Почетна МОЈАТА АЗБУКА Азбука на Љубинка Велкова

Азбука на Љубинка Велкова

Сончева насмевка, добрина и многу љубов греат душа вткаени во нејзиното име – Љубинка. Со топлина и букет убави зборови што ги дарува на саканите дома, на нејзината најмила Вики, на сите драги луѓе и на нејзините ученици, таа остава траен белег на безброј генерации како креативна и посветена учителка и како активен член на Здружението на одделенски наставници ЗОН Учител и во претседателството на Здружението на просветни работници – Куманово. Синоним за милост за сите што ја знаат, Бубе за Плоштад исплете пролетно венче, најлична азбука посветена на нејзината мајка.

A

Анархија, архаичност, акростих – Првото општо присутно во сите сегменти од живеењето , второто застарени стилови, изрази, но сепак значајни за ова денешно време, а третото почетни букви, мозаик од стихови.

Б

Благодет е да се има мајка која денес би славела именден – Благица (Благовец). Азбуката ѝ ја посветувам на мојата хероина, мама Бацка.

Luxury Catering Service

В

Викторија, нашата победа, милост и најголема радост, синоним за вредноста на нашето постоење.
Мило, скромно и ненаметливо дете, таква е Вики.

Г

Горда на моите родители, прекрасни и незаменливи.

Грб на кој носиш куп обврски.

Д

Драган, мојата поддршка, подвижна енциклопедија од кого можеш да научиш сѐ. Партнер со кој храбро и упорно го одевме патот пред да стигнеме до нашата победа – ВИКТОРИЈА.

Дом во кој се чувствувам своја и заштитена.

ДЕТЕ во себе, кој секој го носи цел живот.

Ѓ

Ѓердан од нанижани зборови (искрен, добар, лојален, кроток, тивок, честит), треба да го носиме за да научиме што е вредно во ова модерно време.

Е

Енергија, елан, емпатија (сите три заедно) носат мир, спокој, убавина…

Ж

Желба остварена, да бидам мајка, исполнет долгоочекуваниот сон кој стана јаве.

З

Зора во која ја слушам тишината и спокојот што дава чувство на смиреност.

Ѕ

Ѕвезда што секој ја носи на челото и која блеска и привлекува.

Ѕвоно кое не би требало да нѐ прекинува кога сме креативни, кога создаваме и твориме.

И

Идеја, интерес, идеологија во правец на усовршување на самиот себе.

Ј

Јас, скромна, тивка, оригинална но сепак своја.

К

Карактер, она што најмногу ме привлекува и она што го имам наследено од родителите.

Л

Лупа, голема но невидлива за да може да ги перципираме работите какви што се…

Лусија, најмилата и најмалата наша внука.

Љ

Љубинка, име кое носи љубов и дава љубов.

Љубомора, збор на кој сум алергична.

М

Мисла, која често знае да ме расположи , но и да ме натажи. Велат, какви мисли имаш таков ќе ти биде и денот.

Мартин, Матео нашите прекрасни внуци , мили и духовити.

Н

Надеж, нов ден исполнет со сончевина и бистар ум.

Њ

Њушка, Кумановци така ги отсликуваат незгодните персони.

О

Огледало во кое секој треба да се погледне и да ја види вистината за себе…

П

Песна од срце и душа, подарок кој најмногу сакам да го дарувам на драгите луѓе.

Р

Раритет, тешко е да си во овој свет, но сепак ги имам околу себе и ги сакам.

С

Семејство, дар од Господ , мое најмило и најдраго.
Тоа е нишка која нѐ сплотува.

Сестра, сосема различна од мене, но сепак е моја сестра.

Т

Татко мој, кој имаше посебна добрина, човек со очи ко на срна.

Тамара нашата прва внука, моја другарка со која споделувам дел од секојдневието.

Ќ

Ќејф, да си направиш на себе, без да размислуваш што ќе кажат другите.

У

Учител, ученици, дел од моето професионално опстојување и креирање.

Универзум, каде ја давам својата љубов и енергија секој миг од моето постоење.

Ф

Фељтон, има моменти во кои би пишувала романи за многу мои сегменти од животот.

Х

Христијан Карпош, училиште во кое работам, соработувам и едуцирам нови генерации.

Хор за возрасни (она што недостасува во нашиот град).

Ц

Цвет, биди како цветот кој не размислува за натпреварување со другите цветови, тој само цвета. ТАА СУМ, ТАКВА СУМ.

Ч

Човек, колку тоа гордо звучи – Максим Горки.
Биди ЧОВЕК, секогаш и секаде.

Џ

Џабе ти е едукација ако немаш мотивација, почит и разбирање.

Ш

Што ми е гајле! – Зрелоста си го кажува своето.

Шаховска табла со фигури. Такви сме и ние луѓето, нѐ поместуваат, нѐ буткаат ако им дозволиме.

Шега на своја, но и на туѓа сметка. Шегувајте се луѓе, дружете се меѓусебе.