Филип Стојковски, „The Solution“
За песната „Ти и јас“, со која настапи на „Макфест“ и ги собра најголемите овации од публиката, кумановскиот бенд „The solution“ веднаш направи и видео спот.
Го снимаа два дена и, според кажувањето на фронтменот, Филип Стојковски, тоа бил напорен викенд во кој се снимало и во кој не ги откажале претходно договорените свирки, со што во целост го оправдуваат своето име – решение (solution) за забава.
„Спотот го режираше мојот драг пријател од детство, Емил Пачковски, кој специјално за снимањето дојде од Белград. За камерата беше задолжен уште еден професионалец, Александар Ѓелевски, кој даде 110% од себе за да се сними спотот во два дена. Организацијата ја предводев јас, се разбира, со членовите на бендот. Тука морам да ги споменам и Ивица од „Гаце шлеп служба“ и Ацо „Муцка“, за нивниот придонес во реализацијата и, секако, на крај да се заблагодарам на екипата од „Lightside“ – Куманово, кои го донесоа осветлувањето на бината. Инаку, спотот го финансиравме сами, со буџет на бендот“ – вели Филип, додавајќи дека нивното видео остварување засега ќе се врти на „YouTube“, а за останатите платформи ќе се направи план за во иднина.
Спотот за музичката нумера „Ти и јас“ се очекува да излезе официјално на 8 декември, недела. Промоцијата ќе биде на социјалните медиуми, на неколку национали телевизии и можеби на некој поткаст, но да оставиме сепак нешто и како изненадување.