Почетна СТЕТОСКОП Токсичната женственост не значи демонизирање на самата женственост

Токсичната женственост не значи демонизирање на самата женственост

stetoskop

Кога ќе кажеме „токсичност“ најчесто мислиме на однесување од страна на мажите кон партнерките. Терминот „токсична машкост“ доминира во разгворите за родова динамика. Меѓутоа, комплексноста на родовите улоги е огромна и денеска може да зборуваме за уште еден концепт – токсична женственост.

Иако поретко се дискутира, токсичната женственост е важен феномен што заслужува внимание. Преку психолошка и социолошка перспектива, можеме подобро да ги разбереме нејзините корени, манифестации и влијанието врз поединците и општеството.

Што е токсична женственост?

Luxury Catering Service

Токсичната женственост се однесува на придржувањето кон традиционалните женски родови улоги и однесувања на начини кои што се штетни за себе или за другите. Таа опфаќа однесувања и ставови кои што ги зацврстуваат стереотипите, ја потиснуваат индивидуалноста и ја одржуваат нееднаквоста. За разлика од токсичната машкост, која често се манифестира преку агресија, доминација и емоционална репресија, токсичната женственост најчесто вклучува пасивна агресија, манипулација и наметнување на крути родови норми.

Важно е да се нагласи дека токсичната женственост не значи демонизирање на самата женственост. Женственоста, исто како и машкоста, претставува спектар на особини и однесувања што можат да се изразуваат на здрав и поддржувачки начин. Сепак, токсичната женственост се појавува кога овие особини се користат како оружје за манипулација и директно им наштетуваат на поединците или придонесуваат за одржување на системската нееднаквост.

Психолошка перспектива

Од психолошка перспектива, токсичната женственост често произлегува од општествената условеност и прифатените родови норми. Уште од најрана возраст, девојчињата се социјализираат да даваат приоритет на особини како што се грижливоста, прилагодливоста и изгледот. Иако овие особини сами по себе не се негативни, притисокот да се усогласат со нив може да доведе до штетни последици:

Самопотиснување: Жените може да го потиснат своето автентично јас за да се вклопат во општествените очекувања, што може да доведе до проблеми како што се ниска самодоверба, анксиозност и депресија. Постојаната потреба да бидат „допадливи“ или „совршени“ може да создаде расчекор помеѓу нивниот вистински идентитет и улогата што чувствуваат дека мора да ја прифатат.

Сопствена мизогинија: Токсичната женственост може да се манифестира како сопствена мизогинија, при што жените несвесно усвојуваат негативни убедувања за сопствениот пол. Ова може да вклучува строго осудување на други жени кои не се придржуваат до традиционалните норми или гледање на женственоста како помалку вредна од машкоста.

Релациска агресија: Психолозите забележале дека токсичната женственост често вклучува релациска агресија – однесувања како што се озборување, исклучување од групата или суптилна манипулација кон други жени (и мажи). Овие однесувања обично произлегуваат од желбата да се одржат социјалните хиерархии или да се добие одобрување во рамките на патријархалниот систем.

Социолошки импликации на токсичната женственост

Социолошки гледано, токсичната женственост е длабоко поврзана со патријархалните структури. Таа ги зацврстува и одржува родовите нееднаквости преку поддржување на постоечкиот поредок. Наведувам неколку примери:

Зацврстување на родовите улоги: Токсичната женственост ја наметнува идејата дека жените треба да бидат пасивни, покорни и насочени кон својот физички изглед. Овој став не само што ги ограничува можностите на жените, туку и создава непотребен притисок врз мажите да се придржуваат кон крути машки улоги, одржувајќи циклус на родово засновани очекувања.

Конкуренција и поделеност: Токсичната женственост може да поттикне конкуренција меѓу жените, особено во области како што се физичкиот изглед, односите или професионалниот успех. Оваа динамика на „лоши и добри девојки“, која често се велича во медиумите, ја нарушува солидарноста меѓу жените и го одвлекува вниманието од колективните напори за спречување на системскиот сексизам.

Културно и медиумско влијание: Општествените наративи, што се пласираат низ медиумите, имаат значајна улога во формирањето на токсичната женственост. Од бајки кои ја глорифицираат пасивната хероина, до реални ТВ шоуа кои наградуваат манипулативно однесување, културните пораки можат да ја нормализираат, па дури и да ја слават токсичната претстава на женственоста.

Точка на пресек меѓу токсичната женственост и феминизмот

Еден од предизвиците во справувањето со токсичната женственост е нејзиниот пресек со феминизмот. Додека феминизмот се залага за рушење на патријархалните структури и за оснажување на жените, токсичната женственост најчесто функционира токму во тие структури. На пример, притисокот да „имаш сè“ – убавина, кариера, семејство – може да се види како современо одржување на токсичната женственост, каде што се очекува жената да блесне во секој аспект без прашање или поддршка.

Феминизмот, во својата суштина, се залага за избор и реакција. Од аспект на феминизмот, токсичната женственост е усогласување на жената со родовите норми, оние кои традиционално се поврзани со женственоста, а тоа е спротивно на вистинското оснажување на жената.

Прекинување на кругот

Справувањето со токсичната женственост не би требало да се сведе само на зборување за неа – туку на промена на начинот на кој живееме и како дејствуваме. Разбирањето на токсичната женственост е првиот чекор во справувањето со неа. Длабоко сум убедена дека оджувањето на овој феномен е штетен за нас жените. Репресијата, лажниот свет и илузии, неискреноста и подредувањето, не оставаат доволно простор за слободен живот, раст, развој и радост. За почеток, можеби треба да тргнеме со:

Прифатете автентичност: Создајте простор каде што луѓето – особено жените – можат навистина да бидат тоа што се, без да чувствуваат потреба да се усогласуваат со застарените родови очекувања. Ова значи, да им се дозволи на жените да ја изразуваат својата женственост како што сакаат, без разлика дали е нежна, силна, секси или нешто помеѓу, а во исто време да ги прифатиме сите форми на машкоста.

  1. Преиспитајте ги наративите: Не прифаќајте ги едноставно приказните што ни се кажуваат. Активно предизвикајте ги културните пораки кои ги туркаат жените во ограничени улоги. Едуцирајте се себеси и другите за медиумските наративи и поддржувајте содржини кои ги прикажуваат жените како комплексни, моќни личности кои не се дефинирани само од површни стандарди.
  2. Изградете вистинска сестринска солидарност: Наместо да се гледаме една со друга како конкуренција, да се поддржуваме, но вистински. Изградете односи каде што жените се поддржуваат една со друга, ги споделуваат своите приказни и се држат заедно. Оваа солидарност може полека да ги избрише токсичните поделби коишто не ставија една против друга и коишто ни го одвлекуваат вниманието од поголемата слика.
  3. Именување на успехот според наши услови: Престанете да ја мерите вредноста на жените според тоа како добро се вклопуваат во тесните очекувања на општеството – без разлика дали станува збор за изглед, кариера или односи. Да го префрлиме фокусот на личното исполнување, раст и на оној успех што доаѓа одвнатре. Ова ја отстранува потребата постојано да ги исполнуваме туѓите стандарди и им овозможува на жените да го најдат својот пат до лична радост и исполнетост.

На крајот, целта не е да се негира женственоста, туку да се промени на начин што ќе им дозволи на жените да живеат автентично, ослободени од ограничувањата на токсичните норми.

Драгица Стаменковиќ

Лиценциран психолог, европски сертифициран психотерапевт, м-р по клиничка и советодавна психологија, тренер