Почетна ИНТЕРВЈУ ЃОРЃИ ГЕОРГИЕВСКИ: Детето треба да создаде навика за физичка активност уште од...

ЃОРЃИ ГЕОРГИЕВСКИ: Детето треба да создаде навика за физичка активност уште од најрана возраст!

Ѓорѓи Георгиевски е професор по физичко образование, спорт и здравје во  О.О.У. „Браќа Миладиновци“, Куманово. Се обидува несебично да им помогне на најмладите во креирање на своја здрава иднина.

Од нашата средба со ова вредно и позитивно момче, произлезе интервју кое ни дава слика како е дизајнирана програмата, којашто на учениците треба да им го покаже правилниот пат кон грижа за своето тело и здравје.

Вие работите како професор, а присуството на млади сили во образованието е освежување и тоа е добро. Која е Вашата главна обврска?

Luxury Catering Service

– Веќе три години работам во основно училиште, сега сум професор на сите пет паралелки со ученици од прво одделение. Последователно одиме од прво до петто одделение, па се спуштаме повторно на прво. Да појаснам, всушност учителот/ учителката, добиваат тандем- професор по физичко образование. Оваа програма почна пред неколку години, откако Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, испрати проект до Владата, кој беше прифатен. Тие го согледаа тоа како добра идеја, да почнат децата да бидат физички активни.

Сметате ли дека одговорните го сфатија значењето на физичкото образование, за кое би рекла дека на долги патеки е поважно и од другото образование…

– Децата се бел лист хартија, на кој што треба да се запише, вметне, некоја навика за понатаму. Јас како професор сметам дека предметот физичко е можеби еден од поважните предмети кои што треба да го изучуваат. А физичката активност е најважна и затоа мислам дека ова решение – со професор од прво до петто одделение, е најдоброто нешто што можеше да се направи. Постои иницијатива да се воведе и професор по физичко уште во градинките.

Како се одвива предметот кој го предавате?

– Секоја паралелка вежба по 40 минути, три пати неделно. Е сега треба да се знае, едно е физичката активност, друго е спорт. Спорот е нешто професионално. Но, физичка активност треба како навика да ја имаат сите луѓе. Ќе ви кажам еден податок од Светска здравствена организација, во кој се вели дека за добро здравје постарите треба да имаат дневно најмалку 30 минутна активност, а најмладите најмалку 60 минути, за правилно оформувањето на телото. Тоа подразбира одење, пешачење, трчање, џогинг, вежбање… А, во ова време на компјутеризација и на сѐ поголема неактивност, според моја гледна точка и 60 минути дневно не се доволни, а и три училишни часа неделно можеби се малку и затоа сметам дека детето секој ден треба да има физичка активност, првенствено на училиште.

Опишете ни како изгледа еден час по физичко и како најмалите ученици ги воведувате во вежбите?

– Кога ќе дојдат децата во сала најпрво се пресоблекуваат: чисти патики, маичка и тренерки, а во потопло време и шорцеви. Ги редиме во линијата по височина и почнуваме – малку одиме на прсти, малку одиме на петица, за да го размрдаме стапалото. Продолжуваме со трчање за да ја подигнеме температурата на телото, а потоа се делиме и се поставуваме во пет реда и направиме вежби. Сите вежби се прилагодени за сите подеднакво и за машките и за девојчињата. Правиме лесни вежби со топки, со конуси, со топчиња- мали, поголеми, потешки, полесни и ткн. Кога ќе ги завршиме вежбите за обликување на телото ги правиме вежбите што треба да ја изведеме на тој час. Кај првачињата гледаме да го исправиме нивното движење, координација и праволиниски трчање, а потоа продолжуваме со гимнастика, колут напред и назад… Со повозрасните деца пак, изведуваме покомплексни вежби. Кај нив одиме на принцип на полигонска работа, каде има трчање со менување на правец, скокање и други вежби. Секако им правиме и мала меѓусебна конкуренција, за да им биде интересно на часот.

Кога има поголем ефект, кога часот на распоредот е прв, втор или некаде на крај?

– Најдобро е во првите часови, кога уште концентрацијата им држи. До првите три часа може да издржат, потоа веќе концентрацијата им оди кон надолно ниво, така што тука веќе се опуштаме со некоја игра. Воедно им објаснуваме на децата како да се чуваат, како да не се повредат. Повредите во спортот и игрите се неминовни. Ние сме тука да не го дозволиме тоа, колку што можеме, но најважна е концентрацијата на детето. Е сега кога ќе дојде до повреда, колку и да е мала родителот не треба да ја занемари и да ја остави сама да помине, со ставање на мраз на отокот, така што и за најмала повреда мора да се исконтактира медицинско лице и стручно да се утврди сериозноста на повредата. А, по повреда,  никогаш не треба да се брза со враќање на тренинг, прво нека заздрави убаво.

Што треба родителите да знаат плус, бидејќи многу од нив и дополнително ги носат децата на спортови. До кој степен треба детето да се форсира на таа возраст?

– Кога зборуваме за најмладите, да кажеме дека кога ги носат надвор од наставните активности, тоа треба да биде чиста забава. Поточно, градење на телото, но сѐ преку забава. Детето не треба да се форсира за од него да правиме спортист по наша желба- фудбалер, кошаркар, пливач, тенисер, или што и да е. Бидејќи форсирањето над неговите граници може да доведе до контраефект и тоа да почувствува одбивност. А, некаде веќе во средно училиште, тоа самото ќе си одлучи дали ќе се посвети на некој спорт многу повеќе или и професионално. Секое вклучување во спорот мора да биде постепено и сѐ друго потоа ќе си дојде само по себе.

Вас кои спортови најмногу Ве привлекуваат, на што најмногу се имате посветено?

– Јас сум професионален кошаркар, моментално играм во Прва лига со МКК „Куманово“. Тренирам од најмалата возраст, од мои шест години. Се надевам понатаму ќе одам и во тренерските води. Откако завршив факултет се вработив и како професор.

Значи ли тоа дека малку повеќе ги насочувате генерациите кон кошарка, како Ваш омилен спот?

– Не. Треба да се следат подеднакво сите спортови, како што е предвидено во програмата.

Околу исхраната, порано се велеше дека со полн стомак не се вежба. Што советувате во врска со земање на оброци и во која количина да бидат тие?

– Претежно децата во училиште земаат некоја лесна храна којашто им е доволна за да издржат и да можат ефективно да го завршат часот по физичко. Мора да се нахранети пред да дојдат на вежбање. Не се препорачува вежбање на гладно, но не се препорачува ни со полн стомак, прејадени. Тука морам да апелирам дека детето мора да јаде сѐ, да јаде зеленчук, да јаде овошје. Од родителите на поновите генерации често може да слушнеме дека „Детето не јаде краставица, не јаде пиперка, не јаде ова, не јаде она“ и „Ајде ќе јадеме брза храна“. Тоа порано или подоцна доведува до дисбаланс, до многу болести и некои несакани последици. Децата од најмалата возраст мора да се научат да јадат многу овошје и зеленчук, без избегнување.

Новите генерации исто и преку нивните онлајн игри, албуми со лепење на фотографии,  се многу поврзани со славни фудбалери, кошаркари… Се случува ли пред Вас, како нивен професор, да се идентификуваат со нив?

– Секако. На некои часови кога малку ќе ги опуштиме  преку некоја игра, најчесто  фудбал или кошарка, ќе почнат да ме прашуваат „Професоре, го знаете ли Роналдо… го знаете ли Меси? Професоре, јас сум Роналдо… јас сум Меси!“ и тоа е интересно.

Да се работи со деца е и благородно и одговорно. И кон нив и кон нивните родители. Мора да ги набљудувате цело време, тоа е сепак сложено. Деца како деца, доколку не се внимателни  за миг нивната игра може да премине „од играчка во плачка“. Што е она што постојано го имате во глава како потсетник за Ваша постојат педагошка будност? 

– Најважно кај децата е да се вљубат во тоа што го прават. Тоа секогаш е на прво место. Понатаму, правилно да го држиме телото, правилно да ги изведуваме вежбите, тоа е нешто што ме води и што сакам да го исполнам јас како наставник. И никогаш не дозволувам на детето да му биде здодевно на часот. Тоа би било пораз за мене како педагог и затоа секогаш имам на ум, игрите што треба да ги играме, да им ги претставам на интересен начин.

Дозволени се мобилни телефони?

– Не знам во другите училишта како е, но кај нас околу мобилните има строго правило. Штом ќе дојдат на училиште си има дел покрај вратата каде што ги оставаат своите телефони и не ги чепкаат до крајот на часот. Кога сум на замена кај поголемите, над петто одделение, забележувам дека некои од нив не вежбаат, не носат опрема, патики, седат на клупа и пишуваат на својот мобилен. Јас тоа не го дозволувам, а и мојата струка тоа не го поддржува како принцип. Таквиот ученик веднаш мора да се отстрани од часот.

Децата спортот го воспримаат и преку дополнителни тренинзи, гледање телевизија, навивања на натпревари, што создава една позасилена емоција или можеби и страст…

– Да. Така е. Страст да се победи, страст против конкуренција… Кога имаме такви натпреварувања, такви игри, каде што се јавува и  дофрлување едни од други „Ти си изгубил“, „Ти си послаб“, „Ти си подобар“, ја следиме играта и тоа колку се тие внесени во неа. Штом видам дека преминува во агресивност, ги смирувам. Но штом ќе заѕвони ѕвонче, ако се скарале или си префрлиле нешто, тие одат да се гушнат едни со други, тоа кај децата веднаш се заборава.

Пред неколку години се испеа една, сега веќе славна српска евровизиска песна „Уметница мора бити здрава“, во која на многу интелигентен начин беше вметната онаа епохална латинската изрека “In corpore sano”, или во превод “Во здраво тело, здрав дух!”. Поминаа многу векови откако старите Римјани укажале на тоа дека кога телото е здраво и духот е здрав. Тие се две споиви и неразделни работи додека организмот е жив, бидејќи веројатно доколку телото не е здраво и духот заболува, откако почнуваа таа фрустрација во него. Ова упатува ли на тоа дека спортистите се најздравите луѓе?

– Па, се согласувам со вас и со тоа што го констатиравте. Но, еве ќе се вратам пак на констатацијата колку е само паметно кај децата да се вметне психофизичката активност. Мислам дека од проектот што го направија, сега се следат и резултатите и бенефитот од истиот. Е, сега, нели „Во здраво тело, здрав дух!“, кога децата се физички активни, кога возрасните се физички активни, кога вежбаме сите ние сме поздрави, тоа е неминовно. И, на тој начин не го оптоваруваме здравствениот систем. За една држава да функционира како што треба, не смее здравствениот систем да е пренатрупан со болни луѓе, како што е сега. Тоа најмногу доаѓа од физичка неактивност. Луѓето ја немаат таа навика. За илустрација, може да сретнеме поинакви примери во скандинавските или во другите земји во Европа…Во Шведска гледав жена над 90 години облечена спортски како трча во паркот. Не е до годините, има психофизичка навика. А таа навика ѝ ја наметнал системот.

Рековте дека кај и нас резултатите од сево ова што сега се прави ќе дојдат подоцна…

– Да. Многу подоцна. Настојуваме да дојдат што е можно побрзо, но малку каскаме. Да бидеме искрени, добро е, гледаме се презема нешто и одиме понапред.

Мислите ли дека спортот ги развива и умствените и интелектуалните способности на еден човек?

– Да, да, мислам дека луѓето кои што се занимаваат со спорт полесно можат да се справат со некои ситуации, особено каде што се работи под притисок. Има луѓе кои што избувнуваат, веднаш реагираат бурно. Спортот ме научил дека сѐ мора да се заврши полека, стрпливо… Спортистите се стрпливи луѓе, бидејќи тие тоа многу го имаат поминато низ спортските тренинзи, каде што и мозокот им е трениран. Со тоа истовремено го тренираме и менталното здравје, затоа реков психофизичка активност.

Дефинитивно, ние треба да учиме од вас помладите. За крај што би им препорачале на повозрасните генерации?

– Да бидат што е можно физички поактивни. Не мора да спортуваат некој спорт, доволно е само навечер да излезат да пешачат барем половина час, да завртат некој круг на ветер, затоа што ако речам на чист воздух е апсурдно, воздухот е загаден. Нека имаат на ум дека физичката активност никако не треба да се потисне и никако не смее да се потцени. И секако, да конзумираат лесна и не толку мрсна храна. Понатаму, самите ќе си ја согледаат разликата во своето здравје.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго