Живееме во дигитален свет кадешто технологијата многу брзо расте и се менува додека човекот постојано се адаптира на новините и истите ги применува за своја корист во своето секојдневно функционирање. Од фиксни телефони преку Nokia 3310 до смарт телефони кои се наша потреба и неопходност. Смарт уредите ни го олеснуваат секојдневието, постојано сме во контакт со најблиските, достапноста на информации е со еден клик, порано прашај Google и истражувај,сега само постави прашање на ChatGpt. И секако вештачката интелигенција ќе напредува согласно она што го кажуваат експертите од оваа област,но дали ќе може да воспитува дете? Можеби, и веќе како и да воспитува на некој начин, бидејќи смарт уредите (телефон/таблет) честопати, односно многу често се користат при растењето на децата од најмала возраст. Многу често од страна на клиентите,но и од страна на мојата поширока околина слушам: -Моето дете не гледа многу телефон, но полесно јаде кога ќе му пуштам цртан филм или кога скрола на телефон. Кога плаче се смирува само ако му дадам телефон. После работа толку многу сме уморни сите и детето е на телефон за да одмориме… Ова се дел од ситуации кои нé опкружуваат, а секако не изостанува и моментот дека телефонот е забава за детето, па кога му е здодевно се дава телефон за да се забавува детето и да не биде раздразливо. Или кога има семејството гости или оди на гости, за ние повозрасните да разговараме, децата се во друга соба или сите се на кауч со телефон во рака, така се најмирни. Ова се животни ситуации со кои родителите се соочуваат и наоѓаат начин низ технологијата да си помогнат и на себе и на децата. И секако е од помош за родителите,но како влијае тоа врз развојот на децата?
Првите пет години од животот на децата е период на извонреден раст и развој кај децата. Во овој период се развиваат и стекнуваат многу вештини. Овој период од животот е многу важен за емоционалниот развој кај децата. Телефоните нудат забава, но, за жал, не нудат емоционален развој. Телефоните нудат дистракција од раздразливост, но, за жал, не развиваат вештини за регулирање на емоции, не стимулираат говор и социјална интеракција. Во овој период на развој важна е интеракцијата на децата со другите возрасни во домот, особено со родителите. Можеби бара повеќе време и трпение детето низ разговор и низ приказни да се забавува додека јаде, или низ приказни да се објаснува важноста од храната и јадењето. Бара многу повеќе трпение детето да се смири кога е раздразнето и плачливо, но е од особена важност за препознавање на сопствените емоции и учење на нивно регулирање. На овој начин детето не само што учи регулација на емоции, туку учи и комуникациски вештини, начин на интеракција со друго лице како и развој на говор кој неретко е одложен доколку детето минува време пред екран во првите две години од својот развој. Изложеноста на екран пред втората година од животот влијае и врз други аспекти од детскиот развој. Така учењето детето да листа – скрола на телефон со едно прсте во првите 18 месеци може да влијае кај детето на развој на моторика при фаќање на предмети и играчки.
Минувањето на повеќе од 1-2 часа дневно на телефон/таблет/телевизор на предшколска возраст влијае и врз когнитивните способности на детето, врз концентрацијата и вниманието, потешкотиите при совладување на читање и академско постигнување подоцна на училиште.
Од 2-5 годишна возраст употребата на екран/телефон е важно да биде кратко, со надзор од родител и во едукативни цели. Во овој период за децата е неопходна игра на отворено, поголем контакт со врсници каде низ игра учат за решавање на проблеми, себепретставување, компетитивност, борбеност, регулација на емоции. Во овој период од својот живот е важна поголема физичка активност кај децата: скокање, трчање, пешачење, качување.
Долготрајното минување пред екран во рана возраст, отвора и друга проблематика која е препознатлива меѓу нас како екранизам или псевдоаутизам, карактеристичена со отсутност или слабо развиен говор, недостаток на контакт со очи, намален или изоставен интерес кон други активности, потешкотии при задржување на внимание на одредена задача согласно возраста на детето.
Прекумерното минување на време пред екран може да предизвика и промени во однесувањето и расположението кај децата поради прекумерна стимулација на нервниот систем. Користењето на смарт уред неконтролирано пред 11-та година може лесно да доведе и до зависност од екран, но и до други потешкотии од емоционална природа како анксиозност, потешкотии при спиење, депресивност, чувство на изолираност.
Секако дека телефоните и смарт уредите имаат своја корист и не се само “штетни” за развојот на децата. Можат да бидат и корисни и едукативни.
- Овозможуваат полесна комуникација на видео повик со родител кој е на пат, или со блиски роднини кои се подалеку.
- Децата учат за социјални интеракции и емоции и од цртаните филмови и уште подобар едукативен ефект има кога за содржината од цртаните филмови се разговара со децата.
- Цртаните филмови исто така овозможуваат запознавање со друг јазик, најчесто англиски јазик од рана возраст. Но секако изложеноста на екраните и смарт уредите кај децата треба да е многу ограничена на оваа возраст.
Од друга страна, не ретко, од страна на родителите се размислува дека изложеноста на технологиите од најмала возраст им помага на децата да бидат “вклучени” во дигиталниот свет и да стекнат повеќе дигитални вештини,дека со користење на телефони и смарт уреди од најмала возраст ќе бидат во тек со времето и дигиталните промени, ќе бидат спремни од мали нозе за “дигиталниот” свет во којшто живееме.
И кога го слушам тоа секогаш поставувам прашање: -Развојот на социјални вештини, емпатија, емоции, емоционална писменост? Зарем не се потребни за живот? Потребни се и многу се важни! Како што детето ќе научи на чита и пишува на школска возраст, лесно ќе научи вешто да ракува со смарт уредите. Како што научи и генерацијата која првпат се сретна со смарт уред на 30-40 години, а некои и подоцна.
Родители, овозможете им на децата повеќе ваше присуство, повеќе комуникација и интеракција со вас и со врсници, читајте приказни од најмала возраст, играјте со нив со играчки, играјте друштвени игри, дозволете им и овозможете им повеќе да трчаат, скокаат, запознајте ги со емоциите и покажете им како да се справат со нив. Сé друго ќе научат подоцна. Децата нема да останат дигитално неписмени ако бидат подалеку од екран во првите години од својот живот. И децата на Бил Гејтс не добиле телефон/таблет пред својата 12-та година.
Сé во свое време!
М-р Сања Јовановска,
Лиценциран психолог
Семеен и системски психотерапевт под супервизија
ОЛИ Советник