Почетна ИНТЕРВЈУ ЈОВАНА КИПРИЈАНОВСКА: Ракометната топка ме одведе во прва француска лига!

ЈОВАНА КИПРИЈАНОВСКА: Ракометната топка ме одведе во прва француска лига!

Добра девојка, добра среќа и добра случајност, во животот чуда прават, иако случајност нема и сѐ како да тече по некој свој предодреден план, а успехот пак најмалку е случаен – тој е плод на многу труд и посветеност.

Младата ракометарка Јована Кипријановска е потврда за сето ова, една од нашите најуспешни спортистки и репрезентативки, која моментно е дел од екипа којашто е во прва ракометна француска лига.

Тоа е навистина фантастичен, грандиозен успех, и, иако нема лесен пат до него, повеќе од сигурно е дека истиот е поплочен со убави и незаборавни моменти.

Luxury Catering Service

–  За ракометот можам да кажам дека е најубав спорт кој бара многу откажувања, но и носи многу задоволство. Ние ракометарките си наоѓаме некое свое темпо, можеби сме изложени и на отсуства од домот и на подалечни патувања, ама има убавини и во тоа, така што – сѐ што се сака не е тешко, ќе рече за бројните тренинзи и многуте напорни вежбања.

Нејзината успешна приказна која станува сѐ поуспешна на европско ниво, почнува од нејзина десет, единаесетгодишна возраст кога решила да го напушти хипхопот и за свое хоби да го одбере ракометот.

– Јас како мала бев многу енергично дете и почнав да одам балет, односно на хип-хоп танцови. Едно четири години со тоа ми беше исполнето слободното време. Во меѓувреме се отвори женски ракометен клуб во Куманово и татко ми, Никица Кипријановски, кој има играно ракомет во своите млади години, ме праша дали сакам да видам како изгледа и што е тоа ракомет? До пред тоа немав ни гледано толку спорт на телевизија, немав многу допирни точки, не бев запознаена со ништо. Тогаш почнав да одам на тренинзи – таму се учат основните работи, како да ја делиш топката, како да ја фаќаш и така откривајќи ги тајните, ракометот од ден на ден за мене стануваше сѐ попривлечен, ни раскажува.

Најпрво на сето тоа гледала како на некоја убава активност. Пробала една година паралелно да оди и на хип-хоп, а по многу кратко време се решила само за едно, затоа што не можела да постигне, а од друга страна, вели, ракометот од старт ѝ значел многу поголемо задоволство – таму се чувствувала поисполнето и позабавно.

– Почнав да се вклопувам, да добивам некое чувство за спортот, поредовно одев на тренинзи и постепено навлегував. Во Куманово имаше многу убав систем и школо за да научиш ракомет, па можеби и затоа и имав толку желба, се потсетува нашата ракометна гордост.

На тој преод од детски кон тинејџерски години, кога ја донела и најважната одлука, посебно самодоверба ѝ носело и што нејзино приватно друштвото било истото од ракометот.

– Навистина, ние имавме убав систем и убаво школо за да се научи што е тоа спорт и како треба да напредуваме, а кога имаш некој предизвик сакаш уште повеќе да тренираш и да напредуваш. Почнавме да влегуваме во подинамичен ритам, да победуваме, и така почнуваш да го сфаќаш тој натпреварувачки дух и дружење. Кога веќе ги поминавме кадетските категории и натпревари, на ред доаѓа и кадетска репрезентација, и тука веќе тотално различно го гледаш спортот – тоа веќе не е само игра, дружење и натпревар, тука веќе почнуваш да размислуваш малку поинаку, ни открива.

Нејзината најголема поддршка биле, кој друг ако не родителите. За таткото логично, но секоја чест и за мајката.

– Да, моите родители од старт ми се поддршка и секогаш гледале да ме натераат да размислам дека можам ова да го правам професионално. Мајка ми, како мајка, беше тука и да ме посети дека морам да се посветам и на училиштето, дека тоа е многу поважно за животот понатаму, но во секој случај и двајцата му даваа голем акцент на ракометот. Никогаш не го запоставија дека е тоа само спорт, дека можеби нема да успеам и дека морам да размислувам и на план „б“. Тие увидоа дека го сакам, дека се давам максимално и дека оди само во нагорна линија, и уште во годините кога почнав со клубот и со репрезентација посериозно, ми станаа максимална поддршка, од тогаш до ден денес!

Годините кога вежбала во Женски ракометен клуб „Куманово“ ѝ донеле и спортска популарност, затоа што тој спорт во тоа време бил популарен и во Куманово и во цела Македонија.

– Машкиот ракомет е популарен и ден денес, но за женски тогаш навистина имаше и конкуренција и нови таленти, а сега тоа е сведено на многу голем минимум што ми е жал, искрено. Ние кога почнавме со ракомет буквално немаше доволно топки за сите нас што одевме на тренинг. Тогаш и во градот имаше еден обид за Академија од страна на Металург – Вардар, но заинтересирани беа само мал број на девојчиња, и не успеа!

Во тој период Јована почнува да постигнува успеси, кои ја испишуваат нејзината спортска лична карта.

– Во Куманово имам освоено титула во Младински категории, а со сениорскиот клуб два пати имам освоено Куп на Македонија и еднаш Македонска лига. Пак ќе речам, во Куманово имаше убав систем со тоа што нас младите, кога ќе нѐ видеа дека сме талентирани, со тек на време нѐ вклучуваа во сениорскиот тим, но никогаш не нѐ исклучија и од младинското натпреварување, така што, секогаш тоа беше приоритет. Половина од сениорките се откажаа, некои завршија со кариерата и постепено ние младите станувавме дел од таа сениорска екипа. А, со сениорскиот тим беше мотивација плус за нас, да се градиме во подобри играчи. Потоа клубот, во моите последните 3-4 сезони, почна да инвестира повеќе и да се ангажира да донесе и други доста добри македонски ракометарки. Донесоа и некои интернационални ракометарки од Црна Гора, Србија, Грузија и од Бразил, така што постепено клубот сакаше да го дигне нивото и затоа дојдовме и до освојување на Купот, а како што споменав, имаше и сезона каде што освоивме двојна титула – и Купот и Лигата и имавме супер резултати во тие неколку години…

Според Јована, периодот на ковидот донел застој, ги вратило сите клубови назад и ги ставило во некоја мала дупка, и финансиски и мотивациски.

Последните две сезони од нејзината кариера во Куманово поминала во обиди да најде некој клуб во кој ќе може да се развива. Кога не нашла, во 2022 заминува во Франција – и отвора едно ново поглавје и една нова приказна. Успешна, и тоа многу.

– Една од причините за моето заминување беше тоа што не се инвестираше доволно да се подигне нивото во Македонија. Увидов дека сакам да постигнам некои мои замислени цели. Во тоа ме храбреа и некои колешки дека можам и повеќе. Потоа ми стана цел – да пробам да постигнам да играм во Лига на шампиони и да се стремам кон тоа, така што, за да успеам во замислата прво нешто што ми беше на ум е – да излезам од Македонија…

А шансата за клубот во Франција излегла случајно, но во многу добар момент. За заминувањето помош добила од страна на нејзините бивши тренери, чии врски и релации со други тренери придонеле да ѝ се овозможи да замине, како млад талент којшто сака да игра надвор од Македонија.

– Бев пресреќна што тоа се случи. Малку ми падна тешко што заминував од дома, но ми донесе навистина нешто ново за кое се определив во животот – дека сакам ова да ми биде секојдневна работа! Клубот се вика Sambre Avesnois, се наоѓа на север на Франција, во едно многу мало место Aulnoye Aymeries. Буквално е речиси на граница со Белгија. Тоа се всушност две мали села едно од друго, и ние играме во едното село, а тренираме во другото, така што сѐ е тука блиску во околината. Многу мало место е, но искрено, за толку мало место имаме секогаш полна сала.

Јована раскажува дека имаат и ултра-верни навивачи, коишто ги следат на нивни патувања.

– Да, да, еве баш нашите навивачи неодамна патуваа од север до југ за да нѐ поддржат и тоа е нешто што не може да го има секој клуб, фанови да се нафатат да трошат време и да поминат толку километри, само за да те поддржат на еден натпревар…

Младата ракометарка убаво се чувствува во Франција, го научила и францускиот јазик, ама, има и други планови.

– Кога дојдов прво потпишав договор за две сезони, а овој јануари требаше да одлучам дали ќе останам уште една или не. Мојата одлука е дека не останувам, од наредна сезона ќе имам нов предизвик во друга држава, сѐ уште не откривам каде.

Веројатно станува збор за поголем клуб и подобри услови, а она што ќе остане како сеќавање од Sambre Avesnois е големиот успех – влез во Лигата на шампиони.

– Тоа е најголемиот успех што го имам постигнато, затоа што јас првите години во Sambre Avesnois играв во втора лига, а сега играм во прва лига, откако минатата сезона ја освоивме втората и влеговме во првата, што за мал клуб што се труди доста долго време да влезе таму, е голем успех. Да појаснам – имаме освоено Втора лига во Франција и имаме влезено во Прва лига, така што, во моментов сме на деветта позиција на табелата и досега од 13 натпревари имаме четири победи. Јас сега играм против клубови кои секој викенд сум ги гледала на телевизија како играат во Лига на Шампиони, замислете…

На прашањето „Дали е задоволна од сѐ ова што досега ѝ се случува на полето на спорот?“, е децидна:

– Да ме прашавте ова минатата година можеби ќе ви кажев „Не!“, но сега, со многу поразличен поглед на животот и на спортот ќе кажам „Да, премногу сум задоволна!“. Затоа што сфатив дека навистина е голем потег да излезеш и сама да се соочуваш со сите потешкотии што ти произлегуваат од професијата. Можеби некому не му изгледаат големи, но за мене се големи, и успеав да се изборам со сѐ. Секој предизвик има свој одговор и има зошто се случува тоа сега во твојот живот!

Во меѓувреме, студиите на физиотерапија на Медицинскиот факултет во Скопје, по две успешно завршени години, се во мирување. Да се биде спортистка, особено од ваков калибар, јасно е дека треба да се направат многу отстапки и доста жртви за професијата која ја одбрала. Три дена си таму, три дена во патување па потоа во мирување, па потоа на тренинзи и тоа е една агенда според која друг те води. И, како на млада личност поинаку ти се организирани сите други задоволства, што младоста ги нуди и се на дофат.

– Како што рековте во нашиот разговор, тоа е агенда што друг ти ја дава и мораш да се водиш по неа. Но од друга страна па ти носи многу патувања што ако ги доживееш на убав начин не се толку тешки. Јас сум среќна што во овој клуб наидов на одлични соиграчи, посебно една Србинка, „наш човек“, со која поминуваме доста од нашето слободно време и го користиме максимално: да одмориме, да си помогнеме на некој начин, или да уживаме во некоја мала прошетка во близина. А тоа што сум и во Македонска репрезентација ми помага почесто да си ги видам и моите најблиски. Куманово ми недостасува, во лето кога сум слободна месец, месец и половина, поминувам во мојот роден град!

Јована е млада, само 23 години. Пред неа е животот. Сега кога ѝ се отворија овие полиња претпоставуваме и нејзините амбиции пораснале, во однос на оние кога била дете и кога не ни сонувала дека ќе игра на вакво ниво.

– Јас, уште кога почнав да се занимавам попрофесионално со ракомет сфатив дека сакам да одам на поголеми нешта. И сега видов дека тоа го можам. Спортот навистина е една авантура во која никогаш не можеш со сигурност да кажеш „Да, јас ќе бидам утре таму“. Секој ден ти носи нешто ново и нешто различно, а мојата единствена цел е да се дадам максимално и да го достигнам мојот максимум. А кој ќе биде тој максимум не можам да кажам сега. Нормално дека имам една мала коцка во листата на желби која треба да ја штиклирам, а тоа е да играм во Лига на шампиони. Ќе се стремам да ја остварам, но и да не се оствари, битно ми е да бидам посветена и да бидам најдобра верзија на себе – тоа ќе ме радува многу. Најбитно е да ме чува Господ од повреди и да имам здравје, така што за сѐ друго може да се најде решение. Задоволна сум и од заработката. А сево ова ми се случува благодарение на многу големата поддршка од дома, тие се мои најголеми фанови – моите родители, брат ми, потесната фамилија, мои другарки кои и не се во спортот, но кога и да играм со Репрезентација сите вклучуваат телевизор или доаѓаат во Скопје да ме гледаат, така што, искрено, кога имаш таква поддршка од своите, не играш само за себе – играш и за нив! Дополнителна среќа е што и моето момче е спортист, кошаркар од Скопје, и сосема ме разбира како се чувствувам. Дури мислам дека тој повеќе време троши да ми даде поддршка мене отколку себе, така што, кога сум опкружена со такви луѓе не можам, а да не го давам и јас својот максимум…

Редакцијата „Плоштад“ ѝ посакува многу успех на прекрасната на Јована, да ѝ се исполнат желбите и повеќе отколку што си ги замислува. Јована, Bonne chance, chérie!

Валентина Ѓоргиевска Парго