идните активности според месечениот план. Мојата улога во оваа средба е да обезбедам правна и аналитичка поддршка за иновациите што ги спроведуваме во рамките на институтот, како и да координирам размена на идеи и оптимизација на стратегиите. Тоа е директна имплементација на општествени решенија.
По овој состанок, мојот ден продолжува со конкретни активности на терен. Следниот состанок е во Општина Куманово, каде ќе се сретнам со тимот од „ИЦС системи“ за да го координираме процесот на монтажа на 138 улични светла во Куманово, проект што е финансиран преку „Ромалитико“. Ова е само еден пример на нашите напори за подобрување на јавната инфраструктура и безбедноста во локалната заедница. Заедно со техничкиот тим, ќе извршиме увид на терен, проверувајќи ги условите за поставување на светлата и ефикасноста на целокупниот систем.
Кога ќе заврши теренската активност, се враќам во канцеларијата, каде што започнувам со работата на проектот „Младите против корупцијата“, што ќе го водам како координатор во криминалистичкиот дел и делот на истражување и анализа. Овој проект има за цел да развие нови методи за превенција на корупцијата во младинската популација, осигурувајќи ги младите со алатки и знаење за препознавање и спречување на коруптивни практики. Преку оваа иницијатива се стремиме да го изградиме темелот за понатамошно вклучување на младите во активистичките и социјалните процеси на нашето општество.
Следниот важен момент од денот ме носи во Министерството за внатрешни работи, Секторот за превенција, каде што ќе се сретнеме со надлежните претставници за да побараме поддршка во нашата иницијатива за отворање на Центар за деца во ризик и деца во судир со законот во Куманово. Целта на овој центар е да обезбеди безбедно и поддржано опкружување за децата кои се соочуваат со сериозни социјални и семејни предизвици, со што ќе им се помогне да изградат стабилна иднина.
Нема да се запрам тука, бидејќи следната станица во денешниот распоред е во Министерството за социјална политика, демографија и млади во Скопје, каде што ќе присуствувам на состанок посветен на отворање на Центарот за деца во Куманово. Овој проект ќе биде првиот од ваков вид во Куманово и претставува значаен чекор кон поддршка на децата кои се најранливи во нашето општество.
Денот завршува со баланс помеѓу професионалниот живот и личните вредности. По напорниот ден, кој вклучува серија важни активности и состаноци, физичката активност во теретаната ми овозможува да го ослободам стресот и да се подготвам за нови предизвици. За мене, тоа е клучен дел од одржувањето на менталната и физичката кондиција.
Како заокружување на денот, секогаш се трудам да го поминам времето со една жена со очи како пустинска срна – мојата сакана. Без оглед на забрзаниот ритам на мојот живот, во фокусот ми е секогаш важноста на личните врски и взаемната поддршка“.
Р.П.